Чек да брцнам во ташнава: Кире, Иџе и Пандев срам да ви е
Значи нај-срам да ви е. Како што сега
оваа нова генерација се изразува. Пред секој еден збор ставаат нај.
Нај-јако, нај-прекрасно, нај-топ, нај-нај…
Значи нај!
Или пре…, па иде тоа пре-добро, пре-убаво, пре-јако, пре-болна, пре-здрава… и сѐ по ред со „пре“.
Е така и за вас тројца. Пре срам да ви е и нај-срам да ви е.
Мислам дека тука би можела и да завршам со писаниево. И да ве остаам така. Ништо више да не ви кажам, оти мислам дека многу добро си знаете. Сите тројца.
Така како што мене мајка ми и татко ми, само ќе ми речеа „срам те било“. Марш у соба. И да не излезеш од таму, сѐ додека не сфатиш што си направила.
Ми немаше поголема казна од тоа.
„Нај-пре“, бидејќи секогаш имав камен у душа кога ќе ги разочарав.
Ваквите казни не беа за банални нешта, како на пример си добила тројка, или си избегала од час, или од писмена, или си ја скршила најубавата вазна дома, или си излажала дека си у кино, а ти си била кај дечкото.
За ваквите престапи, добивав по некоја воспитна, или недела дена нема искачање, додека не се поправи тројката на пример, или нема џепарац, или такви некои ситни и небитни укори.
Ама кога ќе ми речеа „срам да ти е и марш у соба и да не си излегла од таму додека не сфатиш што си направила“, тогаш ми се идеше да се превртам наопаку, од јад и чемер.
И тоа оној детски јад, кога сѐ уште не знаеш како да се носиш со таа болка.
Ваквите казни беа, за големи разочарувања.
На пример, ако му се потсмеваш на некој кој е инвалид, или ако издадеш некоја семејна тајна, или ако подметнеш некому вина, а не е негова, него твоја, или ако земеш пари од семејната фиока, а излажеш дека не си земал.
Сите овие работи одеа на сметка, дека тебе не може да ти се верува и дека ти не си на добар пат да бидеш чесен човек. Тоа за нашите родители, беше не само казна за нас, туку многу повеќе за нив самите.
Бидејќи ценеа дека од нивите постапки ние треба да учиме, за да бидеме чесни и совесни луѓе.
Колку што ние „дремевме“ у соба под казна, толку и ним тој ден душата им беше згужвана.
Дури сега отткако подостарев, ја сфаќам оваа взаемна тага.
Е!!! Иста или слична тага и јад ми се појавува кога ве гледам вас тројцата по билборди и по реклами на телевизија, како рекламирате казина, кладилници и оние „продавници“ за кеш пари со огромни камати.
Па добро бре, колку тоа пари ви дадоа за да го правите тоа.
Намерно почнувам со темата пари. Последните шамари за крај ги чувам.
Значи колку пари ви дадоа за да се сликате, да се смеете и сите тројца да играте у казино?
Прво, не може сигурно да ве платат колку што може една Барселона, или еден Интер да ве плати.
Второ, не може ни да ве платат повеќе од тоа што вие, сите тројца сте заработиле до сега.
Трето, не може со тие пари да си го решите животното прашање, ниту ваше, ниту на вашите поколенија, за човек да може да рече „па добро јебига, ајде има понекогаш некои нешта во животот пред кој секој еден човек може да потклекне“.
Ако воопшто може ова вака да се рече, ама да не продавам басма и морал, еве оставам простор.
Но тоа не се толкави пари за да се продадат толку скапи нешта.
Како она кога Роберт Редфорд им даде на Деми Мур и на мажи милион долари, за една вечер со неа.
Ние во тој филм не видовме дали таа имаше секс со него, или не. Ни остана само горчливиот вкус дека сѐ се распадна за милион долари. А не видовме ништо. Ама и не треба да се види. Доволно беше. Кој сфати-сфати.
А вас ве гледаме секој ден на сите главни улици како рекламирате казина и кладилници.
Значи ве гледаме. Ве гледаме сите. Ве гледаат и деца чии што идоли сте.
Каква порака им праќате на тие деца. Дека, колку и да си мајстор и врвен спортист, на крај, сепак оди си во кладилница, бидејќи таму повеќе ќе заработиш, отколку на фудбалски, ракометен, или авто-терен.
А!? Таква ли порака им праќате.
Гледам пред некој ден ракомет, и настрана тоа што изгубивме ко магариња, него што јас се чувствував како магаре, што на левата страна од екранот го гледам селекторот, како дава совети на играчите, а на десната страна од телевизорот, истиот тој селектор, во друштво со другиве двајца оди во казино и се коцка.
Си викам, некој ме заебава овде мене!?
Умот ми се меле во тие моменти и точно така се чувствувам. Како магаре со ушите нагоре и опашот надоле.
Немој само да ми речете „па што и Роналдињо, или не знам таму уште кој од нив истото го прават“.
И за нив истото. Срам да им е на сите тие. Од прв до последен.
Роналдињо….Мисламмм….
Па јас бре сите вас тројца ко господа ве третирав. Ко спортски господа.
Како некои пред кои би се поклонила кога би ги сретнала на улица. Да не речам би им бацила рака.
Буквално! Бидејќи во ова време во кое живеевме, само таквите великани како вас, ни даваа волја за живот. Вие ни ја кревавте честа и моралот.
Па зарем и вие моравте да го продадете тоа. Сеедно за колку пари. Тоа не го видовме и не го знаеме. Ама вас ве гледаме и ве знаеме. Сите. Од најстаро, до најмладо. И сите сме збунети. И никој не знае што да каже. Епа еве јас ќе ви кажам во име на сите.
Јаз’к да ви е.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: