Чек да брцнам во ташнава: Икебаната на кралицата
И уште едно нешто по повод една од најмаркатните церемонии на сите времиња на испраќање лидер во вечните ловишта.
Сите сè уште знаеме дека погребот на Тито беше најспектакуларниот, ако воопшто може да се употреби овој израз за ваков чин, но светот дотогаш ниту видел ниту ќе види веќе таков погреб, како што тоа беше погребот на Јосип Броз Тито.
Тито беше испратен како светски великан на сите времиња. Тито беше испратен како кралска величина на сите времиња. Тито беше некрунисан крал на светот. Беше испратен како некој кој остана вечна мистерија за светот. Сите го знаеа, а никој не го познаваше вистински. И тоа е така до ден денеска. Елизабета пак, беше испратена со највисоките, протоколарни почести на Кралството Британија.
Има тука и тоа што мора, има тука и строги правила, има тука и протоколи, кралски протоколи, од кои не смее да се мрдне ни милиметар. Сето тоа што го видовме беше неколку пати извежбано. Сценарио, режија, сè комплет. Во живо. Секогаш може да се случи нешто непредвидено. Некој да се онесвести, некој да се сопне, да падне, некому да му се слоши. Може и некој да умре од преголем притисок. Но ништо од ова не се случи, или пак ние не видовме. Сеедно. Како и да е Елизабета беше испратена, веројатно така како што сакаше. Морам да признаам дека сета таа прецизност ме фасцинираше. Дури во еден момент, умот ми отиде до таму, дека таа од негде седи и гледа дали е сè по протоколот, кој таа си го била замислила. Оти нема да ја заборавам сцената кога седеше сосем сама во Вестминстер, кога го испраќаше својот „вечен“ Филип. Скршена, занемена, осамена, но толку многу достоинствена и исправена. Просто како силата видливо да извираше од оваа жена, дури и во тој момент. Навистина, за сиот свој живот оддаваше впечаток на жена која, како челик стои пред секоја една ситуација, која животот му ја приредува на секој човек, сакал тој или не, па и на кралицата. Ниту таа во својот живот не била поштедена од безмалку слични нешта, какви што животот ни приредува и нам обичните луѓе, кои не сме големодостојници. Но просто, тоа што гледајќи од страна и од далеку како впечаток можеше да се стекне за неа е дека, таа си имаше некоја своја само-креирана сила, со која вешто ќе ги преживува сите „недаќи“ на животот. Просто како да е тоа некој концепт во кој сам себе си велиш „нема -не можам, нема- не сакам“. Едноставно морам. А „шта се мора није тешко“-велеше и Другарот Тито. Впрочем, тоа беше и неговиот концепт за „не можам“ и за „не сакам“. За „не можам“ се одеше во болница, да видат што ти е и зошто не можеш, а за „не сакам“, се одеше во затвор, за да ти го „дотераат“ умот, па ќе видиш како следнит пат „ќе можеш“. Но колку и да се обидуваш да ја сокриеш својата кршливост и колку и да се обидуваш да се затскриваш зад некоја своја камена и челична фасада, има некои работи кои те издаваат. Како што велат љубов, сиромаштија и кашлање се нешта кои не можеш да ги сокриеш, така мислам дека и ранливоста, човек не може да ја сокрие. Кога тогаш некои работи ќе те откријат.
Икебаната ка ковчегот на Кралицата. Веројатно забележавте колку отстапуваше од некаков си „кралски протокол“. Мене, бидејќи меѓу другото, тоа ми е работа, имам своја цвеќарница и се занимавам со цвеќе, особено со аранжмани, букети и икебани за венчавки и за погреби и точно можам да забележам кој и како изработил некој аранжман и која и каква му е вредноста, но најмногу која и каква му е пораката со букетот, односно аранжманот, која сака да ја прати. Секогаш кога влегува некој човек да купува цвеќе кај мене, сеедно дали маж, или жена, првото прашање кое го поставувам е „за каква прилика ви е?“ Второто прашање ми е „каква е личноста, за која е наменет цветниот аранжман“. А третото прашање, кое всушност и не е прашање, туку нешто кое „само ми се кажува“. Почнам ли за некого да подготвувам каков било цветен аранжман, по чувството, по енергијата, по бојата и начинот по кој се „само-редат“ цвеќињата, отприлика можам да почувствувам за каква личност се работи. Тоа се просто некои непишани правила во секоја област, во секоја работа, ако човек умее да ги чита и да ги наслушнува нештата. Во мојата работа, оваа со цвеќињата, тоа е така! Во новинарството тоа е на еден сосема друг начин, но друг пат ќе ви пишувам за тоа. Икебаната на Кралицата, за која не знам, ама претпоставувам дека како и многу други нешта од оваа свечена и многу моќно организирана, протоколарна церемонија, била исто така избор на самата Елизабета. Не верувам дека случајно беше таква, каква што беше икебаната. Апсолутно не верувам. Иако очекував огромна, бела икебана од крај до крај на ковчегот, која ќе изобилува со бели ружи и кралски кринови, видов нешто сосем спротивно на ова. Мала, многу необавезна и непротоколарна икебана, во која изборот на цвеќиња беше како дечиња кои трчале по некоја ливада и береле, сè што ќе им дојде до рака и како потоа, истите тие дечиња да седнале и само ги набоцкале цвеќињата, секој од нив, таму каде што му дошло да го стави својот цвет.
Имаше таму некои ружички како од двор скинати, некои од нив дури и со поткинати латици, имаше и некои далии и хризантемки како од некоја цветна полјанка набрани. Јас знам дека таа цел живот носеше светли бои, всушност сите нејзини комбинации беа во најсилните тонови на розово, жолто, виолетово, зелено и дека тоа е исто така една од причините поради кои икебаната беше во сите можни нијанси, но исто така мислам дека има и друга причина.
Дека со овој потег, таа како да сакаше да каже „цел живот бев кралица и понекогаш изгледав и студено и сурово, затоа што мораше така да биде, а всушност бев нежна и кршлива одвнатре, токму како овие цвеќиња кои сега ги гледате на мојот ковчег“.
Не знам, можеби само мене ми се чини сево ова, но јас во ова сакам да верувам.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: