Моите три најважни жени: мајка ми, свекрва ми и таа во огледало
Вчера беше 8ми Март. За мене ова е убав ден. Ич немам проблем со тоа, дека тоа е еден ден во годината, или дека не е убаво само тој ден да се купува цвеќе и подароци, или дека секој ден треба да е ден на жената…
Не! Тоа се само изговори од не знам какви причини и тоа не е така. Што, од за мене бесмислени феминистички побуди, кои апсолутно не ги разбирам, , бидејки никогаш не сум имала таков проблем во животот, што од некое помодарство. Демек дека не е тренди да се слави 8ми Март.
Ниту е тоа само еден ден во годината, ниту пак жените само тој ден добиваат подароци и цвеќе, ниту пак другите денови самите тие-жените, не си го празнуваат животот и своето постоење. Напротив. Секоја една жена која се сака и почитува себе си, независно дали постои, или не постои 8ми Март, си го празнува и прославува секој ден, за кој што таа ќе си одлучи.
И роденден е еднаш во годината и Нова Година и Бадник и Божик и Прочка и Велигден…И нив ги славиме секоја година. И секоја година се радуваме и уживаме на овие денови. И не гледам проблем.
И ако забележувате сите големи денови имаат свој ден во годината. И баш убаво што постои ден, како ден на Жената.
Жената е свето битие.
Жената го носи светот во својата утроба.
Жената е цвеќето, насмевката, љубовта на светот. Жената е убавината, грациозноста, елеганцијата на светот.
Жената е благородноста, топлината, милината на светот.
Жената е мудроста на светот.
Жената е столбот на кој светот се потпира.
Жената треба да се чува, да се негува и да се сака.
Не да се разбира, туку да се сака. Само, да се сака.
Оти таа, кога е сакана, кога е само сакана и ништо друго, ќе ја посее најубавата цветна градина во својот дом. Ќе блика во сиот свој раскош. Ќе биде волшепството, со кое од Бога е обдарена.
Имам три жени на кој што сакам да ги посветам овие редови. Ги сакам секој ден во годината, но сега сакам да им го кажам тоа.
Првата е Мајка ми. И знам дека секој еден збор, кој ќе го напишам сега, а ќе ми излезе од моето срце и душа, ќе важи за секој од вас. Затоа што мојата мајка е и твоја мајка, твојата мајка е и моја мајка, затоа што мајката е светот. Затоа што мајката е една.
Мојата мајка е мојот светилик. Мојата икона. Моето кандило.
Таа ми ги даде крилата со кои летам. Таа ми ја даде сета знајност со која чекорам низ животот. Таа тивко ми го покажуваше патот, по кој треба да се движам.
Таа ми ги посади семињата, на сета моја внатрешна цветна градина.
Само таа е секогаш тука, кога ќе зазвони мојот внатрешен немир. Само таа. Секогаш. До ден денеска.
И знам дека секој ден го живее, затоа што знае колку ја сакам. И знае колку ми значи.
Е тоа е таа љубов која го држи животот во живот.
Затоа сакајте ги вашите мајки, бидејки тие живеат се додека знаат дека вистински ви требаат и дека ги сакате.
Никогаш нема да ја заборавам сцената во која јас имав 5 години, а мајка ми 35.
8ми Март рано сабајле. Се разбудив прва и дотрчав во нејзината спална соба и почнав да и ја пеам песничката која претходно цела недела ја учевме во градинка.
Учителката ни рече да го чуваме изненадувањето до денот. До 8ми. Да не и ја испееме претходно. Боже само колку едвај издржав.
До ден денес ја памтам и секој 8ми Март и ја пеам.
Вака оди песничката.
Во утро рано штом зора се буди,
со топол шепот мама ме буди.
Над мене стои и нежно се свила,
Со својот поглед насмевка свива.
Ти ми подаруваш насмевки благи,
О мамо моја ти ми даваш сила,
Ти ми подаруваш бакнежи драги,
Те љубам мамо мила.
Јас магарица од 50 години, таа бабускера од 80 години, ама нежноста и љубовта е иста како кога таа имаше 35, а јас 5 години.
И точно знам дека до еден момент таа мене ми даваше сила, а од еден момент, нежно се префрли оваа приказна во другата насока. Сега јас нејзе и давам сила. Те љубам мамо мила.
Втората жена е свекрва ми. Да, да.
И не се работи тука, дали ја сакам исто како и мајка ми, или исто колку и мајка ми. Ова се две сосем различни љубови. Или пак сосема исти љубови. Ако се договориме дека секоја една мајка е сечија мајка. А јас такви договори си правам со животот. И супер ми е.
И не ја сакам , само затоа што е мајка на мојот човек, мојот маж. Ни тоа не е така. И тоа ми се изговори. Демек ја сакам и ја почитувам бидејки е мајка на маж ми.
Не!
Си ја сакам бре брате затоа што е жена. Затоа што е едно дагцено и благородно битие. Затоа што е борец. Затоа што се што наумила во животот-остварила.
Затоа што кога и да сум ја замолила да ми направи нешто, ми направила. Секогаш. Без збор. Ни А, ни Б.
Затоа што кога ќе и кажам дека имам некој проблем, сто телефони ќе заврти за да ми најде чаре.
Затоа што сто пати ми направила ручек и ми пратила. Затоа што сто пати дошла да ми испегла. Затоа што ме мисли, затоа што се грижи за мене и затоа што знам дека и таа ме сака.
Нит ми фаќа кусур. Нит јас и фаќам.
Чак и кога ова личи на тоа, на фаќање кусур, ич ама ич не е различно со она што мајка ми моја ми го прави.
Индиго е работава.
Така што златна медаља и за неа.
И уште еднаш да ви кажам на двете вам мајки мои.
Живејте ми што подолго, бидејки ве сакам, ми значите и ми требате.
И ич да не ви е гајле, да ми звоните по сто пати на ден, за се што ви требам. Сега кога, вам ви ѕвонат годините на врата и кога почнува полека-полека да ве издава силата. Ќе најдам начин и ќе дотрчам да ви донесам се што ви треба.
Јасно!?
На парови разбројс!!
Прва-втора, прва втора.
И вака да биде уште долго.
Јасно!?
Јасно.
Ве р’чкам малце. За да ве развеселам.
Третата жена на која исто така сакам да и посветам некој ред во ова писание е една жена, која цел живот ме учи како да ги грабнам радоста, среќата, веселоста, ведрината, трепението, трудољубивоста и љубопитноста под мишка и да ги носам секаде каде што одам и да ми бидат основни начела што и да работам.
Тоа е жената која ја гледам секое сабајле наспроти, во огледалото. И на која и се насмевнувам и и велам, “ајде драга моја, трк во денот.“
Уживај, радувај се, смеј се, истражувај, работи, пишувај, прави букети, продавај, купвај, плачи, смеј се, пцуј кога ти се пцуе, гушкај кога ти се гушка, карај се, и тепај се ако треба и кога треба…
Само немој да сум те чула да кажеш “не можам“.
Можеш да седнеш малку и да се одмориш, да видиш кај си, што си и да се сетиш дека во животот не постои проблем што треба да не скрши и растажи до бесвест. Постои само начин на кој ги доживуваме, а потоа и решаваме проблемите.
Среќен 8ми Март. Среќен секој ден.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: