Гаштарска Стефанија и Максим Димитриевски
Минативе две недели правев анкета на тема “колку ги познавате и дали сте слушнале за Максим Димитриевски и Стефанија Гаштарска“? Особено ми беше важна Стефанија Гаштарска.
Речиси секој еден човек кој што ми влегуваше во дуќан (знаете претпоставувам дека имам цвеќарница и продавница за подароци) го прашував дали минативе две недели слушнал што направија овие двајца ликови - Стефанија и Максим.
Резултатите беа поразувачки. Или сто-нула.
Скоро и да немаше човек кој имаше точен одговор на ова анкетно прашање.
Повеќето луѓе знаеја кој е Максим. Дека е тој градоначалник на општина Куманово. Знаеја и за политичките проблеми, врзани за овој човек. Дека бил од другата есдесовска “банда“, дека овие па другиве му се скарале, дека ова, дека она.
Да не речам сите до еден, ама скоро секој втор човек оваа тема ја кажуваше како научена стихотворба.
Не, не, не..., знаете ли што овој човек стори пред две недели? Прашувам!
Не! Беше одговорот. И веднаш после тоа љубопитни прашања од типот- “да не го избркале од партија, да не имал некоја афера, да не украл нешто, да не го притвориле, да не направил сообраќајка…
Не, велам, овој човек пред две недели беше најголемиот “македонски мудоња“. На некои од нив им беше непријатно поради ваквата моја директна квалификација, па покажуваа видна збунетост. Многу поголема збунетост, отколку да им кажев на пример дека жена му го фатила со швалерката, или дека украл од општинската каса еден милион евра и отишол со семејството во Мексико. На државен трошок. Како некои други на пример.
Овие теми кај нас веќе не се збунувачки за граѓанството. Не само што станаа реторички лесно прифатливи, туку ние немаме проблем со тоа, нам некој директно да ни брца и да ни вади пари од новчаник и со нашите пари да си се курчи лево десно. Што по кафани, што по разни дестинации низ светот, што со разно-разни автомобилчиња кои коштаат околу 50-60 иљади евра.
Ние без проблем и ратите на лизинг им ги отплаќаме на сите наши политичари и бизнис мафијаши.
Ама затоа кога некој од нив, како игла во сено случајно, или намерно ќе блесне, за тоа 90% од луѓето појма немаат.
Прашањето е многу страшно. Како тоа фукнционира нашит мозок? Дали ние веќе немаме капацитет, ниту за слушање, ниту за читање такви податоци и дали тоа нашиот мозок веќе нема капацитет за обработка на убави и блескави информации?
Ова особено се прашувам, бидејки ако повеќето од нив, од анкетираните, беа чуле за Максим Димитриевски, се разбира исклучиво во политички контекст, бидејки човекот е нели градоначаник на Куманово, за Стефанија Гаштарска никој не знаеше. Појма немаа која е таа.
Ах лелее. Какво поразувачко сознание беше ова за мене. Верувам дека ќе биде и за повеќето од вас, кои ќе ја читате оваа колумна.
Иако знам дека за половина од вас, ова ќе биде стимул за хејтерски коментари. Вие сте онаа половина чии што еден образ е обоен во црвено, а другиот во црно. Вие нормална и природна боја на образите одамна немате. Па ќе си речете, оваа е од “нивните“, затоа пишува за Максим. И ќе фатите тука и по фамилија и по мајки и по шајки да ме терате. Бидејки за тоа никогаш не сте збунети.
Вие пак другите, чии што еден образ ви е плав, а другиот жолт, и кој што исто така како и овие “нивните“, немате веќе нормална и природна боја на образите, ќе ми најдете некоја точка, или запирка и ќе ме исхејтате и вие поштено.
Ама јас пак затоа си отворив цвеќарница, а цвеќињата знаете, ги имаат сите бои и немаат ни лице ни опачина, туку цветаат од сите страни и кој и да ги купи, дали од “нашите, или од вашите“, во вазна исто ми траат. Иако вие сигурно си мислите дека не е така. Ве р’чкам малце де…, оти ми се може.
Е сега вака. Да ви кажам кои се Максим и Стефанија.
Стефанија е една млада госпоѓица, која има дваесет години и која е една од најубавите бели рози кои некогаш сте ги виделе и помирисале. А се родила и изникнала кај нас. Во Македонија. Што би рекол Максим Димитриевски и тоа во сред Софија, во живо на Б’лгарска национална телевизија.
Значи Стефанија е од оние кралски бели рози, чија што секоја една латица е богатство какво што светот ретко создава.
Во моментот кога небесниот ѕвезден свод расфрлал од својата ретка, сјајна и блескава балетска прашинка Стефанија Гаштарска била таа, која била одбрана од небесните самовили да биде посипана со оваа драгоцена прашинка.
Во рамките на оваа анкета, се појави за среќа и еден човек, кој ја познаваше Стефанија Гаштарска..
Ми рече ДА!, го познавам девојчето случајно. Пред отприлика 4-5 години учествува.во спозонрстовото за нејзината авионска карта за Москва. Сакав да го гушнам човеков, кој се разбира сакаше да остане анонимен. Да го гушнам, бидејки тој беше единствениот кој барем нешто знаеше за овој наш светски бел лебед.
Но истовремено ми се појави некој грч во стомакот, бидејки сфатив дека нејзините родители, не биле подржани од ниту една институција, туку како и сите наши сјајни, ретки и драгоцени ликови кои вообичаено се скромни луѓе, а со самото тоа и чесни луѓе, морале да бараат средства за да отпатуваат во земјата -срце на балетот. Не, не мислам дека е ова срамота, само ми е жал што кај нас нема веќе, НЕМА, ниту институција, ниту педагог, ниту човек поединец, кој вакви ретки бисери, кој сеуште се раѓаат на оваа наша почва, ќе ги гушне и под свое “меценство“ ќе им го отвори патот.
Луѓе мои, чујте и почујте Стефанија Гаштарска е избрана за една од осумте балерини, идни ѕвезди на рускиот балет.
Стефанија Гаштарска на 15 години заминува од Македонија, да учи во државното училиште во Перм (Русија), едно од најстарите балетски школи во светот, кое работи по Ваганова метода.
Потоа оваа млада дама, образованието го продолжува во Академијата за балет Баљшој. На само 16 години, таа настапи на сцеата на Баљшој, играјки ја принцезата Аурора, во балетот “Заспаната убавица“. Ова се случуваше на балетската гала вечер, посветена на кореографот Мариус Петипа, на која настапија 240 претставници од најдобрите балетски школи во Русија.
За една сезона Стефанија Гаштарска изигра седум главни улоги во најголемите класични дела.
На гостувањето пак во Санкт Петербург, играше во “Лебедово езеро“ и критичарите ја споредија со Ана Павлова.
Луѓе мои знаете ли вие што значи ова.
Ова е чин поради кој секој еден македонец, треба да застане во став мирно и да ја отпее Македонската химна во нејзина чест.
Истото тоа треба секој еден Македонец да го стори и за Максим Димитриевски, човекој кој со неверојатна леснотија, слично како во балетската уметност, без глас да му затррепери, без образ да му мрдне, ја изведе најтешката пируета, најтешката политичка пируета во моментов.
Им ја “размавта“ неговата лична книга, во која го има запишано и името на неговиот дедо, кој бил Македонец и во која јасно и гласно пишува дека Бугарите за време на Втората светска војна, биле на страната на фашистичка Германија и дека заклале и убиле еден куп Македонци. Исто како што им кажа дека Гоце Делчев е Македонец и само Македонец, чија што последна желба била да биде закопан токму тука во Македонија. И никаде на друго место.
И им рече вие сте фашисти, и вие сте Бугари, а ние сме Македонци. Значи ние не сме “един народ“. Ние сме два народа. Вие Бугари, ние Македонци. И тоа е така и само така. Но во име на наште добри меѓусоседски односи, и во име на нашиот Европски пат и развој, ние можеме да се договориме, дека ова ќе го ставиме на страна и ќе продолжиме да живееме цивилизирано.
Мртов ладен, спокоен, смирен, насмеан, достоинствен.
Изведе една мошне тешка политичка пируета. Исто како и Стефанија Гаштарска, која пак ја изведе најубавата македонска пируета, веројатно некогаш и за секогаш изведена од македонка во “Лебедово езеро“ во сред Русија. Во Баљшој театар.
Нејзе и аплаудирам и и се поклонувам до земја, за неа солзи на очи од радост ми навираат.
А, што се однесува до Максим, нему само му честитам на одважноста и храброста, бидејки не сум сигурна дали е ова повеќе личен гест, или во име на Македонија.
Не сум сигурна, бидејки политичар е тој. А ним не може да им се верува со цело срце. Денес вака, утре онака. Или вчера онака, денес вака.
Затоа!, не може да им се верува со цело срце. За жал.
И затоа не само Стефанија, туку уште којзнае колку наши вакви “лебеди“, за кои не сме чуле, не се кај нас дома, во Македонија, туку некаде таму во бел свет.
За жал.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: