Чек да брцнам во ташнава: Многу ги сакам фините манири и убавото однесување

Добивај вести на Viber

Имам една ултра убава другарка, со која одвреме-навреме знаеме да се договориме да се исподотераме у комплетен „штос“ и да му истрчаме на животот у пун сјај. Што значи тоа!? Тоа значи штикла, ташна, марама, понекогаш и шешир, хаљина, шминка ко што треба, фризура. Сè! Од глава до петици. И така стокмени, излезени ко од бурда нога пред нога, влегуваме во еден ресторан, кој ни е омилена дестинација за вакви пригоди.

Има нешто „зезнато“, да не речам „проклето убаво“ во тоа, кога две стокмени жени влегуваат во ресторан. Доволно сме возрасни двете, а при тоа и двете, ич не сме лажно скромни за да не признаеме дека не го забележуваме тој момент. Наеднаш застанува воздухот на неколку секунди. Мажите кои се сами, или кои се комплет машко друштво, не се „либат“ да подзастанат со залчето во уста, или голтката вино и да ја „испратат“ оваа сцена до крајот на нејзиното движење.

Оние кои се со своите девојки, или жени од почит кон своите дами, се разбира ќе се воздржат од својата „набљудувачка ерекција“. Се разбира дека има и такви кои се во некој свој свет, па оваа сцена нема да им предизвика особено внимание. Можеби ќе „фрлат око“, ама тие мажи, или одамна ги завршиле своите „кибицерски активности“, или просто немаат однос кон вакви сцени, односно можеби е тоа нешто, што е сосем нормално и нема тука некое паѓање во несвест. Влегле две убави жени и дотерани жени. Па што!? Во секој случај има различни реакции, но најголем процент сепак оди во прилог на тоа дека оваа сцена малку ќе го разбранува воздухот.

Се разбира дека сме биле и во обратна ситоација. Сме седеле ние на маса, кога влегле две-три убави дотерани жени. Иако сосем е различно кога си ти актер во оваа сцена, или кога си набљудувач од страна. Кога ја имаш „главната улога“, тогаш треба да ја изнесеш како што треба, да стасаш до маса со сите манири, кои се состване дел на оваа
„основна женска опрема“. Лежерно движење, одмерена самоувереност, отсуство на „големџиство“, пријатна, блага и топла насмевка, која ќе го припитоми воздухот, а ти ќе дадеш до знаење, дека не те бодат како со нож погледите кои ти се упатени, туку напротив, ги прифаќаш и одобруваш свесно, бидејќи јасно ти е дека убавината не може и не смее да помине незабележано. Па нели „убавината ќе го спаси светот“!? Но ова, кое што сега го детектирам како појава, во не така далечно минато било речиси нормална појава. Шеширот, ракавиците, чипканите марамици, „свиленото“ и пријатно однесување исто така. Се разбира дека било и нормално мажот да го придржи капутот, вратата, да ја помести столицата. Другите господа да го подигнат шеширот во знак на почит, дамите благо и одмерено да климнат со главата. Во поблиска, односно поприсна комуникација, или како врв на љубовно почитување мажите и бакнуваат рака на жената. Сè се ова нешта кои бележеа едно, не така дамнешно време.

Сега живееме едно друго време. Време во кои овие фини манири понекогаш служат за потсмев. Замислете како би изгледала сега сцена, во која кога ќе влезете во ресторан, ќе дотрча вашиот најдобар пријател и ќе ви ја бакне раката. Многумина за жал ќе помислат дека нешто не е во ред со вас. Она што ме мечи е дали закржлавеа и сосем исчезнаа тие виуги, или центри за фино однесување во умот на сите нас и ако е така како е тоа можно!? Дали развојот на човештвото неминовно го „спроведе“ овој обратно пропорционален закон, што би значело ако сакате пари, власт и моќ, тогаш ќе ви ги одземеме фините и доблесни манири, па човештвото несакајќи, или не знаејќи се согласи на овој договор!? Сакам да речам дали свесно го направивме овој „договор со ѓаволот“, или сосем случајно ни се протна „на мала врата“. Мајку му стара, ич не ми е јасно како „финото“, стана срамотно. А како срамотното стана фино.

Се прашувам и дали виугите масовно и вистински исчезнаа, или сите ние само за некаков привиден „мир во куќа“, што го велат, се правиме со сила глупави пред самите себе, глумејќи дека сето тоа не ни пречи и дека не ни е потребно не ни недостига. А!? Лажеме ли!? А ваму со сами себе се би дале да се врати тоа, ама не признаваме, од пусти срам. Признавам дека заглибувам во некаква жива кал, барајќи некаков логичен одговор на овие прашања. Признавам и дека свесно се повлекувам понекогаш пред вакви непристојности, повторно за некој си привиден мир пред самата себе. Признавам и тоа дека за разлика од порано, да речеме до пред само 10 години, многу посамоуверено се чувствував кога ќе ставев шешир на глава, отколку сега. Признавам, признавам…. Исто како што признавам дека „зад затворени врати“- дома, сè уште си ги правам овие задоволства. Сама себе и на сите мои. Многу ги сакам фините манири и убавото однесување. Се „лактам“, со сите сили да ми се случува и надвор… во продавница, во банка, на работа… Признавам и тоа дека понекогаш го користам својот познат идентитет за да им укажам на некои луѓе на непристојноста. Пред некој ден збеснав па на една „цурка“, од помладава генерација и реков „колку чини твоето пристојно и културно однесување?! Сакам убаво да се однесуваш кога си во мое присуство, ќе завршат ли работа 2-3000 денари!? Признавам и дека лошо, некако валкано се чуствува после ова, ама ме совлада бес и немоќ.

Признавам дека ужасно ми недостасуваат фините манири, убавото однесување, убавите и дотерани жени и истите такви мажи.

Има ли цена и колку кошта за да се врати финото-фино!? 


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска