Чек да брцнам во ташнава: Грав во скап порцелан

Добивај вести на Viber

Печено месо и компири. Добитна комбинација. Нема утка. А треба, гости да доаѓаат цел живот ко под индиго. Бутни месото у рерна под фолија, или у тава со капак да се крчка цела вечер. Утре дента бутни ги и компирите и гајле немаш.  Ова е вака уште од времето на баба ми. Мислам ја од коа памтам. Па мајка ми после. Па еве и ја. Печено месо со компири. И тоа обично свинско. Свинско најмногу. Овие другиве се по-проблематични. Јагнешко, кој јаде, кој се мршти. Телешко ем скупо, ем треба да си мајстор да го спремиш. Кокошка не доаѓа уобзир, бидејќи кому да ставиш батак, кому бело месо. А и некако кокошка не е за пред гости. И затоа најдобитна комбинација се или ребра, или бутче. Или плешка. Неа највеќе ја сакам. Бут никако не научив нит да го спремам, нит да го јадам. Сè ко со конци ми се прави. А другото е сè варијација на тема. Може да има и некоја пита како за пред јадење, некој ордевер, салати, за со ракија обавезно и на крај пиво, или вино. Мислам дека сеа коа ме читаат овие од влада и владините институции, агенции, одбори и разно-разни „шие ми га Ѓуро“ владини „ќерки и синови“, си викаат у кој век живее оваа!? Бог да чува!!Таму ф’рчат бифтеци, лососи, октоподи, икри, тартуфи, кавијри и разно-разна муда од лабуда. Да простите на речник вие останатите. Тие не мора да ми простат, ако воопшто констатираат што е овде за простување. Ама ако, нек се вратат три-четири пати едно два-три реда погоре, па мош ќе сфатат. И додека кај нас оваа традиција на месо со компири „се негува“ од колено на колено, тие правац од зелник и јанија скокнаа на лососи, октоподи и бифтеци. Нема лабаво брат! Има да се знае кој е сега на власт. Правац од опинци у Луј Витонче. И не само кондурчиња. И ташничка. И марамче. Некња слушам една од тие таквите не знаела што више да му купи на мажево за родеднден, па со друшка ѝ се консултирала. А друшка и иста таква ко неа, оти тие си се дружат сèвезден. Натаму наваму се.  По Сани Бичои, Санторини, натаму-наваму, улево удесно. Сèвезден. И оваа друшкава ѝ вика, уплати му ма негде Маци. Еве уплати му на Маурицис, на Сејшели…Па шо… Ем ти ќе си лапнеш, плажичка и моренце, ем поклонче. А!? Шо мислиш!? Другава вика не мааа, мош ќе ми се лути, ако не му се иде. Знаеш каков е он. Нејќе такви работи. Дај нешто друго смисли. Па купи му пури, некоја 12-ка со нив, ене ти у Вилери Бох и кристални чашки и таман комплетче ќе му напрајш. Другава вика, „му купив тоа“ пред две години. И вртат така едно пол саат те ова, те она, за на крај „цуркава“ да се сети. Столица ќе му купуела. Е каква столица!? Онаа ма… Сурфаат по интернет и ја наоѓаат. Таа и таа…Две и пол иљади евра кошта столицава. 

Живи среќни си порачаа уште по едно коктелче, препрашувајќи се после уште пол саат да не не, столицава, да не да. Ах си мислам, како би ве фатила двете за коси, па оттука правац назад, таму од кај што сте дошле, да покопкате уште малку по тоа браздичињата, за саглам грашок и боранија да јадеме. И пипер и патлиџан. А не да плаќаме сто пеесет денари патлиџан у сред август. Заебавте и ниви и полиња и добиток и све. Викаше баба ми „ќе видиш, ќе дојде време коа тие ќе навјасаат ваму, а ние ќе одиме таму. За мир и тишина. Ќе не набркаат. Оти тие се еден оди сто води“. И еве го дојде тоа време. Се фаќам некни како глеам по тоа „Кајак“ ли, како ли се викаше таа „Наде на Спиро“, или „Спиро на Наде“- нешто така беше досетливо. Си отвориле луѓево селски пансион, го стокмиле, го дотерале, мерак да те фати. Е, исто такво си викам ја да си отворам негде натака по планинине и селана на истокон наш преубав. А не овде со саати да чекам место за паркирање. И тоа пред „роѓена“ ми зграда. Сè тука низ Дебар маало да се фрчело. Чоек дома да не може да си оди. А коа треба да излагаме со маж ми, пет пути се предоговараме, која кола да ја мрднеме, оти после пак цел саат ќе треба да се чека за паркинг. Мрднеш-губиш е работава. Ни преседнуе и искачање и враќање.

Него мене, сосем друга ми беше темава. Сакав да ви раскажам, како пред некој ден ги поканив прва екипа другарки и другари на грав. Да бе на грав. И тоа тетовски грав. Едвај набавивме. Нема више тетовски грав. Ни за лек. Ако не сте знаеле, еве да ви кажам. Човеков кој ни го донесе аслиТетовчанец. Цел живот главен е таму. И успеа некако преку Ѓуро, Петко, Станко да најде две кила и да ни донесе. Ко суво злато го плативме. Затоа и го сервирав во најубавиот порцелански сервис што го имам. Гравот во чанакот секако, со капак и кутлача. За тоа сакав да ви раскажувам, ама пак ми е*аа мајката овие со Луј Витончињава, ко шо тоа нон стоп ми го прават. На сите нас другиве што не пушиме пури. И наместо за гравот во порцеланскиот чанак, ја фатив за столицава да пишувам. Бидете така. Следниот пат ќе ви раскажам за гравчето. Во меѓувреме си мислам на мажето на Маци. Како ли се клацка во новата столицава и како пуши пура и пие 12-ка виски во кристалниве чаши од Вилери Бох, шо му беа поклон за роденден од пред две години. Е затоа е гравот 300 денари кило. И не само што е толку, туку и го нема.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: