Чек да брцнам во ташнава: „Чувај Мишо реп, да не будеш слеп“
Колку е важно да сакаш некого на начин на кој што тој сака да биде сакан, наместо на начин на кој што ти мислиш дека треба да го сакаш?
Многу. Најмногу.
Мислам дека тоа е една од најсуштинските и најубавите работи во животот на една заедничка приказна. Каква било заедничка приказна. Не само со мажот. Туку и со децата. И со родителите, другарите, пријателите, вработените. Со сите.
Но дали е ова лесна работа!? Појма немам. Ама се си мислам дека не е баш. Дури си мислам дека и кога ќе ми успее да сакам некого баш како што тој сака да биде сакан, дека тоа е всушност мојот начин на сакање. И дека приказнава случајно се погодила. Всушност еднаш си мислам дека не е баш, а друг пат си мислам дека е баш. Баш лесна работа.
Цел живот истражувам по оваа тема. Со сите што ги сакам околу мене.
Приказнава ми се заплеткува малку, бидејки знам дека кога сум кенкала за дечковци, или мажи дека вака ми направил, онака ми направил, другаркиве од другава страна- “слушокенкачки“, кои сите ги имаме и мажи и жени, секогаш ми викале:
„Ама не можеш да очекуваш да те сака ти како што сакаш, глупо ти е тоа очекување“.
„Впрочем“ - ќе додадат, „толку може, толку знае човекот.
Толку му е дадено“.
Хм!
Секогаш тука ме начекувал коштецот. Стално сум си викала „можно ли е некому да му е дадено повеќе, некому помалку“!?
„Можно ли е некој толку да знае, а некој друг повеќе, или помалку“.
Некако не знам, ама никогаш не ми се верувало ова. Не ми се верувало дека баш е така. Се си мислам дека сите сме од исти материјал направени и дека сите горе-доле ги сакаме речиси истите работи. И дека сите исто умееме да сакаме. Односно дека сите умееме да сакаме.
Она што ми се верувало е дека некој е похрабар, а некој е помалку храбар.
Ти мислиш дека љубовта е храброст!?
Ау дааа!
И тоа како мислам дека е храброст.
Љубовта е најголемата храброст во животот.
Нема поголема храброст од тоа да си храбар да сакаш некого, како што тој сака да биде сакан, а не како што ти мислиш дека треба да го сакаш.
Се друго е “иде мачка поред тебе, пази да те не огребе, чувај мишо реп, да не будеш слеп“.
Е како!?
Епа така.
Ај признај дека еден куп работи за кои знаеш дека ги сака маж ти на пример, не му ги правиш само поради тоа што се плашиш дека “ќе се опушти“ и дека ќе почне да глуми лудило.
Колку пати истото си го забележала и од каршија. Од негова страна.
Јасно ти е и тебе дека и тој тактизира. Дека и тој еден куп работи за кои што знаеш дека знае дека ти ги сакаш, свесно да не речам намерно не ги прави или ги избегнува.
И никој не признава дека е така. И да го прашаш, или и да те праша, со најискреното прашање на свет, кое патем како по правило звучи глупаво на пример “добро знаеш дека сакам да ми направиш кафе од сабајле и зошто не го правиш тоа почесто“!?, нема да признаеш ниту ти, ниту тој. Еден куп изговори ќе следат од типот “не ми текна, па сакам и јас и ти мене да ми правиш, ако му направам нема да го фрли ѓубрето, ако вака, ако така“. Заплеткани сме во вакви “пресметани пресметки“ едни со други и цел живот ја играме оваа игра на мачка и глушец.
Како на почетокот точно знаеме што сака!? И како и тој на почетокот точно знае што сакам јас. Знаеме, знаме и тоа како знаеме. Ама се правиме на будали, оти така ни чини. Всушност не ни чини, оти сами си заплеткуваме мрежата, па после “колариќу, паниќу, плетемо се самиќу, сами себе заплиќемо, сами себе расплќемо“. Е баш ова го правиме цел живот.
А од овие сплеткарошки игри ни зависи речиси се‘ во животот. И радоста и среќата и работата и убавината. И смеата и младоста. И староста.
Еднаш една другарка ми рече. “Абе не може така“. Или ќе газиш, или ќе те газат“. Сто кила муабет потрошив да ја разубедам и да ѝ објаснам дека не е така. И таа исто толку кила убедување потроши и не ѝ успеа. Сто живота да имам, никогаш нема да мислам така.
Бидејки, ене ја гледам, како си го гази мажот, ама мене ми личи тоа како сама себе да си се гази.
А знам дека сака да сака. Ама пусти страв да не биде згазена.
Ништо, само сакав да ви кажам дека една моја друга другарака пак, која отиде со мајка ѝ која има 80 години на одмор во Грција, мораше да се врати во Скопје поради обврски. Ја остави мајка си таму сама, затоа што таа-мајката сакаше така. Ќеркава не се уплаши од таа своја одлука и не ја пикна мајка си во кола за таа да си биде раат, бидејки ја сака мајка си и верува во неа. Тоа за мене е љубов. А многу други скокнаа против. Како можела така!? Па така, била храбра да ја сака мајка си и да ја испочитува нејзината желба. Ете така.
Еден другар пак своите две ќерки цел живот, од како проодеа и прозбореа, ги остава сами да донесуваат одлуки. Кога ќе станат од спиење, кога ќе легнат, што ќе јадат, до колку ќе останат надвор, кој ќе им биде дечко, со кој спорт ќе се занимаваат, каде ќе се запишат, што ќе студираат, што ќе работат. Милина ми е кога го гледам како разговара со нив.
Ја гледам храброста да имаш храброст да му веруваш некому и да го сакаш на начин на кој што тој сака да биде сакан.
Се друго е “Чувај мишо реп, да не бидеш слеп“.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: