Чек да брцнам во ташнава: Дедо ѝ на Хајди е Дедо Мраз
Без оглед на тоа што имам “сто“ години, Дедо Мраз за мене бил и ќе си биде. И ќе си постои. Отсекогаш и за секогаш.
И кога ќе имам “двеста“ години исто ќе си мислам. Не, јас не мислам. Јас верувам дека постои. Убедена сум дека постои. Инаку кој друг ги остварува сите наши соништа и мечти. Дедо Мраз. Никој друг.
Дедо Мраз е еден од најубавите дедовци, што некогаш се родил.
Дедо Мраз ги има најубавите обравчиња, најубавото меше, најубавата брада и најубавите очиња на светот.
Дедо Мраз, најубаво гали, кога навечер во некои од овие денови ни влегува дома, додека спиеме и ни ги остава подароците под новогодишната елка. Дедо Мраз ни го расфрла најубавиот волшебен прав во сите наши домови. Секоја година од овие денови.
Кога си мислам како изгледа неговиот живот, односно каде живее и како живее, летно време ми се појавува онаа куќичката на Хајди, во Германија. На Шварцвалд. Мислам дека е тоа, тој дедо. Дека тој е Дедо Мраз.
И дека потоа, пред да дојде зимата оди во Лапонија, каде го пречекуваат сите негови ирваси и елени и дека откако ќе се изгушкаат, бидејки не се виделе цела година и откако ќе ги прочитаат сите наши писма кои им пристигнале, се договараат да тргнат на пат. Низ цел Свет.
Дедо мраз седнува во кочијата, полна со подароци, а ирвасите летнуваат по снежните волшебни патеки.
Еднаш и мене ме земаа, затоа знам дека е ова вака.
Ме замаа и летав заедно со нив низ светот.
Летавме низ светот и ја гледавме добрината, насмевките и радоста на добрите луѓе. На сите добри луѓе низ светот.
Гледавме како се радуваат на сите нивни остварени мечти и соништа. Од најмалите дечиња, до најстарите баби и дедовци. Оние со бастуми и со очила на носот. Оние на кои внучињата им седат во скут, додека тие им ги читаат најубавите приказни на светот. Приказните од бајките во кои царуваат добрината, љубовта и во кои соништата и мечитит никогаш нема да престанат да се остваруваат.
На тоа патување, тогаш со Дедо Мраз, бев допрена со неговиот волшебен прав и со неговиот исти таков волшебен шепот дека мечтите и соништата никогаш не смеат да престанат. И дека не постои сила која може да те сопре и да те натера да престанеш да сонуваш и да ги остваруваш своите соништа. И не само тоа. Туку дека ти со таа своја сила можеш да ги победиш сите лоши работи околу себе. Ама баш сите. Можеби не одма. Можеби не баш денес. Но утре, задутре сигурно. Можеби догодина. Сеедно. Секој од твоите соништа и желби ќе се остварат. Тогаш тоа ми го вети Дедо Мраз.
И јас уште тогаш, кога бев детуле, почнав да си го правам најдолгиот список на моите желби. На сите мои желби. Секој ден си додавав. Како ќе напишев две-три нови, така други две три ми се исполнуваа. Си помислив дали е ова вака, за да може да има место, секогаш за новите. Потоа си помислив дека е тоа нешто магично, дека некој друг со волшебно стапче ги исполнува, првите три, истиот миг, кога јас ќе напишев нови три.
Не сакав да си поигрувам, па некое време да не напишам, за да видам дали ќе се исполнат некои од нив, ако не напишам нови. Иако многу ме копкаше ова. И сеуште ме копка. Цел живот ме копка. Ама, исто така цел живот, некој таен шепот, мислам дека е тоа шепотот на Дедо Мраз, како постојано да ми вели- продолжи, продолжи….
Само ти продолжи да сонуваш и да мечтаеш. Сето друго остави ми го мене.
А кој си ти!?
Не мора да знаеш.
Добро.
Само ти следи си ја својата волшебна патека, наречена живот и не грижи се за ништо друго.
Биди умна и добра, почитувај ги своите родители, вредно работи, сакај ги своите пријатели, помагај им секогаш кога ќе можеш. Понекогаш помагај им и кога не можеш. Или кога ти се чини дека не можеш. Бидејки во моментите кога си тука за твоите пријатели, кога ним им е тешко, тогаш, “го заработуваш“, волшебниот бонус прав. Тој волшебен бонус прав, ги остварува и најтешките желби.
Истиот прав го заработуваш и тогаш кога ти самата ќе мислиш дека нешто не можеш. Е кога тогаш ќе запнеш и нема да се откажеш, тогаш се стекнуваш со правото, да ме повикаш на помош секогаш кога ќе ти притребам.
И не само тоа, ако успеваш во вакви ситуации и понатаму да сонуваш и да мечтаеш, ќе ти ја подарам и волшебната формула, со која ќе можеш да си ги гледаш работите така како што ти сакаш.
Како тоа!?
Така!. Секогаш кога ќе помислиш дека таму некаде е поубаво и дека таму некому другому му е поубаво од тебе, овој волшебен прав, само ќе те заголицка и ќе те потсети дека твојот список и само твојот список на желби е најубавиот на свет и дека само за своите соништа и желби и остварени и оние кои чекаат да бидат остварени, вреди да станеш, да се насмееш, да го започенш денот и да оствариш уште една од твоите желби. А, вечерта кога ќе си легнеш, не заборави да додадеш уште една.
Желба!
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: