Чек да брцнам во ташнава: Младоста и староста

Добивај вести на Viber

Понекогаш од памет се вадам кога ќе ми текне дека имам 50 години. Како бе!? Педесет комада. Знам дека еден период во детството, секоја вечер плачев, бидејќи никако не ми беше јасно како тоа се старее и зашто тоа мора да се умре. Исто така се прашував како тоа сè ќе продолжи да си тера, а мене ќе ме нема. Тоа ми изгледаше неверојатно. Невозможно. Мислам дека сите деца поминуваме низ таа фаза. Тоа е веројатно оној момент, кога ќе ти умре некоја баба, или дедо, или некој близок комшија. Тој страв е толку тажен и ужасен, што не знам како едно детско срце може да го издржи. И сега тага и жал ме фаќа, кога ќе си се сетам, колку само плачев поради ова.

Опако е сознанието колку тоа брутално брзо поминува животот. Се сепнувам кога ќе видам дека син ми станал човек веќе. Во тоа негово растење ми се летнати едно 15 години. Животот некако како да почна да се ценка со мене. На сметка на младоста, сум добила мудрост на зрели години. Младешката свежина ми е заменета со една блага рамнодушност кон работите кои некогаш од такт ме вадеа. Добив на подарок слободно време, само за себе. Време, за кое како млада толку многу чезнеев и замислував како ли тоа изгледа. „Банчењето“ до сабајле ми е сменето со „лешкарање“ на тросед, добра чаша вино, добра книга, добра партија карти.

Сега се прашувам како ли ќе изгледа компензацијата и влогот за сосема самостојни деца, работоспособни, кои сами ќе се издржуваат, сами ќе си плаќаат сметки и сами ќе одат да пазарат за дома. Што ли ќе добиеме за возврат од животот на сметка на чесни и добри деца, извадени на пат!? Тоа е за уште некои десетинатина, петнаесет години отприлика.

Се гледам себе си иста ваква, мислам дека лицето нема да ме издаде многу. Со многу радости и насмевки цел живот му ја оптегнував мусклулатурата. Признавам дека одвнатре сум малку попукана по некои шавови, околу грижите каде и како ќе живеат децава и колку радост сме ги научиле да самопроизведуваат. Ама на тие места каде што е попукано, животот ми има ставено од својот мелем од љубов и поддршка, за да ме боли што помалку. Зборувам за оној период од животот кога син ми,  ќе почне сам да живее и кога односот веројатно ќе ни се сведе на по некој ручек за викенд и телефонски разговори на секои 2- 3 дена. Или, ако тоа биде секој ден, што искрено не знам дали е добро, или не, тогаш тоа ќе биде некое кратко „ало“, колку да се провериме дека сме здрави и живи. Една од опциите може да биде и како седам со отворен лап-топ и чекам да ми се јави негде од по белиот свет.

Се гледам себе си, како го гледам првото внуче преку екран и како плачам од радост и од тага истовремено, што не сум таму негде, да му сменам пелена, да му раскажам приказна за добра ноќ и да им го причувам, за тие да можат да излезат до сабајле.

Си го замислувам својот ден исполнет со некои измислени обврски, кои свесно ќе си ги доделувам, за да не западнам во некоја старечка депресија. Можеби ќе одам на танго, на јога, можеби ќе запишам курс по италијански. Феличита…

Добар дел од времето веројатно ќе им посветам на моите цвеќиња. Садење, пресадување, една саксија, друга саксија, внесување зимно време, па изнесување летно време. Можеби ќе почнам да произведувам и сукуленти. Цвеќарницата сигурно ќе ми работи и тогаш. Маријана, мојата прекрасна вработена цвеќарка, ќе има години колку јас сега. Другата, Оле, ќе биде стара баба, ама сè уште ќе ѝ се јавуваме да ја консултираме за свадбени декорации, оти таа е најголемиот мајстор во градов на таа тема. Нема подобра од неа. Не дека е моја.

Можеби ќе почнам да размислувам и за некој лифтинг на лицето, за кој патем на сите тапани сега чукам дека е најголема глупост, која една жена, може да си ја прави себе си. Сега сè уште мислам, дека штом почне една жена да се загледува секој ден во огледало и да се мурти за секоја своја нова бора, дека тоа автоматски значи, глупава и непотребна грижа, која пак произведува непотребен немир и тага. Шармот! Шармот е сè во животот. Тој ја произведува целата сексипилност и привлечност кај жената. За среќа, него го имам во неограничени количини. И оттаму ќе можам да црпам сигурно до крајот на животот.

Имаше додуша, еден период кога ми секна малку доводот на сите тие од Бога дадени орудија за живот, ама тогаш пак, имав среќа да го сретнам него и како мајстор, од оние како од мајка родени што ги викаме, кои кога ќе ти влезат дома, да ти поправат славина, а ти ја поправаат цела куќа. Е така и тој, ми ги подмачка сите животни славини.

Со него си замислувам како ќе шетаме на кеј, молчејќи, оти веројатно сè ќе си имаме кажано. Па сигурно ќе седнеме кај Томче во „Казабланка“ на добра чаша вино.

Знам сигурно дека ќе им туткам на децава тегли со џем и компот, а тие сигурно нема да сакаат, па откако ќе им одржам цела беседа, колку е тоа здраво, колку јас сум се намачила и со колку љубов сум ги правела за нив, ќе видат ќе невидат, ќе ги земат. Ко јас сега од мајка ми. И ене, у шпајз има уште една тегла слатко од смокви и џем од сливи од преклани, 3 од лани и по две од оваа година.

Само едно се молам. Да ме служи паметов, да не ми дојде оној Германецон Алцхајмер, бидејќи навистина би ми било ужасно жал да го заборавам мирисот на утринското кафе, вкусот на мацнатото залче леб во грчката салата, ќебапите, мирисот на син ми и неговите најубави плави очи. Само тоа да не заборавам. За другото баш ми е гајле.

Мојата старост сигурно нема да ме праша, кај ти беше младоста-лудоста!? Сигурно. Сè тоа ми е пројдено на време. Сè!

Ќе имам мудрост, ќе ги напињам внуците, како јас се подобро знам од нив, тие ќе климаат со глава и едвај ќе чекаат да им дадам некој денар и да му ја дувнат.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: