Ќе почнам жими мајка, да везам гоблени: Слепи при очи, глуви при уши и будали при разум

Добивај вести на Viber

Не, не, не… Навистина не ми е јасно како тоа се мачкал со крема и така астероидите му влегле во телото и покажале позитивен допинг тест.

Па дали тоа светот комплетно полуде!?

Дали тоа сВе, баш сВе отиде у Хондурас!?

Ако ми верувате почнувам секое сабаје да се загледувам у огледало за да забележам дали тоа и мене почнало лицето да ми се изобличува, полека полека и без да знам, па носот полека ми доаѓа на местото на ушите, очите одат накај устата, а образите фатиле пат накај тилот.

Оти по се изгледа дека светот веќе нема ни очи, ни уши, а камо ли образ.

Мислам еееј, мртви ладни прво објавија дека човекот се допингувал, па после уште помртви ладни дека тоа било од помадата, за на крај нај-мртви ладни да го пуштат да игра на УС ОПЕН, и тотал мртви ладни да му го дадат пехарот за освоен турнир.

Какви се бре луѓе овие приказни!?

Ја стварно веќе не знам дали ние-човештвото мислиме со своја глава или имаме некои диригенти кои управуваат со нашите мисли и виуги.

Ќе почнам жими мајка, да везам гоблени, за да се загледувам во една точка и да си ги држам виугите и фокусот како со оглав во една насока, па макар и како магаре била тврдоглава и глупа за сВе ова што се случува околу нас.

Ќе фатам и крстозборки да решавам жими мајка (иако се‘ уште не ми дошло време за ова-млада сум, ова обично во пензија се почнува да се практикува), за да го вежбам умот комплетно да не ми закржлаве или не дај Боже полуди. И Рубикова коцка и сите тие активности од тој тип, со кои со саати си фокус на едно нешто, а се друго околу тебе врви, без да забележуваш.

Ако ме видите на улица како шетам со дрвени колци, јажиња и лопата, да не се чудите. Тоа значи дека сум почнала да садам патлиџани. Или, исто така, ако ме видите дека го м“кнам цревото од тераса, заедно сосе кофи вода, сапуница и сунѓер, исто така ич да не се чудите. Ќе си ја мијам колата пред зграда.

Па ја морам некако минимум памет да си покажам сама кон себе. Мислам стварно сум го заслужила тоа, пред самата себе и стварно си го должам тоа самата себе си.

Многу ми е онака без везе, да им дозволам да ме “дрндаат“ у здрав мозок. Па стварно не можам баш така лесно да се предадам и да кренам бело знаменце. Многу заебано.

Бар два три пати у денот ми се завртува у глава, па не знам дали има земјотрес, или мене ми се врти дека не сум јадела.

И не само мене. Кому и да го кажам ова, сите истото.

А тоа што полека, полека почнуваме сите да заќутуваме и да се правиме ко наудрени, дека нит сме виделе, нит сме чуле и дека не знаеме, тоа исто така не знам под кој “фајл“ да го ставам. Слепи, при очи, глуви при уши и будали при разум.

Се мачкал со крема бе и така допингов влегол у телото и така покажал допинг тесто. Аууууу…

Па ја вакво нешто на татко ми да му кажев на времето, ќе ме згрбаеше од ќутек. Или ќутек, или ќе ми речеше “мрш у соба“, еве ти книга и додека не ја прочиташ, да не си излегла. Ако ја читаш три дена, три дена да не излезеш. Ни А, ни Б… Мукла.

Па сеа коа ќе ме застане полицаец на една-две ракии, ќе му речам, види батка, ноќеска имав температура, па се мачкав со ракија за да ја спуштам и така ракијава ти покажува. Еве од лекар се враќам. Жими сВе.

А тоа, па тоа па, дека ако на Ѓоковиќ му се случеше вакво нешто, дека тоа ќе беше светски скандал број еден, тоа ич муабет да не праам.

Нему ќе му ги земеа сите титули, ќе му ги избришеа сите Грен-слеми, ќе го обесеа и распнеа на јарбол, преку холограми во секој еден град, кај што се игра и Грен-Слем и 1000ка и 500ка…

За олимписката медаља, толку да биде. Ќе му ја земеа сигурно, само дали ќе му ја дадеа на Синер, или на Алкараз, тоа не знам.

Ма мислам дека и децата ќе му ги земеа.

Одма ќе му пратеа дома стручен тим психолози и социолози, кои ќе заклучеа дека он не е подобен за татко на малолетни деца, дека е лош пример не само за неговите деца, туку за сите деца на светот и така ќе го пикнеа у ќорка. СВе мислам дека баш вака ќе се одиграше ова сценарио.

Во целава приказна има само едно нешто, пред кое малку ми се сука брк. А тоа е дека не било ова само кај нас.

Ја до некња си мислев дека ваквите приказни се наш автохтон печат, ама сеа глеам дека цел свет полека, полека почнува да станува едно големо стадо овци.

Па ете малку ми е полесно.

Дур можам да сум “црна“ ќе бидам и затоа ви велам, ако ме видите со колци, јажиња, лопата, црево и кофи, како шетам по улица ич да не се чудите. 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу