Чек да брцнам во ташнава: Денес ми е роденден
18.06 1972 недела
Со оглед на нескротиливата љубопитност и фуриозност, најмногу во донесувањето одлуки, за кои потоа цел живот се преиспитувам по сто пати, дали биле исправни или не, дали сум била доволно паметна, или доволно глупава, а ова го правев секогаш кога немав друга работа и тоа не поради ништо друго, туку само поради љубопитноста да чепкам по својот ум и никако да му дадам да се смири и да не мисли на ништо, сигурна сум дека само што сум отворила очи сум сакала да видам се.
Кој бил докторот, каков бил!? Обичен, или посебен. Обичен мислам, како оние луѓе кои никој не ги забележува и кои живеат во сопствената сенка и на кои понекогаш, ама само понекогаш-ретко, им завидувам, или посебен, како оние луѓе кои уште од далеку, кога ги гледаш, како амбар полетен живот со себе да носат.
Какви биле сестрите!? Радосни, или тажни. Радосни мислам сакани од дома, од мажот, или тажни, ако никој не ги чека.
И цел живот, еве точно 48 години само ова го гледам. Кој носи амбар живот со себе. Kој умее и да се радува и да плаче. Кому заради сопствената таканаречена лична немоќ, не му е општеството виновно. Кој сфaти дека и левите и десните се иста багра. Кој успеа да се извлече од канџите на комформизмот. Кој е кадарен по сто пати во животот од нула да почне и да не кенка поради тоа. Кој знае гумичка на чешма сам да смени, да закова клинец. Кој не се откажува на сто метри од врвот, зашто овој другиов му рекол, нема да можеш. Кој има цвеќе на терасите. Кој си ги сака и почитува родителите дур се живи, па после нема за што да жали. Кој свратува одвреме навреме во библиотека, или книжарница. Кој плива во длабокото, кој не оди во тоалет, кога треба да се плати. Кој знае да се извини кога ќе згреши. Кој знае вистински да те праша како си. Кој на мајсторите им вари по едно кафе, една ракија и крши лав-муабет со нив. Кој знае да лови риба, да игра пинг-понг. Кој става пари на музика. Кој купува букет цвеќе, а не грепки на свадба. Кој пегла постелнина. Кој сервира со чаршав за ручек. Кој те слуша, а не гледа низ тебе. Кој си го сака мажот, кој си ја сака жената. Тоа најмногу го гледам.
Ама гледам и внатре. Да, да гледам...
И гледам дека се пополека одам, дека внимавам каде газам, за да не си ја превиткам ногата, раката, или половината. Одам почесто на лекар, од пред 10 години. Заборавам, што сум сакала да кажам. Читам некои поинакви книги. Почнав и серии да гледам. Одам на се помалку настани, без многу народ и алкохол. Сакам да облечам нешто кратко и деколтирано, ама веќе не ми стои така, како за „ваууу“, туку како за машала. А гледам сетне фотографии, кога баш така сум била облечена. Прекрасни спомени.
Премногу телефонски повици кон мајка ми и син ми. Од навика. Да ги слушнам. Мајка ми на долго и на широко за другарките од трето доба, а син ми кратко, секогаш брза некаде. Има свои приказни, за кои се помалку знам. Имам страв од самотија, малку и од болести. Но најмногу дека брачните парови, после некое време, си досадуваат еден на друг и се земаат здраво за готово. Тоа ќе биде најтешкиот проект во остатокот од животот. Никогаш ништо здраво за готово и цел живот амбар полетен живот на себе. До последен здив.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска
Претходната колумна, ја имате тука