Нас ништо не нѐ поместува- нит магли, нит сиромаштија, нит к**винска политика

Добивај вести на Viber

Нешто се случува, ама никој не знае што точно. Со светот! Со векот! Со луѓето!

А!? Што мислите!?

Се случува ли нешто, или ништо не се случува.

Или што се случува?

Ништо не се случува!

Ништо спектакуларно не се случува.

Тој што работел, пак си работи. Дури и да останал без работа. Нешто нашол, што да работи. Оти место не го држи. И оти сака да работи.

Тој што не работел, ни сега не работи. И сега Бога моли да не најде работа.

Тој што кукал, цел живот ќе кука. И цел живот некој друг ќе му биде крив. За се што му се случува нему.

Тој пак што ги врти работите не наопаку, туку на лице, знае дека глупо е да кукаш. И знае дека волкот е дебел во вратот, оти сам си ја врши работата.

Тој што јадел, сеуште јаде. И е дебел. И ќе си најде изговор дека му е слатко дека, што има везе, дека му се јаде и ќе си к’сне. 

Оној што бил слаб, или мршица, сеуште е таков.

Има и такви што цел живот јадат, а не им се“фаќа“. И тие се цел живот такви.

Тој на кого што си можел да се потпреш, сеуште можеш да го повикаш на полноќ. И пак ќе дојде. И ќе ти заврши работа.

Оној кој наоѓал изговори, до ден денес е таков.

Тој што доцнел, до ден денес доцни. Се нему нешто ќе му се случи во тие пет-десет минути. Или автобусот ќе му избега, или ќе го забрави мобилниот, или баш тогаш ќе има сообраќајка, па ќе мора да кружи преку друга улица. За на крај да задоцни десет минути.

Тој пак што доаѓал на време, стално е пет минути пред договореното време, на место. Нему никогаш семафорот не му се затворил “пред нос“.

Оној пак кој чекал друг да му ги заврши работите, сеуште чека истото да се случува. И мува не го лази.

 Ако некој му ја заврши работата ок, ако не, пак ок. Не се потресува.

Тој што имал среќа, сами да му се местат коцките, сеуште ја има таа среќа. Што и да се случува, нему оп, ќе му падне “нешто од небо“.

Другиот кој треба од петни жили да се измачи за да ја дотера работата до крај, цел живот истиот калај го јаде.

Оној на кого му паднала секирата у мед, му падала, и… И наопаку да се свртиш не можеш ти да му ја земеш и да лижеш ти од медот. Не бива. Ќе ти се удри по глава.

Сакам да речам оној кој е роден со к’смет и на буниште да го џитнеш, на к’сметот не можеш да му застанеш.

Другиот пак, кој цел живот се наопаку му идело, ќе мора така да си врви низ животот. Така му е ч’кртнато.

Крушка под круша паѓала отсекогаш. И порано и сега.

Тој чии што родител крадел и децата ќе му ќе крадат.

Така гледал, така научил, така и тој ќе прај.

Таму пак кај што имало чесност, цел живот ја има.

Тој што се коцкал, уште се коцка. До последно. Прашање е само дали ќе стави на црно, или на црвено. Тој пак едно ливче лото што не уплатил, не знае ни како се прави тоа. Ниту пак верува во игри на среќа.

Тој што крадел, тој исто така и лажел. И вошки имал.

Морал да лаже, оти кој крадец ќе признае дека крадел. Никој. Нит било нит ќе биде.

Друг пак само што лаже, не мора и да краде. Ама и тој цел живот лаже.

Оној пак што ја зборува вистината, цел живот на “сва ѕвона удара“. По вистинта. И да го натераш да излаже, не може. Одма ќе му се познае.

Тој што пиел, до крај на живот ќе пие. Сто пати ќе проба да се откаже и на крај пак. Цврц. То ти је.

Волкот влакното гоменува, ама ќуд-та не.

Откако постои векот и светот е така.

Така е и денес.

Војни отсекогаш имало. И денес има. И ќе има. Додека постои човештвото. Бидејки секогаш некој некому нешто насила сакал да му земе. А кај што имало сила, правдина немало. Нема ни денес.

Политиката била курва отсекогаш. И денеска е курва. И таква ќе остане.

Црквата стално се само-распнувала помеѓу политиката и народот. Малце таму, малце ваму. Ко да више.

А со црква и со Бога, никој не скала да си игра никогаш. Оти нели Господ забава, ама не заборава. Никогаш. Ни денес. И тоа треба да се искористи, а црквата знае како.

Имало и фер играчи стално. Ама тие главно, откако ќе видат “колку е саат“, си се повлекуваат и си бркаат своја работа. Оти се умни. И оти знаат дека и наопаку да се завртиш караванот ќе си врти, а кучињата ќе си лаат.

Гласам за овие фер играчи. Отсекогаш.

Гласам за караванот, наречен живот.

Гласам за тоа да ни текне дека ништо не се случува.

Дека ваков е светот откако постои.

Гласам за тоа да не ни ја извитоперат свеста, за да си мислиме дека таму некаде е подобро, само кај нас не чини. Каде е подобро!? На Марс. Нигде не е подобро.

И никој нас нешто “специјално не “не мести“.

Нит со магли, нит со сиромаштија, нит со курвинска политика. Со ништо!

Овде отсекогаш било така.

Ништо не се сменило и ништо не се случило.

Така било и ќе биде.

Затоа бидете си фер играч со себе и со својот живот.

Гласам за фер играчите.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: