Чек да брцнам во ташнава: Германците не се штедаџии туку си го ценат секој цент
Читам пред некој ден Германија, ќе почнела да штеди. Од утре сите улични сијалици, реклами, билборди, сè живо и диво ќе се гаснат во 23 часот во цела Германија!! Опа батоо! Почело је почело а!? Изгледа да. Се заиграа децата малку повеќе а!? Или се замуабетивме попе. Како сакате. Ама клопчево галиба ќе почне да се одмотува. Мислаам, кога една Германија се решава на ваков чекор работава не е на арно. Додуша опаки штедаџии се тоа Германците. Не штедаџии туку си го ценат секој цент. Се сеќавам на една приказна уште од времето марки кога имаше.
Немец еден кај нас, во Гевгелија на пумпа сипа гориво. Останува една марка кусур и нашиов пумпаш, се прај на будала нели. Се врти кон другата кола демек тера даље. Немецов стои и чека. Откако го напуни и другиов резервоар, се врти пумпашов и го гледа Немецов дека сè уште чека. Му прави со раката знак демек треба уште нешто. „Јаа вика Немецов ајне марк“. Нашиов нервозен, вади една марка кусур од чантичето и ја остава на хаубата на другата кола. Немецов иде до таму си ја зема марката и си ја става во новчаникот. И вика данке. Не му е срам, иако вози Мерцедес од педесет илјади марки.
Гледаш како се почитува динарот „ми рече татко ми тогаш“. Запамти го ова за цел живот.
Е затоа они цел живот ќе имаат, а ние цел живот ќе немаме.
Си реков тогаш, голема работа една марка. За ваков човек, кој се гледа дека има многу пари. Еден сладолед е тоа. Ама тоа беше оној сладолед, поради кој што и јас требаше оградата да ја искастрам, или бавчата од коров да ја искубам за да ми дадат толку, околу 40-50 динари, колку што беше еден сладолед во корнет во мое време. И не дека од како се испилив не ме учеа како се заработуваат пари, ја знаев јас таа лекција многу добро, но бидејќи бев константно лута поради ова, зошто мислев дека многу повеќе треба да „ми платат“ дома за сечење цела ограда, или за скубење цела бавча, ова со маркава на „богаташов“ уште толку ме изнервира. Си реков брее, сите луѓе се скржави. Иако за татко ми мислев дека е најскржавиот човек на светот. Ама ај ние си викам и така и така сиромашни сме, а овој глеј колку пари има и пак е скржав. Секогаш си мислев за нас дека сме сиромашни. Бидејќи секогаш мораше да се пере на евтина струја, да се пегла, да се готви, да се уклучува бојлер, термо печка, сè тоа требаше да се прави на ефтина струја. Се сеќавам дека мајка ми во неделите готвеше по некоку јадења, ем затоа што беше ефтина струја, ем затоа што кога ќе се вратевме сите во исто време кој од школо, кој од работа, ручекот само се подгреваше и сè беше готово за веднаш само да се седне и да се руча. Ама главно секогаш нешто се штедеше. Или за одмор, или за кола, или за да се уплати за полагање градска, или за да се купи нов тросед, или фрижидер. Не се сеќавам дека еднаш сме отишле некаде и онака бам-бам да си купиме нешто што ни душа сака. Не бре брате дур не ни објаснат дека ова е вака, а она онака, дека парите не растат на дрво, дека за сè што сакаме мора да си заработиме сами. И ете додека сме мали, ќе заработуваме на овој начин со кастрење ограда, со косење трева, со скубење по бавча, или со миење автомобил. Да бе кофите надвор, во едната сунѓер и вода со „Сјај“, во другата обична вода. Значи нема црево. Цревото на крај сосем на кратко, колку да се попрска колава. Нема шанси да се троши толку многу вода, па да тече водава два саата. Бог да чува. Кофите, сунѓерот и на крај еленската кожа, за да се изгланца цела кола. И за тоа добијаш максимум една црвена со коњот. И да певаш.
Кога ќе се осмелев да зинам, дека некои мои другари другарки, ништо од ова не треба да прават и дека нивните родители им даваат пари колку сакаат, одговорот беше „ако они нека им даваат ја тебе не ти давам“. Толку беше од муабетот.
Само што положив за градска ми рекоа дека ако сакам кола, ќе мора сама да си ја заработам.
И нема да ви се верува. Некои работи, просто сами се отвараат, кога си на ваква „воспитувачка патека“.
Се вработив во „А1 Телевизија“, имав таму некоја солидна плата, отприлика колку што заработуваа и мајка ми и татко ми и паралелно работев во една друга фирма, во која носев рекламен материјал по фирми. Тие баш ми плаќаа добро. За два месеца заработив три и пол иљади марки и си купив „Голф“. Бидејќи муабетот дома беше - „купи си „Голф“, тој најмалку се расипува, бидејќи и тоа ќе треба сама да си го плаќаш.“
Заборавив да ви кажам дека кај нас дома понекогаш и ќутек се јадеше, ако се заборавеше некоја сијалица да гори. Тогаш мислев дека татко ми е најлошиот и најскржавиот човек на светот, а сега гледам дека Германија ќе гаси светла во 11 ноќе. Исто како порано кај нас дома. Мене не би ми сметало ова. Учена сум. Тогаш кога требало.
Ништо, тоа ми беше муабетот. Ме потсетија сијалициве на Германија денес. Колку татко ми бил пред времето.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: