Чек да брцнам во ташнава: На петтата чашка ракија
Слушам некни во една од скопскиве кафани муабет на двајца мажи. Беа малку „лапнати“, па зборуваа погласно од колку што би зборувале кога би пиеле кафе на пример. А пиеја вино. Шприцер. Веројатно беа заседнати.
Муабетот кој што го правеа е токму оној муабет кој двајца мажи може да го прават само после неколку чаши вино.
Кафански човек сум и точно знам кога и како се прават одредени муабети.
Уз кафе правиш муабет за криза, проблеми на работа, актуелни теми од кај нас и светот, спорт, политика.
После една-две чашки сè уште си на истиот муабет, ама „интонацијата“ е друга. Почнуваш полека сеир да фаќаш и приказните добиваат сатиричен и ироничен тон. Со втората чашка алкохол се испива и дозата на потсмев.
После три-четири чашки, темите се врткаат исто тука некаде во тој оквир, само што „интонацијата“ е веќе сосем друга. Почнуваат да се спомнуваат поединци, поединки. Се вадат полу-приказни од нивните животи, а ти во тој момент си секако попаметен од нив, од тие за кој што правиш муабет, и секако не си исти како нив. Ти си во тој момент и најчесен и најпаметен секако.
Заебот е, што ти си тема на муабет, во некоја друга скопска кафана, во некое друго друштво, на нечиј друг астал. Тоа се тие скопски приказни и шеми.
Како и да е со четвртата чашка, се испива и дозата храброст. Почнува благиот курч од типот „ја вака, ја онака“.
Ова е секако муабет, кој никогаш не оди уз кафе. Нема шанси.
Секоја чашка и секој саат поминат у кафана, има точно одредена позиција и тема.
После четвртата, петтата и така натаму чашка, почнува да се испива и потребната количина емоција. И почнува отворањето. Во тој момент се игра сосем отворен покер.
Практично тоа е муабетот, поради кој си го викнал „пајташот“ да разговарате и да му се пожалиш, ама до него треба да се стаса.
Ретко кога овој муабет почнува на прва лопта, да не речам на прва чашка. Сè си има свој кафански ред. Кој знае, знае! Кој не знае студира-што би рекла Лепа Брена.
Е сега, овие двајца мажи, чии што муабет сакав-нејќев го слушав, беа на четврта-петта чашка. При тоа ова се мажи на свои педесетина години од прилика, кои сè уште не се пијани со таа доза алкохол. Особено кога се најадени и особено кога се заседнати цел ден, па приказната „си вози“ полека.
Значи во таа фаза од муабетите, главно се муабети за жени. Додуша 5 минути трае овој муабет, за после тоа да се вратат на истите теми, во кој што целата приказна врти во круг. Истиот муабет се вози од почеток до крај само во разни интонации. Секако дека тука некаде ќе се убаци и по некоја приказна од војска. Обично е тоа третата, или четвртата фаза. Велам пет минути трае овој муабет, муабетот за жени, бидејќи толку трае и оваа фаза, бидејќи со следната тура почнува интензивната фаза на „јадење бурек“, за сè и сешто, без некој особен редослед. Тука никој-никого, веќе не слуша, туку само се мрси м…
Понекогаш може да дојде и до кавга, некогаш до солзи, за на крај се да заврши со прегратка, во која еден на друг си кажуваат колку се сакаат.
Како и да е јас се најдов близу нивниот астал, точно во тие „пет минути“. Тогаш вообичаените теми, во кој со четвртата-петтата чашка се испила и дозата емоција, се главно за разводи, за бившата жена, за сегашната жена. Еден на друг си ги отвараат картите.
Му вика едниов на другиов.
„Брат многу ми е погодена вторава. Нит ме прашува кај одам, нит кога ќе си дојдам. Ако дојдам, сум дошол, ако не дојдам не ми ѕвони на телефон, не ме масира со глупости од типот, ќе дојдеш ли на ручек, купи, ова, купи она. Ако дојдам цврцнат не се лути. Не морам да глеам филм, или серија со неа. Не морам нит по фрижидер, или плочки да идам со неа. Си договара мајстори сама. Ги пречекуе-ги испраќа. Ни кај мајка ѝ, не морам да одам на ручек. Не ми звоца ич. Си брка своја работа. Ќе си испазари што треба, ќе направи ручек, ќе испегла. Ако ѝ се искача, ќе се договори со другарките, иде на вежбање два-три пати неделно. Ако не сум дома, ќе си легне, не ме чека. Милина. Ја обожавам.“
Другиов слуша, со видливо неверување, занемен, очигледно вртејќи ги во главата, неговите сосем споротивни приказни.
На крај му вика. „Блазеси ти брат. Мене од сè ова што ми го наброја, дома не ми се иде.“
Ја исто така слушам со неверување и во главата превртувам која од овие две жени сум јас.
Во меѓувреме порачувам трета чаша вино, отпивам неколку голтки и ми текнува дека нема врска која жена од овие две сум јас, бидејќи и овој со ваква и оној со онаква жена седат и пијат и на исто дереџе се. Разликата е само во тоа што на едниот не му се иде дома, а на другиот може му се иде, ама не иде.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: