Чек да брцнам во ташнава: „ГОСПОД ЗАБАВА, АМА НЕ ЗАБРАВА“
Признавам дека се фаќам себе си како многу често живеам во минатото. Да бидам искрена, во “многу последно време“, со исклучок на некои домашни амбиенти, од типот правење себе си и на домашните “плезир“, речиси и да немам за што да ѝ се “фатам“ на сегашноста, па се држам за минатото како за драгоцености за кои вреди да се живее оваа “чудесна“ иднина.
Под “плезири“ подразбирам утринско слатко од смокви, со кафе и ораховача, испеглани и фино здиплени и наредени пешкири, нова постелнина, читање заедно пасуси од некоја книга, слушање фина музика, виски во убави кристални чаши и лед кој “крцка“, домашно аргентинско танго….
Да, да, со вакви плезири ја држам за гуша иднината, која не сум сигурна дека веќе и на курбла ќе запали… Под “плезири“ исто така подразбирам и сервирање супа во оние чанаци, кои главно на сите ни се моткаат по плакарите и зафаќаат место како леген да си ставил. Сите имаме барем два-три такви со кои не знаеме што да правиме.
Некои насадија цвеќе во нив и кога ќе видам некаде таква цветно-порцеланска сцена, се воодушевувам. Ми изгледа толку романтично и слатко како Сара Кеј да ќе се појави во следниот миг од некаде. Ама во следниот миг, ми се појавува духот на баба ми, како ореол над главата и „трепетен немир“ , каква ли тоа семејна катастрофа би предизвикало, кога баба ми би дошла кај нас и би видела дека во сервисот од 1941 година, кој им бил подарок за свадба од кумот Сарго ние сме насадиле цвеќе. А инаку, од тие комплети, за овие уште малку па 100 години речиси сè е искршено. Останати се само тие големи чанаци, некој голем тањир за ордевер, на неколку места чукнат по ивиците, по некое распар тањирче што се “шутка“, натаму наваму по кујна и кое до ден денес предизвикува траума, ако не дај боже се скрши, бидејки порано тие сервиси вредеа цело богатство. Не како пари, како однос кон животот. Значи не само поради тоа, него веќе ретко кој од нас сервира на тој начин, како што тоа, барем во неделите, се случуваше во минатото, за кое се држам како за сламка и во кое одбирам да си престојувам, секогаш кога оваа чудесна иднина, ќе почне да ми го меле умот.
Барем кај нас дома така беше. Секоја недела. Бел штиркан чаршав, порцеланскиот сервис, кристалните чаши за ракија и вино од Кристал Зајачар и салфетки, од тие што беа “само за гости“.
Ама за гости за специјални прилики. Не вака, кога ќе дојдеа на “дневна база“ - првиот ешалон другари, (динг-донг-ненајавени), за играње карти, мезење домашна туршија, домашни кобасици и чварки, и при тоа секој ќе донесеше од тоа што му се нашло по дома, кој калап сирење, кој парче сланина, кој по некоја ванилица, домашна се разбира… Значи не за така салфетките, него за слави, родендени, испраќање во војска, матура, веридба…
И слушај сега, на крај кога ќе си отидеа гостите и кога ќе се собираше софрата, пола од тие салфетки беа неупотребени. Мислам дека сите некако ги штедеа.
Ќе се изедеше речиси сè на масата, тука нема штедња, ама салфетките остануваа недопрени. Никако да не си помислите дека било тоа од некултура. Ни под разно. Оваа култура денес со таа тогаш, Бог и шеширџија.
Бидејки освен тие хартиени “богатства“, за кои татко ми редовно викаше по куќа, дека е глупост за такви нешта да се трошат пари и дека за тие пари, може кило месо да се купи, сите добиваа и платнена, секако штиркана салфета, која се ставаше на скут и истовремено служеше за забришување.
Значи види, полесно беше тогаш да се штиркаат и пеглаат 24 салфетки, отколку да се трошат овие скапиве.
Тие што ќе останеа, зборувам за неупотребените салфетки, нормално се враќаа назад во кесичката, внимателно да не се оштети целофанот, па да се испорастурат сите и да се испогужваат, па да отиде сè јабана. А, овие другиве, речиси неупотребените - малку начнати, или ние ги користевме во неделите, или стоеа така со денови, недели…, и нит се фрлаа, нит се користеа.
-Ги користевте вие!?
-Да бе. Ги користевме.
Абе како да ви кажам сите се сакавме, сите си бевме едни на други рода, што се вели. Абе у полноќ, у полноќ. Ама буквално. Не ко сега, бараш некого, не ти крева.. после три дена ќе ти се јави.
- Немам пропуштен повик!
Што да речеш!?
- Нема везе, ај да се видиме, да се чуеме. А нит ќе се видиш, нит ќе се чуеш.
И после сум живеела во минатото. Па кај да живеам бе!?
Ви велам еве, освен за оние чанаците за супа во кој си сакам да си сервирам супа со кнедли, старинска со гриз и јајце, немам за што да се држам. И освен за салфетките, за кои не ме прашувајте од каде знам, ете знам дека тие што уште тогаш се расфрлаа со такви скапи салфетки, токму тие беа “неподносливите скоројевиќи“, кои со такви перја се китеа и со по уште некоја флуросцентна јакна за скијање во Маврово, токму тие се оние кои однесоа сè у бестрага. Ама тогаш на прсти се броеја. А сега ние на прсти се броиме.
И се шалам секако за сервисот, оној од 41ва. Ништо не е искршено, освен што се “зуцнати“ неколку тањирчиња.
Целиот е цакум-пакум. Се чува како реликвија и за некоја година кога ќе се ожени-омажи некој од децава, така комплет оди во наследство, како подарок заедно со сите овие приказни за “ѓомити“ не-важните салфетки, штиркани чаршави, рецептот за ораховача, за слаткото од смокви, за кнедлите со слива…
Секако дека заедно со сите овие “слатки баналности“, оди и пораката: руките ќе ти ги искршам, ако си направил нешто нечесно.
Па да видиме кога ќе се деси она што викаше баба ми,
ГОСПОД ЗАБАВА, АМА НЕ ЗАБРАВА.
И само да ви кажам, ќе прифатам да бидам некој советник, или нешто, некој министер за оправање на работава, ама само ако сите други се “оние со салфетките“. Еден ако е од оние што шкрипат со гумите на семафор, си одам.
-Ама од кај знаеш!?
-Знам бе! Порано немаа рогови и не ги препознававме. Сега имаат.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска