Чек да брцнам во ташнава: Овде си бивша жена „со сите салтанати“

Добивај вести на Viber

Сум била бивша жена. И точно знам како е.

Судови, центри, процеси. Сè како шо треба. Како што е бивша жена овде кај нас. А богами и пошироко на нашиве простори. Бивша жена со сите „салтанати“.

Од Северина, гледам сега и Тамара, па се до некоја помалку позната „женичка“.

Речиси сите жени кај нас и нашиве простори поминуваат низ иста, или слична голгота.

Но случај за посматрање е начинот на кој реагира публиката кога станува збор за јавна личност.

Колку е поубава и поуспешна, толку поголем „данок“ ќе треба да плати. А згора на тоа ако е и успешна, умна и самосвесна!! Абе да можат на ражен да ја печат, ќе ја испечат и ќе мацкаат од сокот.

Не знам вам, ама мене ми е совршено јасно дека тука станува збор за и исклучиво само за женска злоба.

А за машките „таратајки“, кои исто така коментираат на вакви ситуации, не знам што да кажам. Мислам знам, ама тоа би поминало во невкусна сексуална анализа, така што тука само на ова ќе се задржам.

Се срамам што е ова вака. Се срамам и за многу други работи што се вака кај нас, ама сè додека не измислат нова планета, на која ќе можам да побегнам, ќе бегам во својот микро свет. Маж, деца, цвеќара, репортажи, по некој концерт, претстава одвреме навреме, гости на ручек-вечера и тоа.

Со овие колумни само си ја „подлечувам совеста“, дека не сум баш толку слепа и глува колку што се правам.

Значи не може да си овде бивша жена два-три дена. Идеш, потпишуеш, се поздравуеш, се слушаш за арно, за лошо и цп-црп. Аха! Многу глеаш филмови. Овде си бивша жена „со сите салтанати“.

Тука ако му речеш на мажот да се разведеме, ама да си останеме пријатели, па додека не порасне детево да отидеме сите заедно до Маврово на скијање, ако треба, или на викенд у Грчка на пример, тој ќе те гледа ко Марсовец што би се гледал, ако наеднаш ти искочи пред очи у гаража у подрум на пример.

Нешто ко „ти нормална ли си!?“

Ја сеа планирам сите пиштоли и ножеви да ги извадам и тука да те влечам низ цел град на јаже, додека не испуштиш душа, а не у Маврово ќе сум одел со тебе.

Ќе си дојдеш дома, препрашувајќи се што тоа погрешно изустив на човеков, со кој што живеев толку години.

Можно ли е толку различни аршни да имаме и толку да не се познаваме.

Можно е!

Ама тоа „можно е“, се дознава дури откако ќе тргнеш по тоа судовите и по тоа центрите.

Какви ли тоа „будалаштини“ и вулкани и громови се палат во некои од нас, никогаш не ми стана јасно.

Мене додуша ова многу одамна ми се случи. Поминати се едно дваесет години оттогаш. Скоро сè ми е заборавено и пребришано.

Но она на што многу добро се сеќавам е нешто кое до ден денес не е променето. Ни за влакно. А тоа е, дека мажите удираат по алиментацијата и по приказните „мајка ти ваква- мајка ти таква“….

А жените пак удираат по детето и по „татко ти ваков, татко ти онаков“.

Значи во такви душмани се претвараме, што просто мислам дека сите треба да не праќаат на некаков си Голи оток, на воспитна, ама пред да тргнеме по тоа судовите и пред на децава душата да им ја искривиме и животот да им загорчиме. 

Па од таму вратени ко бајчиња, да се поздравиме ко луѓе и да си бидеме бивши мажи и бивши жени ко шо треба.

Ама има една работа која ич не ми е јасна. Чудно обратно пропорционална е.

Мажот кога ќе најде друга жена почнува голготата.

Сè додека е сам, некако има шанси да се разбереш. Ама штом влета нова женка, како друг човек да станува.

Сила ли добива, таа ли го с’ска не знам.

Ама мислам дека сакајќи да испадне мангуп и фраер пред неа, почнува со сите тие глупости.

Фаќа нејзе да ѝ раскажува „вака било-така било, онаа за никаде беше, ни ручек готвеше, нит судои миеше и сè по ред“. Сиот валкан веш. Дали на тој начин ѝ се додворува на новава и дали на тој начин и покажува колку ја сака, или пак ѝ кажува и нејзе што ќе ја снајде ако не готви и ако не мие садови навистина не знам. Само знам дека е ова таква глупоштија на која ѝ нема рамна.

А кај жените е обратно. Тие, кога ќе влезат во нова љубовна врска, некако одма се смируваат. Нит досаѓаат веќе, нит малтретираат нит ништо.

Едноставно, веројатно си наоѓаат некој кој ќе им го порамни чувството на љубов, заштита и разбирање. Трите основни компоненти од кои зависи расположението на речиси секоја една жена.

А додека се сами, а најчесто остануваат сами за жал, да можат ѕрцките да му ги извадат на мажот, ќе му ги извадат.

Те не може детово овој викенд, те зошто си го носел кај мајка ти, те цел ден ли со тебе у кафана седеше, те однеси го детево у театар. Сега може, сега не може… Абе ко јо-јо да си играме со децава.

Затоа, жени откако ќе станете бивши жени, што почесто давајте им ги децата на мажите за да можете да најдете нова љубов и да си ја смирите душата.

Одамна имам слушнато од една стара-„ербаб“ жена ваква реченица:

„Да имаат три чисти жените, ко што немаат, па да им го дадат детето на мажот, а тие да го земаат за викенди и за фини ствари сè ќе биде поинаку.“

Нит со една плата коси ќе корнат како да ѝ наранат децава, нит ко спопалаени ќе бидат што попрво да напраат, нит па децава ќе ги малтретираат, користејќи ја ситуацијава.

Ем пред таткото пиперевка ќе играат, ем тато пошто има пари, ќе имаат и нови патики и нов точак, ем сè ќе си биде по таман.

Ама не! Кај нас вакво нешто ако направиш одма на сред плоштад има да те каменува цел град.

А тоа што децава си ги каменуваме, тоа ако.

За на крај сите да речеме „да ми е сега овој памет, а тие години“.

 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: