Чек да брцнам во ташнава: Господ само умот да ни го чува
Еве сме на петтиот ден од годината
нова. Прекрасно ми дојдоа оние два дена, на први и втори, домашна, празнична
атмосфера. Тивка, спокојна, фина.
Иако животот, како да почнува да се сведува на сè помали очекувања од него самиот, да бидам искрена тоа некако во последно време не ми смета. А порано, да, ми сметало. Како мува без глава сум итала да ги дофатам сите можности. Сега не!
Не знам дали е до годините, дали е до искуствата, или е до голем дел изживеани и преживеани нешта тогаш кога требало и така како што требало.
Бидејќи кога човек си чекори во некаков склад со ритамот на годините и со ритамот на времето во кое живее, тогаш некако како да нема за што да жали.
Мајка ми секогаш вели, „ако не си изиграл џамлии, тогаш кога требало, после не можеш од работа да бегаш за да играш џамлии“. Ем смешен ќе бидеш, ем умот ќе ти се мати. А ништо пострашо од тоа умот да не ти е разумен. Оти пак ќе додадеше „Господ само умот да ми го дочува на страост“. И еве ѝ го чува. „Кукла“ ми е на осумдесет години.
Така што не мислам дека ова што имам помали очекувања од животот треба да го сметам за некаков си сопствен грев.
Всушност, можеби не се работи за помали очекувања, туку за поинакви очекувања.
Радоста која ја доживеав утрото на први јануари, а која се однесуваше на толку обични нешта, како да ме скокотна и погали по сета моја душа.
Со ваква радост зборувам за ова, бидејќи го почувствував и го дофатив тој момент. Не ми побегна.
Мислата која без никаов напор прошета низ мојата свест, а која не беше ниту смислувана, ниту на сила доведена така да ми го разгалува умот у душата, туку сама по себе се појави и ми ја донесе оваа радост. На први јануари.
Имаш сè што ти треба. Тело кое те слуша и кое сè уште танцува и ѕенѕа само што ќе чуе музика, имаш ум кој веќе не врти по тесни и криви сокаци, туку ги следи твоите патокази. Ако има предност поминува, ако види знак стоп застанува.
Имаш човек, кој исто така спокојно дише покрај тебе. Станал и ја замирисал куќата на кафе и греана ракија.
Мајка, син…. Таа во свои прекрасни мудри години, тој во свои силни, младешки…
Си стасала до таму да не ги мислиш, туку да им веруваш дека умеат да си прават добро самите. Чудесна слобода е ова. Не помала одговорност, туку спокојна доверба.
Накитена елка, која исто така веќе не те мрзи, ниту да ја накитиш, ниту да ја раскитиш за некој ден.
Во фрижидерот и руска и сарма и кифли. Не помалку важно.
Не брзаш никаде, не должиш никому, немаш недоречени нешта… Можеби најважно.
Ете вакви некои мисли и размисли ми поминуваа низ глава оние први два прекрасни денови од новава година.
Си пресметував што сум успеала, а што не сум успеала да направам, минатата година и како да си ја отворам првата страница од оваа година.
Настрана сите оние дневни, или секојдневни успеси и неуспеси, низ кои патуваме секој ден. Тие и не се толку важни, или вредни за спомнување, иако сите тие мали секојдневни битки не носат до некои лични извојувани војни. Мислам дека најважна од сите мои извојувани победи, е она што конечно мислам дека ми успеа.
Работите кои не можам да ги променам да ги примам со мирно срце и да не им дозволам да ми влијаат на дневното расположение.
А како дел од оваа стратегија си наметнав уште една “„воена тактика“.
Нештата кои не ми се допаѓаат, да ги разобличам и да ги гледам онака како што јас сакам.
Значи, сосем ми е јасно во каква држава живеам, јасно ми е и тоа какви луѓе не водат, јасно ми е и колку сме далеку од еден здрав, цврст и квалитетен систем, во кој заслужуваме да живееме.
Јасно ми е и тоа дека жичарата на пример не работеше на втори јануари, за да можат луѓето да се качат на Водно и да уживаат во чистиот воздух и Сонце.
Јасно ми е и тоа дека ние сме народ кој цел живот ќе ја витка и главата и кичмата и пред своите и пред таму некои кои ни доаѓаат да не превоспитаат.
Сè ми е јасно. И не само мене. Мислам дека на сите ни е јасно. Никој не е ни слеп, ни глув, ни глуп.
Ако веќе сево ова мора вака да биде и ако сите овие нешта ниту зависат од нас, ниту можеме да ги промениме, тогаш има нешто што можеме и мораме да го правиме. Да тихуваме! Да, да тихуваме!
Да ги ококориме очите пред она што го имаме.
Ете тие некои мали, фини нешта…
Мирно, спокојно и со цело срце да им се предаваме и да им се радуваме на драгоценостите кои не опкружуваат.
Семејството, домот, пријателите, љубовта, добрината, чесноста…
Сигурна сум дека утре и задутре, на Бадник и Божик, сите ќе имате на трпеза погача, риба, грав-кој никогаш не е толку вкусен како што ќе биде утре.
Божја промисла е тоа. Стуткајте ја во себе, тихувајте, прифатете ги нешата кои не можете да ги промените со мирно срце и сочувајте го умот.
Нема ништо подрагоцено од ова.
За многу години. Среќен Бадник и Христос се роди.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: