Еден си ти, еден е животот. Ете оттаму да тргнеме

Добивај вести на Viber

Многу ми е мил животот. Многу го сакам. Ама навистина многу.

Низ годиниве наназад се обидувам, да создадам со него најубава можна љубовна врска. И да бидам искрена некако ми успева.

Навистина ми успева.

Си создавам од животот свој идеален партнер.

И тоа онаков партнер за кој што сите ние, не само жените, туку и мажите, всушност секој еден човек на планетата сонува да има. Ете баш таков.

Да ми биде и пријател и другар и партнер и поддршка и советник и Бог и батина-што би се рекло.

Никој друг. Баш животот да ми биде се‘ ова.

Решив никому другому да не ми ја давам оваа улога и задача, туку само нему. На животот.

Е сега, не сакам да филозофирам многу, многу, па да објаснувам, дека во “само-разговорите“ се крие “рецептот“, за создавање идеален партнер со својот живот. Ваквото објаснување би можело да прозвучило малку заумно, или “гуруовски“, нешто што прво мене ме нервира, а верувам и многумина.

Затоа сакам да бидам практична, јасна и мошне конкретна.

Всушност сакам колку можам повеќе да ја упростам оваа приказна, за да биде што појасна.

Да ја сведам на два и два. Уствари на еден и еден.

Еден си ти, еден е животот. Ете оттаму да тргнеме.

Мажи, жени, деца, родители, пријатели, другари, претпоставени, колеги, комшии, роднини…, сите тие немаат никаква врска со оваа приказна. Никаква. И не треба да имаат. Тие се “само“ составен дел од животот. Ништо друго. Нити се ТИЕ-ТИ, нити си ТИ-ТИЕ.

Во животот сме само ние двајца. Ти, односно јас и животот.

Само ние двајца.

Ова е толку моќен сојуз, на кој што му нема рамен.

Ниедна врска не е посилна од оваа.

Кога спиеш си сам, исто и кога сонуваш. И тогаш си сам. Кога јадеш, џвакаш сам. Не може никој друг, ниту да спие, ниту да јаде за тебе.

Не може никој, ти кога си гладен да јаде за тебе, ниту пак се разбира да јадеш ти кога децата, мажот, родителите, кој и да е е гладен. Секој за себе, јаде, спие, сонува, се радува, плаче, се смее или е тажен.

Ама баш секој за себе.

Знам дека е полесно кога ќе ја поделиш тагата.

Но не секогаш. Тоа е толку личен и интимен момент, кој што никој, ама баш никој не може да го почувствува како ти самиот. Понекогаш дури умее тагата да биде и поголема кога ќе ја поделиш со друг. Истиот момент кога ја зборуваш и прераскажуваш, го зголемуваш нејзинот простор. Ја шириш. Станува поголема.

Од друга страна пак, од начинот на кој што тој, кому му ја раскажуваш, реагира, зависи и дали ќе ти биде полесно, или уште потешко. А тоа е момент кој не можеш да го предвидиш. Ризикуваш. Сосем непотребно.

Во таква ранета состојба, човек едно што лесно забележува, ако тој другиот е незаинтересиран и тогаш му е уште потешко, а од друга страна рецепторите во такви моменти се толку осетливи, што се додека не го чуеш, тоа што сакаш да го слушнеш, не се смируваш.

На крај пак се‘ се сведува, на она дека сета вистина е во тебе и само во тебе. Во тебе и во животот, со кој што сте партнери. Моќни партенри.

Среќата!? Среќата исто така е поубаво кога ќе ја споделиш со друг... Но…! И тука има неколку “но“, за кои човек се прашува дали треба, или не, да си ја “раситнувам“ приказната.

Не толку поради зависта и љубомората, иако тоа е едно од првите нешта што ни паѓаат на ум. Но еве да ги тргнеме на страна.

Повеќе поради она чувство, дека од една страна човек ја губи скромноста во ваквите моменти, раскажува и додава. Додава, филува, зголемува, збогатува, оти среќата сама по себе е една притаена еуфорија, која го “подбуцнува“ човека да се прави малку важен во ваквите моменти.

А сте забележале дека животот не сака така.

И дека одма те враќа назад.

Ете затоа велам, дека ти и животот сте тие двајца кои треба сами да си се носите и со тагата и со радоста.

И да си бидете секогаш тука еден за друг. Ти нему, тој тебе.

Ваквиот “сојуз“ со животот, полека, ама сигурно создава мегдан за чиста љубов кон себе си.

За љубов, за почит, за одговорност, за чесност и стаменост.

Никако не мислам тука за она себељубие, кое поминува во опасност од егоцентричност. Никако.

Мислам само дека човек, мора прво да се сака себе си. Себе си и животот, па потоа сите останати.

Тој однос и таа љубов кон себе си, наеднаш ги отвора сите останати порти. Кон сите кои се “само“ состваен дел од нашиот живот. Љубовта кон себе и животот, значи и љубов кон цел свет. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу