На диета сум: Ние гурманите можеме да јадеме и тогаш кога не сме гладни
На диета сум еве речиси еден месец. Некој режим на исхрана е тоа, кој што подразбира што може да се јаде, а што не. Кога, како, во колку саат и во која количина. За овој месец имам загубено околу 4-5 килограми. Се трудам да го почитувам во целост, иако имам своевидни отстапки, кој ги правам, како последица на личен став кон животот, кој подразбира, малку да си попуштиш, малку да го скршиш правилото…
Тоа е само толку, колку ептен да не се почуствуваш како во зандана, поради која освен килограмите, ќе ја загубиш и онаа слатка, симпатична доза на радост, која мене ми ја носат, токму таквите „кривудања“ од зададените патеки во животот.
Ич не сакам кога „струните се опнати до крај“, кога јажето е толку многу затегнато, што почнува да ти го стега вратот.
Многу сакам кога се почитуваат правилата на било која игра на животот, ама со една мала доза на шеретски отстапки. Точно толкави, колку за да ти биде комотно во животното одело, кое „наречниците на треќа вечер“ го скроиле за тебе.
И точно поради тоа и сум на оваа диета. Цел живот се вртам околу тие 6-7 килограми плус, или минус.
Кога ќе ги накалемам, тогаш сите костими, костимчиња, фустани, фармерки, блузи, кошули ми се како позајмени од помалата сестричка. Сѐ ми е опнато и затегнато. Дури и чевлите ми се кнап. Да, да… Бидејќи логично и стапалата и дланките се здебелуваат кога калемиме килограми.
А кога ќе ги симнам, тогаш обратно е. Тогаш сета облека, заедно сосе чевлите ми е таман. Ако не се задоволам со ова „таман“ и ако го издржам докрај предвидениот режим и ги симнам сите планирани килограми, тогаш облеката ми станува комотна.
Под комотна го подразбирам оној момент, кога телото внатре во облеката може слободно да се движи, слободно да диши и многу слободно да игра и да кокетира со животот. А тоа најмногу го сакам. Играта и кокетноста ми се алфа и омега. Ги сакам, ги гланцам и ги чувам во специјални кадифени кутивчиња. Внатре во себе. Но не ги кријам. Ги расфрлам како прав, во сѐ што правам во животот. Како поленов прав. Оти колку повеќе го расфрлаш тој прав, ти всушност го сееш тоа семе кое пак раѓа нови такви игриви и кокетни цветови.
Е сега! Отприлика дваесет години го правам ова. Сакам да речам дека мојте режими на исхрана, илити диети почнаа пред отприлика толку, 20-25 години. Зошто и како појма немам. Ваљда тогаш почнав да одам почесто по кафани, можда оттогаш почнав помалку да се движам, можда и хормоните од породувањето почнаа да одат горе-доле… Веројатно сѐ ова заедно. И во овој долг режимско-диетски стаж, сум заклучила дека отприлика колку што ти треба време да ги качиш тие неколку килограми, отприлика исто толку време ти треба и да ги симнеш. Лага е тоа, што велат дека лесно се качуваат, а тешко се симнуваат.
Лесното е во тоа, што е многу полесно е да се јаде и да се ужива во хранат до миле воље, а многу потешко е да се воздржуваш од сѐ, што ти душа сака.
Јасно нели!? Ко еден и еден - два.
Сите гурмани, во кои секако спаѓам и јас, можат во секое време да јадат печено прасе, или парче чоколадна торта, или пржени компири, пица, или хамбургер. Ама буквално во секое време.
Ние гурманите можеме да јадеме и тогаш кога не сме гладни.
Оние другите „ултра-слабите“ можат и да не јадат тогаш кога се гладни. Во тоа е разликата помеѓу нас. Но мислам, дека во тоа е и суштинсата животна разлика помеѓу нас. „Тие таквите“ ја немаат таа „гурманска страст“ и за животот. Ко подзаспани ми се малку, да бидам искрена. Ми немаат врцавост овие луѓе, ми немаат сјај во очите… Едноставно ми се така! Ко само бројка. Не знам како поинаку да кажам.
Оние пак третите кои можат да јадат колку сакаат, а да не им „се фаќа“ е на таквите сум им љубоморна цел живот. Блазе си им. Имаат брз метаболизам и сѐ што ќе каснат, одма „надвор“.
Ама некако и кон овие имам поделен став. Не знам дали нешто ги допира, или пак со сѐ се такви, како со храната. Како им влегува, така им излегува. Ко проточен бојлер. Можеби пак дека им љубоморам, затоа зборувам вака за нив. Оти јас сѐ би дала да си лапкам колку што сакам, а да не се дебелеам.
Ама цврц. Не ми е дадено.
И на крај онаа четврта категорија, која дигнала раце и си рекла. „Баш ми е гајле каков сум. Ќе си јадам колку сакам, оти така ми е поубаво. Поубаво ми е, отколку да се мачам сега, па ова смеам, она не смеам, па во толку саат, па во онолку саат, па волку калории, па толку грама… Ма какви. Си лапкам и точка. Кој ме сака, и така, ќе ме сака. Кој не ме сака, баш ми е гајле. Мене ми е убаво и јас си се сакам таков како што сум.
И за овие луѓе ми е поделено мислењето.
Од една страна мислам дека се особењаци кои живеат во некој свој комформизам и преку храната, како „суштински“ сегмент за преживување изградиле бариера кон се останато и баш им гајле што Маџарска нема море, а има ратна морнарица.
А од друга страна мислам дека „нешто“, ни сами не знаат што е тоа „нешто“, што ги повредило во животот, „нешто“, што е толку големо и што толку многу ги покосило, што единствено преку храната можат да направат да им биде полесно.
Оти човек кога ќе се најаде, одма му е подруго. Серотонинот лачи хормон на среќа, а храната потпомага во тоа.
Ама сѐ до утредента, додека не се погледнат во огледало. Претпоставувам дека тогаш се тажни, што синоќа во ниедно време се „налупале“.
Ама пак ќе си речат. Ма баш ме брига, кој ме сака и вака ќе ме сака.
Важно јас се сакам себе си.
Секако тоа е најважно.
Јас пак, се сакам себе си, кога можам кокетно да си играм под рубата, што наречниците како животна облека ми ја доделиле на треќа вечер.
Имам уште 4 килограми за симнување до тој момент.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу