Чек да брцнам во ташнава: Чипот на Бил Гејтс

Добивај вести на Viber

Сè ми се чини дека порано, ама зборувам за бајаги порано, пред некои 20-25 години, денот како подолго некако да траеше мајку му. Се сеќавам дека имавме време за сè. Уште од сабајле кога ќе се фатеше денот, во него ќе сместевме ко денеска во три дена што не не собира.

Ем постелина ќе се излуфтираше, а душеците со вода и оцет ќе се поминеа, за да се освежат и да светнат.

Да не си мислевте дека имавме средства за разни видови ткаенини!? Не, оцет и вода, „Билјана прашок“ и „Сјај“. И политура- „средство за гланцање намештај“. Толку. Ем после тоа, дворот ќе се изметеше, претходно попрскан со вода за да не се прави прашина. Сеедно дали е зима, или лето. Се метеше со оние мали метли, за чија што употреба треба фино да се наведнеш и после многу внимателно да се исправиш. Кичма отпаѓаше од тие метли. Фино-лепо сето тоа во „ѓубравник“, па во ќеса. Ова време (ноември - декември) со гребло, сите лисја од по дворот ќе се собереа, па ќе се сместеа во некои огромни кеси од „Трготекстил“, или „Беко“ (секогаш имавме такви кеси, од што сме купувале експрес лонец, или ќебиња) и во ѓубре. Ама ѓубрето беше, не ко сега вака на секој чекор контејнер, него еден до два на секоја улица. Па кога ќе ти речат оди фрли го ѓубрето, тоа ти е натака-навака едно 10-15 минути сигурно.

Да не си мислевте дека имавме градинари, ко денеска што има речиси секоја модерна, да не речам богаташка куќа!? Не, ние бевме градинари. Градинари беа тие по дома. Од најмалото, до најголемото. Со тоа што големите главно командаат, а децата работат. И да не си мислевте дека имавме црни ќеси за ѓубре!? Ахаа… За такви работи пари не се трошеа. Ви кажувам ќесите беа од „Трготекстил“, „Македонија спорт“, „Беко“, „Стоковна куќа“, „Мост“… Тие хартиените, во кои обично за роденден некој ќе ни донесеше во таква кеса нешто, или ако некој пат еднаш годишно се купеше нешто луксузно од „Рашица“, или „Мона“. На пример, се сеќавам еднаш мајка ми купи некој таков капут од „Мура“, за кој што секое облекување, на прашањето на татко ми „од кај ти е овој капутов“, му викаше „стар ми е, си го заборавил“. Така му викаше уште и за две ташни и едни чизми. Убаво се сеќавам.

Е таквите-убаите кеси се чуваа ко очи у глава. Здиплени, спакувани. За некојпат на гости кога ќе се оди, нештото во нив да се стави. Една во друга, од најмала до најголема. Пред некој ден, најдов едни такви кеси, кај мајка ми во подрум. Ги фатила и влага и се изгужвале и пожолтеле, ама никако да се фрлат. Чип е тоа дечки мои. Чип во главата. Ко овој сега, од кој што се плашите да не ви го вгради Бил Гејтс. Е ние со чип се раѓавме. Сега ќе ви кажам како изгледаа тие наши чипови.

На пример, за сè што ти е кажано еднаш, максимум два пати, не ли послушаш, или направиш нешто наопаку добиваш шамар, во превод воспитна шлаканица. Горе- доле, сите семејства имаве исти правила на игра и некако ако се подзамислам, не беше тоа некој список, па да седнеш да прочиташ и да го научиш. Не! Сите тие правила требаше ние децата да си ги знаеме. Од раѓање. Се менуваа од ситуација во ситуација. Ама секоја следна, требаше да биде претпоставена од претходната. Логична. На пример, ако случајно ти се испушти на мајка ти да ѝ кажеш МОРИ, или на татко ти БЕ, и попиеш шамар за тоа, следниот пат ако ти се случи да речеме да превртиш со очи, или фаца некоја да направиш, треба сам да си знаеш што ти следи. Да не се разбереме погрешно, за превртувањето со очи. Тоа се случуваше на пример, ако ти речат седни да учиш и два саата да не си излегла од соба. И ти чмаеш у соба два саата, излагаш точно на време, а татко ти ти вика, „врати се да доучиш уште еден саат“. Е превртиш ли тука со очи, поарно не излегувај од соба до утре. Всушност исто ти се фаќа, излегол не излегол, за такви реакции имаш казна. Нема излагање.

Значи сите овие правила главно кружеа низ сите семејства. Имаше додуша некои што се разликуваа. Во секое оделение имаше по два-тројца такви. Тие обично носеа флуросцентни „Монт“ јакни, нивните сендвичи, уште тогаш беа завиткани во алуминиумски фолии, имаа тетратки со тврди корици, и најубавите новчаничиња за моливи и пенкала. Се разбира и миризливи гуми и тенкоминци. Мене дома со нож ми го остреа моливот.

Кај таквите семејства ми се чини не важеа истите правила. Тие не мораа од школо право дома да одат, стално имаа пари да си купат бурек на голем одмор, а кога одевме на екскурзии, тие немаа ранче со сокови, смоки и сендвичи, него пари носеа. На некои од нив, или татковците им работеа во Германија, па оттаму праќаа такви јакни и моливчиња, на други татковците им беа директори во државни фирми, што подоцна си ги приватизираа. Бог знае како! До ден денеска не ми е јасно тоа. Маж ми 100 пати ми има објаснето и ја стално ко теле го гледам. Нешто не ми штима. Стално имам некои прашања од типот,  „а како вработените му ги препишале акциите!?, а како кога дошол дома, жена му нели го прашала од кај ти се париве!?, мајка му, татко му, не ли го прашале, а како ова, а како она!?“ .

Што шамари имам изедено за работи кои денеска се нормални и  за кои денеска мува не ги лази некои луѓе. Заборавив да кажам дека некои од нив, од тие различните во оделение денес се бават со политика, некои од нив до министри дотуркаа. Други се сопственици на болници, на хотели, трговски центри, аптеки…

Е такви беа нашите чипови. И да не грешам душа, ама се си мислам дека ако се вратат овие чипови, дека ништо нема да ни можат овие другиве чипови.

Всушност, сакам да прашам. Нема ли бе некој сајбија да се најде и да се стори, па наместо ова ајфониве, вакви чипови да произведе, за денот пак да трае подолго и во него да си сместиме пак нешта, ко денеска за истото три дена што ни требаат и нешта за кои нон стоп кенкаме дека сме мртви уморни и трчаме натаму-наваму како муви без глава.

Уф како би дошла добро една голема и силна воспитна шлаканица. На целиот свет.


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска