Чек да брцнам во ташнава: Мајката,свекрвата или жената. Која?!
Цел живот им се мешаше и на крај успеа да ги раздели. Успеа триумфално и со цинична насмевка да ја однесе својата победа. Каде!? Во бестрага.
Мајката, свекрвата, или жената!? Кој го прави ова?
Кој знае која од овие три личности во една го прави тој зол договоро со ѓаволот. Можеби е комбинација од сите три по малку, а можеби е и само таа „жената“. „Жената жив ѓавол.“
Мислам дека е така. Мислам дека само „жената“, може да направи таква брутална стратегија во која кога ќе науми нешто, ќе истера до крај по свое па макар тука цркнала.
Мајката е благородно суштество, полна со љубов и нежност. Мајката е трепет, брижност, сомилост, пожртвуваност. Мајката е убавина, чистина, белина, топлина. Мајката е милина. Мајката е чиста безвременска и безусловна љубов. Мајката кога не е „жена“ е само Мајка. И нема ништо поубаво на свет кога мајката е само МАЈКА. Таа Мајка, не може да го направи тој зол договор со ѓаволот, со кој би му напакостила на својот син. Не може бидејќи таа живее за неговата среќа, дише за неговата среќа, ја сонува и со сето срце и душа ја посакува неговата среќа.
Но кога мајката се претвора во „жена“, тогаш почнува страдањето. За сите околу неа, но најмногу за самата неа. Тоа преобразување во аждаја со девет глави која саноќ крои планови како да истера по свое е една од најнемилосрдните војни во семејствата. Жртвите не се мерат во бројки. Жртвите се мерат со нарушување на светскиот поредок. Жената со овој зол договор со ѓаволот ги разнишува сите столбови на кои почива човештвото.
Вербата, љубовта, заедништвото… Семејството. Најважната карика, најважниот столб на кој почива светот. Кога овој столб се ниша и кога овој столб попукува, попукуваат сите карики во прекрасниот и најубав систем наречен живот. Сèвкупен живот.
Свекрвата исто така сама по себе не е доволна. Сè додека е само свекрва, а не „жена“.
Свекрвата е улога, свекрвата е битие кое со радост го прима новиот женски член во семејството. Нов женски член кој треба да го разубави домот, да го развесели домот, да му даде радост на синот. Да донесе пород во семејството. Да ја продолжи традицијата. Да ја оплемени куќата. Да го гали, да го пази, да го сака нејзиниот син. Свекрвата-мајка, како ќерка ја дочекува жената на својот син. Ѝ се радува како на подарок од животот. Ѝ се радува бидејки знае дека таа-снашката, ќе ја превземе улогата на оној, кој ќе продолжи со убавите семејни ручеци, со честа на семејството, со топлината, милината и убавината во куќата. Ова се женски принципи. Од нив зависи сè во куќата, домот и семејството. Така е запишано во „божјата библија“, кога се делени улогите.
Ти ќе му даваш милина, љубов и топлина на својот маж, а тој тебе ќе ти дава, заштита и храброст. Рече Бог.
Добрите свекрви-мајки добиваат ќерки, кога ќе дојдат снашките. А свекрвите жени!? Оние свекрви-жени кои ги кројат оние безмилосни и зли планови, тие си го добиваат несреќниот син назад.
Велам ни мајка, ни свекрва-мајка не може така силно и брутално да ја замеша оваа семејна каша.
Ова може да го направи само лоша жена. Која лоша жена!?
Незадоволната жена. Ете таа.
Која е таа!?
Таа е онаа која живеела исти, или слични маки. Онаа чиј маж ѝ ја скршил душата. Онаа која не била сакана. Онаа која не знаела да сака. Која живеела несреќно сите свои години брак. Криела, молчела, глумела, стискала, потиснувала. Потиснувала и насобрала гнев, јад и чемер во себе.
Тоа е жена која е лута прво на себе, а потоа на цел свет. Лута на себе, бидејќи не успеала да си го прекрои и да си го скрои животот по убав шнит, туку цел живот носела искривена руба. Тоа е жена која не може да го сокрие тој свој чемер. Тоа е жена, која мисли дека на чело и го пишува животот. И токму поради тоа што не може да се сокрие зад својата кожа, се обидува со маски да си го покрие лицето. И лицето и душата. Да си ја покрие разголената скршена душа. Тоа е жена која синот го користи како оружје против својот маж. Наместо заштитата од мажот, таа со својата безумна „цетрифугална сила“, од својот син создава свој маж. Маж, кој не сака да го даде на ниту една друга жена. Таму ја бара и таму ја добива заштитата за која очајно вапа. Таму ја добива и својата болна потврда дека е сè уште „жена“.
Тоа е жена, која не може да гледа, како некоја друга жена и го одзема она што нејзе и само нејзе ѝ припаѓа.
Не го прави ова ниту мајката-мајка, ниту свекрвата-мајка. Ова го прави жената-жена.
И ене ја сега, ја гледам како гордо и важно стои покрај синот на секоја семејна прослава. „Јас сум главна“-како да вели. Но дали е среќна!?, се прашувам. Не знам. Не можам да отидам дотаму. Ми личи така, но мислам дека душата сега ѝ е сосем празна. Како лејка.
Жената во неа живее со својата Пирова победа, мајката во неа страда како кучка, а свекрвата во неа се срами пред светот и векот и тивко умира.
Добрата и среќна жена-мајка-свекрва добива ќерка, а лошата, несреќна и незадоволна жена-мајка-свекрва, си го добива несреќниот син назад, додека смртта не ги раздели.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: