Чек да брцнам во ташнава: Брачен секс, или готвење

Добивај вести на Viber

Една реченица која ја прочитав минатава недела и која ми ја одбележа неделата е дека:

-  „Подосадно од брачен секс се само емисиите за готвење“, што сега веќе можат да се најдат на сите локални и нелокални телевизии.

Заборавив кога, каде и во кој контекст ја прочитав реченицава, но ставов не го заборавив.

Едно-две ќе се сетев на неа. Врти-сучи, легни стани, па ќе ми текнеше на реченицава.

Си велам, што толку те заголицка работава!?

Особено се прашував, бидејќи знам дека само нештата кои ни се пикнале во потсвест, можат да ни прозвучат, како нешта кои можеби некогаш или и ние сме ги изговориле, или барем сме ги помислиле. Или можеби дури и ни се случуваат, а ние не сме свесни.

А многу сакам да тарашкам по сознанијата на луѓето и да ги расчленувам овие „животни сознанија“, (кои јас си ги нарекувам „рецепти“), на состојките од кои се направени.

Ми се пикна реченицава „под скалп“, затоа што две работи, кои мене ми се на листата пет најважни работи во животот, некој ги става наеднаш во групата на најдосадни нешта.

Ај си викам ќе фатам да чепкам, па ќе видам што ќе излезе.

Готвењето ми е врвна мајсторија. Една од моите омилени активност. Не знам што повеќе сакам да правам.

Дали да сецкам магдоносот и тоа баш онака како што сецкаат по емисииве за готвење. Со голем остар нож и само так-так-так. Ко машинка.

Или пак да маринирам јагнешко во рузмарин и џем од црни сливи. Сакам и пита кога сукам и чорба од риба кога правам. Сакам сосови од лук, од авокадо од целер. Сакам! Уживам!

Уживам и прах-шеќер кога наросувам со цедалка над ванилици.

И во моцарела кога врткам пршута.

Немам ништо против и новите рецепти, оние што се како уметнички дела.

Голем тањир, па на нив како со четка повлечен џем од јагоди, наросен со бибер во разни бои, а во средина парченце бифтек, украсено со цвет од темјанушка и еден лист босилок.

Не се ужаснувам од вакви работи. Напротив! Ги сметам за уметност.

Не ми е страно ниту да мацкам со „крајче“, во смесата што ја создале патлиџанот, кромидот, краставицата и сирењето.

Да лижам прсти и да ми се цеди сладолед низ брада.

Како може ова некому да му е досадно и да го стави на листата најдосадни работи во животот.

Си мислам и уште не ми текнува.

Мене тоа со сладолед на пример, кога се топи и ви се цеди по брада, одма на секс ме асоцира.

И таму не знам што ми е поубаво.

Дали кога прекрастуваш нога преку нога и мајсторски наросуваш трепет сладок немир во просторијата, или кога безглаво жива вода вратена среде лето од работа џиткаш се од себе и кога цела куќа плива во страст и кога таа страст тече низ прозори.

Како може ова некому да му е досадно!? Не ми е јасно!

Или на пример, кога лакираш нокти со црвен лак. Па кога рецимо седите во отмен ресторан, келнерот сипува вино, а ти ги буткаш сопствените чевли од нозете. И ова ќе ми рече некој дека е досадна работа во животот.

Па уште сто животи да живеам готвењето и сексот никогаш нема да ми станат досадни. Како ни концерт на Пинк Флојд. Ама тоа не е тема сега.

Како не е тема. Тема е. И Пинк Флојд ти е истото. Може ли некогаш досадно да ти стане!? Не може. Тоа е музички секс, направен по најдобар рецепт.

Има таму, во готвењето и во сексот толку многу рецепти и експерименти и во едното и во другото, што цел живот човек може да си игра.

Ама не беше муабетот секс, туку брачен секс!!

Аааааа.

Исто и брачно готвење!?

Да!!

Ахаааа....

Па чекај! Зошто би ти станале брачниот секс и брачното готвење досадни!?

Тука всушност треба да се тарашка, по бракот.

А не по сексот и по готвењето.

Или!? Да не не сум разбрала нешто како што треба.

Си реков.

Тогаш е тоа друго дваесет.

Ние тогаш правиме муабет за нешто сосема друго. Дека всушност човекот во бракот ни станува досаден.

А не готвењето и сексот.

Така!?

Епа така излага.

А зошто ни станува досаден!?

Па дека го гледаме секој ден.

Па и себе се гледаме секој ден, па не си стануваме досадни.

Ама тој ни ги изневерува очекувањата.

Аха. А сами себе си ги изневеруваме ли очекувањата!?

Па си ги изневеруваме.

Епа тогаш!?

Ама сами себе си простуваме.

Па зошто да не му простуваме и на другиот!?

Епа ти сега многу сакаш!

Епа сакам.

А ти не сакаш!

Сакам.

Епа сакај.

Сакај и да готвиш и да имаш секс.

Само ти сакај. Ќе видиш дека и другиот ќе сака.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: