„Не дај се Севе, не дај се генерацијо!“

Добивај вести на Viber

Зошто убавината мора толку скапо да се плаќа!? Зошто!? Никогаш не ми било јасно ова. Мислам никогаш!? Лажам! Знам и за чувство на љубомора и за чувство на злоба и за завист … Се ми е тоа јасно.

Знам дека постојат овие чувства. Секако дека знам.

Ми се идеше да пукнам еднаш, кога пред некои десетина – петнаесет години, во еден кафуле, се направи една убава атмосфера и повеќето од луѓето станавме да играме. До мене застана да игра, најубавата девојка, што таа вечер беше во истиот локал.

И не само што беше таму најубавата, туку таа е и една од најубавите жени на овој град. Глупаво ми е да ја напишам со име и презиме, бидејќи не сум ја прашала, а се отсели од државава и изгубивме контакт.

Елем, не е битно која е. Кога ви велам една од најубавите во градов, така е. Ќе рече некој за вкусови не се дискутира. Ма како не се дискутира. Тоа што е убаво е убаво и сите знаеме дека е убаво.

Како и да е, игра таа покрај мене, играм и јас. Во еден момент, движењата, моите движења почнаа да ми стануваат чудни. Гледајќи ја неа, како танцува и како изгледа, знаев дека апсолутно доминира во просторот, дека сите очи се вперени во неа. Честичките восхит, воодушевување и вознес, можеа да се собираат во воздухот. Таа беше сосема свесна за тоа. Како и секоја убава жена впрочем.

Сите ние покрај неа бевме само „смешен декор“. Знаев дека е така. Го чувствував тоа. Затоа и почнав да шантрам. Знаете, кога се наоѓате во друштво на некој, за кој знаете дека поседува не само таква убавина, туку и свест за себе и однос и разум … Тогаш некако чудно, но вие веќе не знаете како да се однесувате. Ете буквално тоа ми се случи. Никогаш нема да ја заборавам оваа состојба. Почнав да се клацкам, да губам ритам, да се обидувам да играм како неа … И се тоа да ми изгледа мене самата, за мене самата многу смешно. Не беше битно дали јас ќе останам да играм покрај неа, или ќе се повлечам, за да „си ги скратам маките“. Во мене ионака никој не гледаше. Битно беше, што јас го почувствував ова. Многу јасно и многу гласно.

Не почувствував злоба, ниту завист … Не! Само некое чувство на љубомора. Од типот. Како може да е волку згодна. Како може вака свесно да владее со себе, иако знае дека сите ја гледаат. И згора на тоа, бидејќи ја познавав лично, се прашував, односно не се прашував, туку знаев дека е и умна. Умна, способна, убава …

И реков-љубоморна сум ти. Се насмеа и ми возврати со комплимент.

Немаше баш многу среќа во животот. Во љубовта, сакам да кажам. Како и многу други убави жени. А животот е љубов. За мене отсекогаш животот бил само љубов и ништо друго.

Љубовта дава здравје, љубовта дава сила, радост, смеа, самодоверба, успех … Се дава љубовта.

Ако немаш љубов, ти немаш ниту живот во себе. Немаш ништо.

Немаше маж за неа.

Немаше маж, што ќе знае да се носи со неа.

Ви звучи глупаво ова!?

Не, воопшто не е глупаво. Мажите на некој чуден начин ги сакаат ваквите жени. Всушност ни самата не знам како ги сакаат.

Дали само ги посакуваат, а длабоко во себе ги презираат, бидејќи ваквите жени, ти прават да се чувствуваш несигурно покрај нив. Да „шантраш“.

Не е тоа грев. Просто природно е! Тоа е нагон. Тоа е инстинкт. Човек не може против тоа.

Од друга страна пак, ваквите убави жени вообичаено се и добрици. Ретко која убава и самосвесна жена е кучка. Мислам дека точно поради самосвесноста за нивната вредност, а од друга страна поради потребата да бидат прифатени, наместо отфрлени поради нивната убавина, која луѓето вообичаено ја тргаат на страна, како „непријател“, ваквите жени создаваат една добронамерна аура околу себе. Иако можеби ова не изгледа така. Но така е.

Е тука почнува „игранката“, кога се мажите наспроти.

Мажот кој „ќе се одлучи“ за ваква жена, за кратко време, веќе не знае што да прави со неа.

Почнува да се препелка. Да шантра. А несигурноста и стравот, полека, полека го создаваат чувството на агресија.

Полека почнуваат да и ја гужваат душата. Истовремено искористувајќи ја нејзината добрина и ранливост. Почнуваат да и ја извитоперуваат убавината. Единствениот начин да ја победиш убавината е, да ја уништиш, да ја разобличиш и да ја сведеш на рамниште кое ќе биде обично.

Северина!!

Може ли за оваа жена да се каже дека е релативно убава. Може ли да се рече тука дека, за вкусовите не се дискутира. Не!. Апсолутно не.

Оваа жена е толку многу убава, што мислам дека и дрвата и се поклонуваат кога таа чекори.

Сте ја слушале ли и колку е умна, разумна, воспитана и самосвесна. Можеби и не толку. Бидејки ваквите жени вообичаено повеќе се гледаат, отколку што се слушаат. Епа Е! Сето тоа е Северина.

И …!? ШТО!? Нема судијка сајбија, или пак судија сајбија, што ќе рече СТОП, за овој процес.

12 години, оној Милан, или како и да се вика ја малтретира и ја влечка по судови.

Зошто!? Дека не е добра мајка!? Ма немој!?

НЕ! Него, затоа што е толку многу убава, што поривот да биде уништена е огромен.

Ете така луѓето „се сладат“ со убавината. Ја кршат, ја уништуваат, ја распарчуваат како печена кокошка, која ја глодаш, додека мрсно ти се цеди по брадата. Ја глодаш до последна коска. За потоа да се налееш со бокал вино, кое исто така ќе ти се цеди и ќе ти капе, флекајќи ти ја рубата. Оти таков си и одвнатре. Со флекава и мрсна душа. Ете такви се луѓето кои сакаат да ја уништат убавината. Флекави и мрсни. И одвнатре и однадвор.

Не дај се Севе, не дај се генерацијо!!

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу