Чек да брцнам во ташнава: Кај богатиот нагледај се, кај сиромавиот најади се
Коа бев помала, ич не ја разбирав оваа реченица.
Не ми беше јасно, нит што тоа треба да се нагледам кај богатиот, нит пак што треба да се најадам кај сиромавиот.
И секогаш кога ја прашував мајка ми за некои вакви досетливи, стари мудрости, таа секогаш ми го даваше истиот одговор. „Кад порастеш, кашче ти се само“.
Оваа нејзина реченица на нерви ми идеше уште тогаш.
Стално потпрашував и никогаш не бев задоволна од одговорите, бидејќи уште како дете имав по сто прашања, за која било заплеткана ситуација, па мајка ми веројатно, не можејќи да најде одговори на моите милион прашања, нашла начин да се заштити.
Нејзе свака ѝ част. Ја со син ми до ден денес се убедувам до сто и едно и назад.
Дур не му објаснам до танчина, некогаш дури и со „цртање“, раат не сум.
А тој бетер од мене. На моите десет објаснувања, тој има пута десет прашања. Нема, тоа ти е, крушка под крушка паѓа.
Како и да е за вакви „мал-милион нејаснотии“, едвај чекав да пораснам.
За волја на вистината многу „споро растам“.
За некои работи никако. До ден денес имам еден куп такви неразјаснети и нерасчистени дилеми.
Ама за оваа тема со богатиот и сиромавиот, од неодамна почна да ми се „одмотува клопчето“.
Од поодамна додуша, имам забележано дека сиромавиот, ќе ти купи поскап подарок, ќе те пречека со побогата софра, ќе ти свитка и за дома, ќе те почести и кафе и ракија во меана. Понекогаш и пари ќе ти позајми. Сè ова секако со многу поголема леснотија, отколку богатиот.
Некако сиромашните луѓе, како да имаат поголема душа, поголемо разбирање од овие другиве. Или сиромавит е богат човек, а богатиот е сиромав човек. Отсекогаш вака сум мислела.
А што е тоа богат!? И што е тоа сиромав човек!?
Ете, вакви прашања и на мајка ми ѝ поставував. Затоа жената ми викала „кад порастеш, кашче ти се само“.
И кроце, кроце, или полека, полека, некако дружејќи се и со вакви и со такви почнав да разбирам.
Еве една случка од пред некој ден, која малку ме замисли.
Му купува она нему подарок за роденден. Нејзиниот подарок чини „цело богатство“.
А таа се води како „сиромашна“. За себе на пример, никогаш не издвоила толку пари за да си купи нешто слично. За него ги собирала, ги туткала и некако ги стокмила.
Ја прашувам, „абе имаш памет!? Се даваат ли толку пари за подарок за роденден!?
Ај да имаш, па разбирам. Ама ти цела година ги штедиш овие пари и сеа баам, да ги пукнеш наеднаш!? “
Ми вика, „мерак ми е“. „Цела година ми е незгодно дека секое искачање у кафана тој плаќа, пари за бензин не сум дала, не сакам да помисли дека го користам. Вака ми е полесно, додава, „ем ќе обелам образ, ем ќе му го купам, тоа што знам дека го сака, ем ќе му покажам колку ми значи“.
Ја гушнав и ѝ дадов „амин“.
Ама признај ѝ викам и тоа дека, месец дена после неговиот роденден е и твојот, па сакаш со тоа малку да му покажеш и каков подарок ти очекуваш.
„Не знам“- вели, ама тој секако е „побогат“, па сигурно и тој ќе ми купи нешто убаво. Всушност обратно е, бидејќи знам дека тој ќе ми купи убав подарок, затоа сакам и јас нему да му купам. Да не се обрукам, а после да нема назад.
Човеков паднал у несвест, што паднал, бидејќи секако бил воодушвен од подароков, но од друга страна пак, кога дојде нејзиниот роденден, тој ѝ купи многу помал подарок, отколку таа нему. „Цврц“.
Седнавме на кафе и бараме „НЗС“, зашто и како.
Ја свртевме темава и уздуш и попреку.
Од тоа дека не сакал да ја става во незгодна позиција, до тоа дека можеби нему подароците не му значат толку многу, па не обрнува внимание. Го зборнавме и тоа дека можеби исклакулирал и дека бидејќи сето друго тој го плаќа, па затоа купил поевтин подарок.
На крај секако се согласивме дека на крајот на краиштата не е важно ништо ако тие двајца се сакаат.
Секако дека е така, ама горкиот вкус секогаш останува после вакви ситуации. Ни двете не изговоривме, ама знаевме дека, ако сакал да ѝ купи нешто поголемо, ќе ѝ купел. Толку сакал и така сакал. Богот на малите нешта е тој кој што го прави вкусот горчлив, или сладок.
Не е важна вредноста, гестот е важен. Секако дека е така и најмногу е така и никако поинаку не е.
Но! Има едно НО! Ако влегуваш во релација, без ималку калкулации и ако веруваш во туѓата душа исто како и во сопствената, бидејќи не знам како и зошто би било поинаку, тогаш треба да му го правиш на човека, она што знаеш дека тој го сака, па колку и да кошта тоа, а не она што твојата пресметка го прави.
Во тој случај, требаше ли таа нему да му купи соодветен подарок, според нејзините можности, без да калкулира, па колку и да било тоа од чесни намери, исто како и тој нејзе. Соодветен подарок на неговите можности и нејзините желби.
Но некако секогаш е поинаку. Сиромавиот му подарува на богатиот според неговите-богати можности, за да не се обрука, а богатиот му дава на сиромавиот, онолку, колку што тој проценил дека нему му е доволно. И ова е секогаш така. Речиси без исклучок.
Ако ја прашам мајка ми, сигурно пак ќе ми рече „кад порастеш кашче ти се само.
Е затоа кај богатиот нагледај се, а кај сиромавиот најади се, бидејќи богатиот човек е сиромав човек, а сиромавиот е богат човек.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: