Чек да брцнам во ташнава: Кога ти е тешко, само пеј

Добивај вести на Viber

Може ли кога ти е тешко, кога ти е најтешко, кога мислиш дека ти тоне и последниот брод и дека и сламката за која што сакаш да се фатиш се кине…, може ли тогаш да најдеш причина за насмевка, за радост, за исправање, пред себе си и пред сопствениот живот!?

Што мислиш!? Можеш, или не можеш?

Мислам, всушност не мислам само јас, речиси сите мислиме дека Македонија ги живее можеби најтешки мигови во својата понова историја.

Секако дека имало и поголеми страдања низ историјата, не само наши и туѓи.

Секако дека не ни е нам најтешко, секако дека од лошо има и полошо, или Бог да чува од бетер.

Ќе речеш барем имаме вода за пиење, ќе речеш ќути дур имаш кров над глава, ќе речеш и тоа дека за јадење сигурно нема да умреме.

На крај ќе речеш, што сака нека биде само да сме здрави и живи.

Е тука те чекам.

Знаеш како, некои народи се ратоборни, некои се лицемерни, некои имаат сила, други моќ.

Можеби таа сила и моќ ја заработиле на грбот на некои други, кои се послаби од нив, можеби биле подрски, побезобразни, побескрупулозни. Или можеби ништо од ова, можеби едноставно само така им се наместиле коцките.

Секогаш кога мислам на вакви нешта ми текнува на првиот школски ден.

Ми текнува кога не прибраа сите седумгодишни деца, кои бевме некаде стотина на број и во големата фискултурна сала не седнаа на едни мали столчиња, а спроти нас имаше три учителки.

Ни рекоа да бидеме мирни и почнаа да не читаат од списоци, кое дете кај која учителка ќе падне.

Она на што сè уште, како денес се сеќавам е дека една од тие учителки беше млада, убава, нашминкана, дотерана, другата беше крупна, да не речам дебела и стара, ова требаше да и биде последна четири-годишна паралелка, и третатата беше речиси иста таква. Стара пред пензија, со многу длабок глас од пушење (се сеќавам понекогаш и на часовите пушеше), со многу збрчкано лице, проседа коса, само што не беше толку дебела, како таа пред неа.

Сите ние, без исклучок, сакавме да се паднеме кај првата. Најмладата и најубавата. Пола од нас се расплакаа кога сфатија, дека една од другите две ќе им биде учителка во наредните четири години.

Ова се нешта, со кои уште на таа возраст се соочуваш со моментот дека не можеш да влијаеш на работите.

Како ќе ти се падне во животот така ќе биде.

Тоа е она што го велат старите- „како ти е шкртнато на треќа вечер“.

Втората работа на која што исто така многу свежо се сеќавам, бидејќи се ова денови кои се паметат цел живот, е тоа дека сите ние сто деца бевме сосем различни едни од други.

Имаше и дебели и слаби и високи и ниски и убави и помалку убави. Секако дека имаше и лоши и добри и срамежливи и итри и љубопитни.

Имаше се разбира и мирни и немирни и повлечени, кои беа тука, ама како да не беа, а од друга страна и такви, чие присуство не можеш да не го забележиш.

Сите бевме различни. Си се одбравме едни со други по некое препознавање и тоа така остана за цел живот.

Едните со едните, другите со другите.

Исто како што за цел живот сите остнавме такви, какви што бевме тој прв школски ден на 7 години.

Тие што беа безобразни и денеска се такви, тие што беа повлечени и ден денес се такви, љубопитните се љубопитни, итрите се итри до ден денес.

На некои им се наместија коцките во животот, на некои никогаш не им се наместија на некои трети пак, сè уште им се растурени.

Она што никогаш не можам да го кажам е дека бевме сите исти и дека сите имавме подеднакви шанси.

Не, сите бевме сосем различни, шансите не си ги знаевме тогаш.

Всушност шансите во животот се нешто кое што ти е зададено. И не мислам дека зависат од тебе самиот.

Точно е тоа дека, за сè во животот треба да се потрудиш, „да испотиш дупе“, да направиш сè што можеш за да успееш.

Но ти можеш да направиш и да се потрудиш само онолку колку што ти е дадено.

Повеќе од тоа не можеш.

Ако ти е дадено да бидеш пијанист ќе бидеш. Ќе бидеш Симон Трпчевски, каде и да си се родил на планетава. Ќе бидеш Дарко Панчев каде и да си се родил на планетава.

Ако Дарко се родеше во Италија, или во Португалија на пример, можеби ќе беше Роналдо.

Но тој се роди во Македонија. Тоа му било дадено.

Исто како што на сите нам, кој сме родени овде ни е тоа дадено. Или така ни е шкртнато ако сакате.

Сме се родиле во Македонија, веројатно во една од поубавите земји на светот.

Така јас мислам. Нема, овој пат да објаснувам зошто мислам така. Можеби во следното писание.

Но она што ни е дадено со раѓањето тука е токму овој живот кој го живееме сега.

Не, не сум малодушна, туку само сум сурово реална.

Ние повеќе од ова ниту сме можеле, ниту можеме. И тоа треба да се прифати. Разумно.

И без оглед на тоа, што на секоја генерација и се чини дека токму таа го живее најтешкото бреме на својата генерација и својот народ, има нешто што се вика лична среќа и што не зависи од ништо друго туку само од тебе.

И затоа кога мислиш дека ти е најтешко и кога потешко од ова нема, прави го само тоа што знаеш дека тебе те прави најсреќен.

Ако знаеш да пееш пеј, ако знаеш да играш играј, ако знаш да правиш слатко, прави го тоа, ако знаеш како де се отселиш оттука, оди си.

Само немој да си несреќен. Глупаво е.

Бидејќи животот е тоа. Тоа што ти е дадено.

И важно е само да сме здрави и живи.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин