Чек да брцнам во ташнава: Нејзиното Височество

Добивај вести на Viber

Уште едно лето си оди. Заедно со него и кралицата. Не знам дали ќе згрешам ако речам, заминува кралицата на светот. Исто така не знам дали ќе згрешам ако речам, дека си заминува една од најмоќните жени на светот. Можеби една од најавтентичните фигури на минатиот и на овој век.  Во секоја смисла. И како институција и како лидер и како политичар. И како суверен.

Замина и однесе цела една ера со себе.

Прашање кое се поставува помеѓу сите светски аналитичари и политичари е „како ќе изгледа сега светот, по завршувањето на овој „Елизабета поредок!?“

Цели десет дена, па и повеќе, цел свет се бавеше со оваа тема- нејзиното Височество.

Мислам дека цела планета ја следеше свечената церемонија на испраќањето на Нејзиното Височество во вечниот дом.

Не гледаа само оние луѓе од земјите каде што сè уште нема струја и телевизори, а тоа се места, односно држави во светот, кои биле доволно опустошени од колонизаторите, осиромашени до последно зрнце дијамант и злато. Парадоксално, но вистинито. Сите останати, цела планета, секој од различни побуди го гледаше, овој беспрекорно организиран протокол. И тоа во голем дел организиран и осмислен од самата Кралица. Таквите фигури не оставаат ништо на случајност. 

Луѓе од сите страни на светот, секако оние кои имаат можност и на кои не им треба виза се слеваа во Лондон, за да бидат дел од овој светски церемонијален спектакл.

И јас да имам виза, му велам на маж ми ќе бев таму.

Тој ме погледна накосо, бидејќи, често патува во Лондон и секогаш се враќа со истиот горчлив коментар, дека нема погрда земја, нема полошо време и не постои „почурук“ народ од Енглезите.

Син ми исто така накриво ме погледна, бидејќи еве веќе две години никако да извади виза и да оди кај тетка му на гости. Освен сите тие документи, обрасци, потврди, изводи, копии, оригинали, му бараат и број на кондури и број на капа. 

Ова не ми е тема сега, иако секако е тема, исто како што не ми е тема ниту тоа, што немаше ниту светски, ниту домашен портал, кој не се бавеше со обетките на Кејт, со шеширот на Меган, со оделото на Хари и со свечената униформа на Вилијам. За Чарлс и за Камила ич муабет не правам. Не дека имам нешто против, или дека судам, за тоа вака било-така било, бидејќи прва јас имам неколку такви приказни во мојот личен живот, а второ не познавам човек кој нема такви приказни.

Е сега, тоа што тие стојат на светскиот пиедестал, па сите со нив се бавиме и сите во нив гледаме, тоа е друго дваесет. Зависни сме сите од сензации, во модерново време. Кој повеќе, кој помалку. Секој со својот есап.

Но сосема друг ми е муабетот. Сосем случајно пред месец-два, на Нетфликс, фатив да ја гледам „Круна“, серија посветена на Британското кралско семејство.

Не сум баш по сериите и сè уште незнам да гледам серии, бидејќи после недела-две губам интерес, односно ме мрзи да „се врзувам“ на тој начин со телевизорот. Ама изгледав едно дваесет епизоди и тоа точно оние во кои беше опфатена приказната за детството и младоста на Елизабета.

Елизабета всушност не е родена, за да биде Кралица. Крал на Британија, требаше да биде нејзиниот чичко, односно, Едвард осми, братот на татко ѝ, Кралот Џорџ шести, но тој поради љубов кон глумица Волис Волфирд, абдицира, напуштајќи ја засекогаш можноста да биде Неговото Височество. Така што Елизабета по смртта на татко ѝ, како прво и најстаро дете на Џорџ и Елизабета, на само дваесет и шест година станува Британска кралица. Станува жена-трон.

Е тука е приказната што мене ме фасцинира. Обичната човечка приказна. Не кралската.

Прифаќаш ваков исклучително тежок предизвик, се исправаш пред него, застануваш пред огледало и се договараш со себе дека ќе го правиш ова на највисоко можно ниво. Дека всушност ти ќе бидеш една од највисоко поставените и најмоќни фигури на светот. Ризик кој не е само да носиш круна со скапоцени камења, чија вредност е милиони фунти, туку и да бидеш спремен да се струполиш во бездна, од која нема враќање назад. Животот е тука, всушност круната која ти ја носиш. Животот е најголемото богатство, на секој еден човек на планетава. Сеедно дали е кралска, или не. Круна е круна. Всушност живот е живот. Животот е круна. Најскапоцена.

Да, точно ти немаш избор и сакаш-нејќеш мораш да се соочиш со протоколот и со законот кој круната-живот ти го наметнува.

Па зарем не е исто!? За мене да! Сосем исто.

Е тука е мојот восхит кон оваа жена. Сигурна сум, немам дилема дека и она плачела, дека и нејзе ја болело кога се пораѓала, или кога Филип бил „натаму-наваму“ со разно-разни сојки. Сигурна сум дека и нејзе животот ѝ приредил горе-доле исти, или слични страдања и горчини, како на сите нас. И на мајка ми не ѝ се допаѓаше мојот прв дечко и сметаше дека тој не е за мене. И таа си ја сакаше првата снаа, ама не испадна така. Живот! Ко те пита.

Ако е точно тоа што го прочитав на еден од порталите, дека речиси никогаш не била болна и не залегнала во постела, тогаш тоа е навистина приказна за најдлабок наклон.

Бидејќи кога ти ќе го ставиш својот ум во служба на својата круна, животна круна, тогаш твоето тело нема избор. Мора да те слуша. Нема тука ни гени, ни медицина, ни лекари…

Тука си ти, исправен пред животот и порциите кој тој ти ги сервира.

Имала век, некој ќе рече. Имала к’смет, ќе рече друг.

Секако се согласувам. Секој со својот к’смет.

Но мислам дека најмногу имала став, кон круната на животот.

Секој од нас носи круна и секој од нас е крал и кралица. На својот живот.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: