Чек да брцнам во ташнава: Чекачите на ред во аптека

Добивај вести на Viber

Многу добро си го познавам карактерот. Имам направено триста глупости и грешки во животот.

Ама имам направено и неколку одлични потези преку кои добар дел од овие грешки успешно се нивелирале.

Кога сум седнувала да направам „математика“ и на едните и на другите потези, точно сум доаѓала до констатација „каква личност сум јас“.

Брзоплета, непромислена, хазардер, „грлом у јагоде“, што на ум то на друм, нетрпелива, нервозна, превртувам со очи, мислам дека сум најпаметна, ретко кога пред да превземам нешто ќе седнам и ќе направам план. Не! Прво ќе направам тоа што треба да се направи, па после ако ја оплескам, ќе седнам да си ги барам грешките и сѐ ќе ми стане јасно. Но, ако ми успее потфатот е тогаш на радоста ѝ нема крај и тогаш мислам за себе дека сум најпаметна на свет.

Ама, ниту тогаш не седнувам да видам која стратегија ме довела до тој успех.

Затоа и немам „прирачник“, кој ќе го користам пред секоја следна одлука, или потфат, туку бааам, па што биде.

И затоа знам дека сум и брзоплета и хазардер и сѐ она што го набројав пред малку.

На пример, многу добро се сеќавам дека мајка ми ангажираше професор по математика и тоа во основно школо, за да ја поправам двојката, бидејќи битно беше во кое средно ќе се запишам, а тоа зависеше од успехот.

Математика никогаш не ми одела, само затоа што е темелна наука и се базира на процес, во кој не смееш да пропуштиш ниту едно поглавје во низата, бидејќи тоа го држи цел процес во редослед.

Ова е смрт за мене.

Ми задава професоров една задача и ме тера да ја решам во цела постапка, односно со ред.

Јас ја гледам задачава, размислувам едно петнаесет-дваесет секунди и го кажувам резултатот.

Професоров мисли дека блефирам и почнува да ја решава задачава со ред. Излегува тој резултат.

После тоа ми зададе уште десет такви задачи. Шест- седум беа со точен резултат, а останатите со грешен.

Се мачеше професоров едно недела дена со мене обидувајќи се да ме научи на ред и откако не му успеа ѝ кажа на мајка ми дека не може да работи со мене.

Мајка ми не беше изненадена. Таа не може да ме доведе во ред, па не некој друг.

Ја многу „талентирано“ и успешно успеав да прешишам на писменава за крајната оценка, добив 5-ка на писменава и на крај на советот на наставници се согласиле дека бидејќи сите други оценки ми се 5-ки, дека ќе ми ја поправат и тројката по математика во петка и ќе бидам скроз одлична.

Се запишав таму каде што сакав.

Ете такви отприлика ми се и постапките во животот.

Ќе ја оплескам до таму до кај што може да се оплеска и после или нешто само од себе ќе се случи, или јас ќе направам некој маестрален потез и нештата сами ќе си се наместат, така како што е најдобро за мене.

И мене ова мото цел живот ми е ѕвезда водилка. „Нештата ќе се наместат така како што е најдобро за мене“.

Ама треба да ме издржиш.

Да, знам дека ги нервирам пола од луѓето околу мене и дека би ме задавиле да можат, ама исто така знам дека другава половина ме обожава и дека би ме штипкале по образите, ко мало дете што се штипка.

Арно ама последниве нееколку години почнав нешто и сама себе понекогаш да не се поднесувам.

Ме стигнуваат некои непознати нервози. Не се мои.

Си велам климкас ли е, години ли се, што ли е.

Пресметувам со моите „чувени“ математички формули и резултатот ми излегува „странски“.

Некои чудни бројки, некои децимали, некои точки и запирки.

Не ми се допаѓа.

Си велам, изгледа ќе морам да седнам и редоследно како поставена математичка задача со пет непознати полека полека, или ред по ред да дојдам до точниот резултат. Ужас. Ваква темелност, каква што сега се бара од мене е неподнослива за мојот табиет.

Нема друго чаре.

Седнав и фатив фиока, по фиока да прередувам по сите свои внатрешни долапи.

Леле, што сѐ не најдов и што сѐ не излезе оттаму.

Живи жаби.

Да, да!

Прво сфатив дека ќора саглам книга немам прочитано од памтивек. Дека сите што сум ги почнала сум ги оставила недочитани.

Второ дека софрата за ручек не сум ја наместила „ко ја шо си знам“, којзнае од кога, него се на малото асталче у дневна сервирам.

Во ќупот стојат непеглани три машини.

Лаванда, костени, или нафталин за молци којзнае од кога немам ставено по плакари.

Кондурите со влажна крпа, ималин и новини внатре уште од времето на мајка ми не сум го направила.

„Гардероберни комбинации“, а тоа значи која ташна, со која марама и кошула ќе бидат закачени и спремни за утре, уште одвечер, и тоа го немам веќе во аранжирањето на себе самата.

На пазар сѐ поретко одам, туку се пикам по маркетине и таму пазарам ем три пати поскапо, ем и што треба и што не треба.

Порано секое сабајле возев или точак, или ќе пропешачев малку, сега и тоа е одвратно ретко.

Многу често знаев сама да си седнам во меана и да си порачам кафе, или чак и салата и ракија. Сега ништо од тоа. Не памтам од кога.

Плакарите ми се полни со купени парчиња, за кои се повеќе и повеќе немам прилика каде да ги носам.

Тоа значи дека театарска претстава, концерт, опера, балет, филхармонија, вечера со пријатели, се нешта кои веќе на прсти се бројат, ама на годишно ниво.

И последно што сфатив е дека ако дента не потрошам некој динар, не се чуствувам добро.

Срам да ти е Тања. Си реков.

Исходот од вака поставената математичка задача ми даде негативен резултат. Сум отишла во минус.

А знаете ли како го открив ова!?

Живеам карши аптека, ја гледам од прозор.

И во недела, кога ништо друго не работи, пред аптеката има барем петнаесет-дваесет души кои секоја недела чекаат ред.

Откако случајно го забележав ова, застанав на прозор, почнав да посматрам и да размислувам.

Си велам дали оној момент кога се откажавме од сите овие фини ствари, без кои нашиот ум и тело не добива страствена и сластвена храна, ние станавме чекачи на ред во аптека.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин