Чек да брцнам во ташнава: Мажи кои „произведуваат“ несреќни жени

Добивај вести на Viber

Да не се разбереме погрешно. Веднаш да кажам дека секако дека има и мажи кои „произведуваат“ среќни жени. Секако дека има. Без нив не може. Тие се радоста на светот. Тие се тие кои ја кројат ведрата и блескавата страна на љубовта. И не само на љубовта. Ведрата и блескавата страна на светот. Бидејќи нивното „производство“ на среќа, односно на среќна жена е со повеќекратен бенифит. За целото општество. Да не речам за светот.

Среќна жена, носи пород. Носи и несреќната секако. Но љубовта, топлината и милината со која ги воспитува среќната жена, своите деца е „како по книга“. Тоа се после тие оние воспитани, оние благородни суштества, од кои блика олицетворение на љубезност и чесност.

Среќната жена, оди со радост на работа. Вредна е, убава, насмеана. Сите ја сакаат покрај себе. Сакаат да работат со неа. Ја зголемува продуктивноста. Создава убав амбиент.

Сеќната жена, го сака, почитува и плени семејството. И сопственото и она на мажот. Овие односи се од исклучително значење. Кога во обете семејства има хармонија, нема разделби, нема судски процеси, нема, или има помалку несреќи. Се гради, се создава, се оплеменува.

Среќната жена е убава. Или убава жена е среќна жена.

Кога се движи танцува сè покрај неа.

Среќната жена ја издава тајната, дека покрај неа има маж, кој ја произведува нејзината среќа.

Не е ова тајна. Сите знаеме дека жената е „зависна“ од радоста, од хармонијата, од љубовта или од количината на среќа, која мажот ја создава за неа.

Само за неа. Тој само за неа. А таа за сите други. Среќна жена е како мулти-машина. Од десет грама среќа, создава едно кило. Од едно кило, создава сто кила. Од сто кила, таа ќе создаде еден тон.

Еден тон среќа за сите околу неа. И ова е така и никако поинаку. Не е срамота да се признае дека радоста и среќата на жената се токму резултат на тоа, колку и како тоа за неа го прави нејзиниот маж.

Децата се деца, родителите се родители, пријателите исто така, другарки, другари, сè е тоа во ред. Но ако мажот не те направи среќна, никој не може. Затоа што една жена, никого повеќе не сака отколку што го сака својот маж. Децата!? Тоа е сосема друга тема. И сосема друга среќа. Не се мешаат овие две рабти. И не треба да се мешаат. И таа жена, која не си го сака својот маж повеќе од децата, не знае што е љубов.

Можете да фрлате дрва и камњеа сега по мене, но најодговорно тврдам дека ова е вака. И само вака и никако поинаку.

Ама за жал не сите мажи имаат „дупе“, да не речам нешто друго, да создаваат среќни жени. Нема да речам повеќето, ама голем број од мажите имаат „дупе“, да не речам нешто друго да создаваат несреќни жени.

Овој пат ќе пишувам токму за нив. Следниот пат за другите.

Немојте да се лутите ако се препознаете, туку подвиткајте опаш, чукнете си ја главата, бидејќи имате огромна одговорност.

Од тоа колку вие имате доблест и храброст да создавата среќна жена, зависи среќата на многу луѓе околу вас. Секако и вашата.

Можеби ви е тешко да претпоставите, но нема ништо поубаво од живот со среќна жена.

Еве вака!

Вие мажите многу добро знаете дека таа е „послаб“ пол. Да, послаби сме. Колку и да се обидуваме да мериме муда со мажите, само се глупираме. Нашата „слабост“ се состои во тоа што сме понежни и поромантични. Да не речам по-бајковидни. Тоа не прави кревки.

Е сега, кога една жена, ќе побара да разговара со вас и да ви каже што ја мачи, а тоа се главно теми кои се однесуваат на вашето однесување, односно “неоднесување“ кон неа, вие редовно не се согласувате со ова.

Веќе во втората-третата реченица, употребувајќи ја вашата „сила“, на посилен пол, почнувате да викате, користејќи ја тука нејзината нежност, која патем многу добро ви е позната.

Миц по миц сте стасале до ова сознание.

И вешто го користите. Станувате, почнувате да викате, трескате врати… Понекогаш се случува и да заминете. Се разбира со трескање врата.

Вам, многу добро ви е познато дека опцијата која ѝ ја давате во тој момент, а тоа е и таа да замине, сеедно дали со трескање врата, или не, таа нема да ја искористи.

Нејзината разумност, дека не се заминува пради нефрленото ѓубре, или загорениот ручек, или лошо паркираниот автомобил, или несвареното кафе, или некупеното цвеќе, или заборавената годишница од брак, или тоа што кога таа е болна, вас ве мрзи, или не ви текнува дека треба да ја измасирате и да ѝ сварите чај, вие многу чудно ја користите.

Да, навистина многу чудно ја користите нејзината разумност, дека за вакви нешта не се заминува и не се треска врата.

Како постојано на вакви теми да имате потреба да докажувате дека сте посилен пол.

Нам жените тоа никогаш не ни станува јасно и ние пола живот го трошиме на вас, бидејќи прво мислиме дека ќе ни успее да ве промениме, а откако ќе видиме дека тоа е невозможна мисија, тогаш остатокот од животот го трошиме да се промениме себе си. Ова е чип кое секое „женско чељаде“ го носи со себе како мираз во бракот.

Се разбира дека некои од нас ќе си заминат. Откако ќе ги исцрпат сите „милион“ обиди за дискусија.

Оние кои ќе се „прешалтаат“ во друга опција, ќе го доживеат одприлика сличното искуство.

А оние кои ќе останат сами, секогаш ќе ја имаат таа полусенка на „несреќна“ жена, колку и да се обидуваат да го сокријат ова.

Природата на жената е да биде во пар.

Секако дека има и жени кои „имале среќа“ да бидат среќни. Односно жени на кои им се погодил токму таков маж, кој умее да ја произведува нејзината среќа.

Сите вие други мажи, кои не сте вакви, знаете ли колку е голема вашата одговорност. Огромна. Доделена ви е многу „силна“ задача. Да ја правите среќна вашата жена. Па зарем тоа не е сходно на вашиот пол!?

Но, за ова треба да имате „дупе“, да не речам нешто друго.

И без гајле. Во следната епизода „ќе гледате“ и за жените кои „произведуваат“ несреќни мажи. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: