Чек да брцнам во ташнава: Кога станавме гуски
Во едно време, не така одамна, кое можеби можам да го наречам и „мое време“, тоа е одприлика пред едно три-четириесет години, некои работи беа навистина поинакви. Ама драстично поинакви.
На пример во тоа мое време жените одеа полуголи, беше сосема нормално и природно, млади девојки и убави жени дури и „брусхалтер“ да не носат. Малку повозрасните ќе се сетат дека се носеа „вруќе панталонице“, дека „миниќот“ беше речиси до интимата, дека се носеа раскопчани и прозирни кошули преку кои се насетуваа градите. И дека ништо од тоа не изгледаше ниту невкусно, ниту вулгарно. Не знам како ама ете не изгледаше. Всушност знам како. Жените со таа своја „отворена голотија“, никако не им испраќаа порака на мажите дека се „на изволте“, ниту пак мажите си дозволуваа да помислат дека таа „голотија“, требаше да ја доживуваат како отворена покана за секс. На плажа беше исто така сосема нормално да не се носи горниот дел од костимот за капење. Никој на малите дечиња не им ги покриваше очите поради ова. Немаше лажен морал. Мажите секако ќе забележеа убава жена и скришум, за да не ја повредат сопствената, ќе го погледнеа она што је и Богу лепо и драго. Ретко која жена немаше да го „фати“, тој скришен поглед на мажот и да не се „намуси“, ако е љутка, или пак да се направи дека ништо не видела ако е „фраерка“.
Сакам да речам сите бевме нормални и сите бевме луѓе. А не предмети!
Денеска!? Денеска на пример гледаме се повеќе жени кои со своето однесување и со целокупниот свој и „маниристички стајлинг“ и „гардеробен стајлинг“, го прават токму спротивното. Директно и отворено им кажуваат на мажите „земи ме, твоја сум“. Тоа изгледа не само како да се нудат, туку, како да молат. Со други зборови од себе прават предмети за еднократна употреба.
Дотерани се отприлика како за на Нова година, или како за на маскембал, или за некаква модна ревија на кич и квази висока мода.
Никако не сметам дека не треба да се дотерани и убави. Напротив. Убавината секогаш имала поголема „проѓа“ и секој сака убаво лице да го гледа и да му објаснува нешто што треба да му „продаде“. Песна, уметност, фотографија, производ…сеедно.
Без лажна скромност, точно знам за што зборувам.
Но ова што е денес убаво, веќе не е убаво. Не само што е вулгарно, туку е грдо.
Денеска од секоја жена која ќе застане пред новинарите, пред камерите, пред својот Инстаграм профил се очекува да биде „секси“.
О Боже, колку ми е ова за греота. Колку ми е ова тажно.
Почна безмилосен натпревар околу тоа која ќе биде „посекси“, и попровакативна, за да влезе во најтесен круг и се разбира уште „посекси“ потоа, за да може да ја „добие работата“.
Сите други кои не сме „секси“ и кои се занимаваме со озбилна работи, немаме шанса да влеземе во оваа конкуренција.
Сите други жени кои се занимаваат со озбилни работи мора своите гради со чадор да ги покријат, бидејќи и најмало откривање или насетување на брадавиците под блузата, асоцира на „сексипилност“, која веќе е сосем непристојна во сериозниот машки свет.
И мажите се веќе тотално збунети. Сега за да си сериозна и чесна треба да си ко монахиња. Бидејки сега веќе, твоето нормално и природно длабоко деколте е веќе непристојно, односно асоцира на проституција, бидејќи во превод значи „изволте“. Или преведено на „Инстаграм јазикот“, вели твоја сум, земи ме.
„Амбициозните“ жени, особено оние од шоу бизнисот, многу брзо ги научија лекциите.
Сите останати кои не мислат на фотографите и на своите мобилни телефони да им го откријат своите сензуално напумпани усни, своите долги трепавици и нокти, мора да знаат дека никогаш нема да станат ѕвезди.
И затоа речиси секоја од жените на оваа нова генерација која „држи до себе“ мора да има вметнати гради, усни, задник, трепки, и веѓи секако. И тоа онакви, какви што во мое време се викаа „гајтан веѓи“.
Е сега сето ова на Инстаграм, мора да се протне низ филтер преку кој ќе се избришат сите брчки кој не успеала да ги избрише хијалуронската киселина.
Градите на сите им се петка, половината потенка од пилешки врат, задникот мора, ама мора да е голем колку лубеница, со неприроден „сајз“.
Истото ова се обидоа да го направат и некои повозрасни жени од јавниот, односно од шоу бизнисот. Да се направат како да имаат дваесет и пет години, а сите знаеме дека имаат педесет и кусур. Ама „морално беше Пиги“. За да останат во игра, инаку ништо од бизнисот. Една наша певачица на пример, изгледа како да има триесет и пет години, а сите знаеме дека има скоро седумдесет. И таа постојано го потенцира ова, говорејќи дека сега има повеќе обожаватели, отколку кога била млада. Дали е ова нормално!?
А истовремено седумдесет годишниот Здравко Чолиќ, закопчан до врат „растура“ со својот глас исто како кога имаше триесет. И уште исто му се полни концертите.
И, иако повеќето жени сè уште се лудо вљубени во него, тој сепак на своите концери не настапува во костум за капење, преку кој ќе се надзира „нештото“, што би требало да го одглуми она, што тој го носел меѓу нозете кога бил млад.
Дали жените се сами криви што мора да изгледаат како проститутки, за да бидат во игра? Не се.
Ние само живееме во време во кое жените никогаш не биле на волку ниски гранки.
Од како ќе се родат им се продава приказна дека или гради, струк, задница, леќи со боја на небо, еден тон вградени прамени во коса, бутини без целулит, или… или се НИШТО.
Треба ли да се бориме против ова. Кој? Како?
Таканаречените паметни жени писателки, докторки, политичарки, спортистки, жените кои целиот свој живот го вложиле во својата кариера крваво работејќи и учејќи, знаат дека пет пари не вредат, ако на Инстаграм, не се појават сликани на својата тераса, или покрај базен и ако немаат пластични гради и исти такви усни. И секоја од нив мора копнежливо да гледа во далечина, со трепките кој се подолги од кучешки влакна.
На денешниве жени мора да им помогнат исклучиво модерните и моќни мажи. На памет не им паѓа.
За нив жените се само кукли со краток рок на траење.
Што е право и тие се почесто се во козметички салони, каде си ги депилираат градите и нозете или вметнуваат коса, како и задник исто така.
Единствено што ни преостанува нам останатите, кои не се закачивме на оваа Цеца, Карлеуша и Кардашјан јадица е со својот „целулитен задник“, кратки нокти, исчупани веги и со сите останати недостатоци, да чекаме да помине ова време на „Гуски во мода“. И магла.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: