Чек да брцнам во ташнава: Дали има чесно неверство?
Од поодамна се обидувам да не се плеткам многу-многу во разрешување туѓи морални дилеми.
Кој е прав, кој е крив. Кој кого зезнал, кој на когу му должи. Овој платил, оној не платил. Таа го оставила него. Не, тој ја оставил неа. Ама таа била ваква-таква. Не била мајка, не била саглам жена. Ручек не правела, кошулите не му ги пеглала. Тој бил женкар, бил пијаничиште, не се прибирал дома. Мајка му се мешала во живот, бившата жена, детето од претходниот брак…
Мисламммм, умот да ти се сомеле.
Одамна знам дека ако се обидеш совети да делиш или не дај Боже страна да завземеш, на крај ни крив ни должен, може да се случи ти да си го извлечеш подебелиот крај.
Така што, се трудам нит да се мешам, нит да исправам криви-дрини, а камо ли да судам, кој е прав, а кој крив.
Баба ми викаше „будала чоек нема, секој си прави како му е арно“.
Може да се случи некогаш околностите, така да се наместат за да те заплеткаат во некаква животна каша, ама главно мислам дека секој од нас, сам си ја плете сопствената мрежа.
Тешко е ова на прва да си го признаеш, ама секако животот ќе те намести, пак да се стуткаш во истото, или слично ќоше и да си видиш каде ти била грешката.
Порано, или покасно „фактура“ на наплата доаѓа.
Да не се лажеме.
Како и да е, пиеме кафе пред некој ден со една пријателка и таа фати да ми раскажува една приказна стара дваесет години.
Муабетов беше дека мажот цел живот ја изневерува жена му, а таа не го остава. И ене ги сѐ уште се заедно, тој ја изневерува на секој чекор, а таа е сѐ уште со него.
Ја слушам приказнава, веќе научена да не мерам по туѓи аршни, мислејќи си дека секој од нив си има своја причина зошто го прави едното, или другото.
Тој си знае зошто му требаат други жени за некои негови потреби, таа си знае зошто му го амнестира овој „порок“.
Ми залетна кафето и се засркнав, откако другарка ми се изјасни дека многу „почесно“ било неговото неверство, отколку нечие туѓо.
Молам!? Зошто!?
Бидејќи тој дошол дома и ѝ кажал!!
Демек имал „три чисти“, да не речам нешто друго, па си доаѓал дома и без грижа на совест, си ставал клуч у брава. Значи без никаква грижа на совест си ручал, си гледал телевизија, си играл со децата, си пазарел, одел на одмор, на викенди, по гости на слави….
И без грижа на совест му доаѓале на гости нејзините родители, мајкава и татково на женава нели, неговите родители исто така…
Демек сѐ си било нормално и сѐ си било легитимно бидејќи они двајца си знаеле дека тој има и други жени.
Се закачив на јадицава ко риба на дождливо време и почнав да прашувам.
Која е женава, дали и таа него го изневерува со други мажи, што работи, од каква фамилија е…
Се слушам себе си дека се понашам ко „стрина“ некоја, ама не сопирам.
Ќе судам работава.
Ама не ним двајца, туку на другарка ми, која вели дека неговото неверство е чесно.
Откако ми раскажава дека жена му е злато човек, дека се откажала од својата докторска каиера, во име на неговата, дека се „послала“ за семејството, дека имаат три деца, дека е мила, питома, паметна, образована, ама истовремено и тивка, кротка и од многу угледна фамилија и дека во животот на мравка не згазнала, очи ќе ми истечеа, уши ќе ми исчуреа.
На крај капак на сѐ беше и кога ми кажа дека цел живот ко Тито го сака.
Ми се идеше да ја задавам. Како може да мисли така!?
Дека некој е чесен ако дошол дома и кажал „види драга моја, јас те изневерувам“.
Тоа всушност во вистинска форма звучи вака:
„Јас те изневерувам и знам дека тоа е престап кој ретко кој може да го поднесе и да го толерира, бидејќи не сум глупав и знам дека прв јас не би го толерирал тоа, ама бидејќи ја познавам твојата душа и бидејќи знам колку ме сакаш и бидејќи знам дека си посветена мајка и дека децава ти значат сѐ на светот и бидејќи знам дека ќе умреш од срам ако им кажеш на твоите родители дека јас те изневерувам, а тие мислат дека нивната ќерка е среќна, бидејќи тоа е за нив најважната работа на светот, всушност дека за твојата среќа живеат и бидејќи исто така знам дека ти таква каква што си, мила тивка, кротка, дека вината ќе почнеш во себе да ја бараш и себе ќе се посипеш со пепел, мислејќи си дека сигурно ти не си доволно добра, дека веќе не си убава, дека не си секси и дека токму поради тоа јас сум морал да ноѓам други жени, ти ќе го прифатиш тоа како неминовност.
И уште нешто многу поважно, бидејќи јас немам сила сам да се носам со ова мое чувство, како што всушност не би имал сила ниту со животот да се носам, без тебе, затоа доаѓам и ти кажувам вакво нешто, и барам од тебе да ме разбереш. Всушност не барам, јас знам и сум сигурен дека ти ќе ме разбереш.“
Е така се вика тоа другарке моја и велам јас, на другаркава моја, која сакаше да ми објасни дека е почесно, ако веќе изневеруваш да дојдеш и да си кажеш дома.
Не, никако не е почесно. Ако веќе изневеруваш, тогаш имај храброст сам да се носиш со тоа, со таа одвратна тегоба, која ти го меле и умот и душата и срцето.
Единствено што е чесно во ваква ситуација е ако те фатат да признаеш.
Инаку друго ништо не е чесно.
Исто како што е чесно, дури и да не те фатат, после некое време, откако „сам себе ќе се фатиш“, да си ги спакуваш куферите и да си заминеш.
А на овој твојов кој мислиш дека е чесен, јас би му рекла „ти си едно обично лигле, еден неспособен и недораснат маж, кој не заслужува да се вика ниту маж, ниту човек.“
Е така речи му, односно поздрави го од мене другар ти, следниот пат кога ќе ви дојдат со сопругата на гости.
А ти, веројатно се сомневаш дека маж ти те изневерува, ама немаш храброст да го прашаш, па чекаш тој сам да дојде да ти каже, веројатно затоа мислиш дека овој другиот е чесен.
Инаку сигурно не би мислела така.
Признај!
За Женски Магазин, Тања Трајковска
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин