Ноле успеа да го победи балканскиот болен ментален склоп
Колумнава ја пишувам пред да почне финалето на Австралија опен. Недела е 21-ви јануари 9 часот сабајле. Во овој момент не го знам резултатот. Првиве редови се пред да почне мечот, во оние пола саат каде што стручни лица од типот на аналитичари, поранешни тенисери како Мекенро и Виландер, прават сериозни психо-физичко-спортски осврти на двајцата ривали, кои се очекува секој момент да излезат на терен. При тоа тие двајца се сериозни познавачи на тенисот и цел живот го живеат тенисот. И точно знаат што значи еден ваков тенески меч, во кој едниот Новак Ѓоковиќ, треба да се избори освен со противникот и со личните и светските демони, а другиот Стефанос Циципас треба да се избори со најнепробивната и „тешка“ категорија противник, во која што тој-Циципас сè уште не припаѓа. Но, ништо не се знае, на терен секој излегува за да победи.
Почнува финалето.
Тие двајца крв немаат во себе, а публиката е „одвратно“ крволочна. Ова се модерни гладијаторски борби. И публиката тоа го знае. И го очекува. За тоа е дојдена.
Свесна е што ќе се случува денеска. Свесен е цел свет.
Еден триесет и пет годишен човек, ќе се обиде да се избори сам против сите. И против своите. И против туѓите. И против сам себе. И да остане на нозе. Против сам себе најмногу. Бидејќи само тој си знае што сè му поминуваше низ крвните жили цела оваа година. Каков одвратен „студ“ е тоа.
Мислам дека се запозна со најстрашните сопствени и најстрашните светски демони. А лек против нив не постои. Тој лек мораш сам да го произведеш. Континуирано да го произведуваш. И мораш да го земаш во точно определени количини. За да не те убие.
Вака сега! Тенисот е еден од најтешките индивидуални спортови. Во „спортската, или тениската чаршија“, тенисот се дефинира како спорт за родителски „лудаци“. Родителски лудаци, кои се на добар пат и од своите деца да создадат слични типови.
Зошто!? Затоа што родителот, треба да се соочи со моментот кога сите свои пари треба да ги дава во овој непресушен „тениски бунар“. Неверојатно е тоа колку е овој спорт скап. Нема човек, кој на чесен начин заработил пари, а тоа се вообичаено нормални-осредни пари, (не зборувам тука за лопови и олигарси, чии што пак деца, вообичаено ниту знаат да играат, ниту се талентирани, ниту пак сакаат да играат тенис, туку лечат комплекси на своите родители), кој кога ќе влезе во овој „бубањ“, нема да знае што го снашло и како да плати десет денари за да излезе од орото, во кое за да влезе, платил еден денар.
Сè што имаш даваш за опрема, турнири, котизации.
И наеднаш се претвараш во лудак, кој виси по тениските огради и му се дере на своето дете за секој изгубен поен.
А му се дереш бидејќи секој негов изгубен поен, тебе те чини многу пари.
Дали е ова нормално-или не, не сакам сега да дискутирам. Просто само кажувам приказни од она што лично сум го правела и гледала. И уште нешто знам. Ова „лудило“ никогаш не се заборава. Ти и твоето дете го памтите за цел живот.
Сега да се прашувам, никогаш не би влегла во тој тениски ринг, без сто илјади евра, спремни и однапред прежалени, бидејќи никогаш, никој не може да ти гарантира дека твоето дете ќе стане успешен тенисер и дека ти ќе ги вратиш овие пари. Никогаш, никогаш, никогаш!!
Овие стотина успешни тенисери се само врвот на ледениот тениски брег.
Под нив има милиони, чии што родители ги потрошиле сите пари, продале станови, земале кредити, позајмувале пари, кои никогаш не им се вратиле.
Тврдам дека секоја „нормална“ тениска приказна е почната вака. И затоа за кратко се претвора во ненормална. Особено овде на Балканот. Или пак можеби најмногу на Балканот
Бидејќи таа нервоза, со која што се соочува детето во таа најрана возраст е нешто што потоа многу тешко може да го излечи и испегла.
Најавтентично олоицетворение на сите човечки тениски фрустрации е Балканот.
Тој вриеж од „убилачки погледи, изрази на лица, псуења, дерења, кршења рекети, кинење маици“, се нешта што или ич, или во многу мала доза можете да ги најдете во кое било друго светско тениско-географско подрачје.
Затоа е Балканот-Балкан, а светот е нешто сосема дуго.
Еден Норвежанец, еден Швеѓанец, или Швајцарец, никогаш нема да покаже толку и такви фрустрации на терен, како што ќе покаже Балканец. Па ниту Шпанец ако сакате, со можеби најврелата крв во светот. И тоа било и ќе биде.
Од тие причини ние овде на Балканот секогаш си мислиме дека нас некој не мрази.
Велам ние, оти Ѓоковиќ е и наш на некој начин. Или барем наш-нам кои не сме национално залудени и полудени.
Дали не мрзат, или не, тоа е исто така една болна, да не речам болесничка тема за дискусија. И за неа друг пат. Не овој пат.
Овој пат за Ноле.
Ноле е еден од ретките „автохтони фениксни птици“ на овие простори. Ноле е една од ретките „ѕверки“, кој успеа да го победи балканскиот болеснички ментален склоп.
Да, точно дека голем дел од неговите тениски манири се балкански. И тоа е нешто на кое што светот-публиката најмногу реагира. Негативно.
Неговиот убилачки поглед му е вграден заедно со балканскиот чип. Исто како и псуењето и речиси константните кавги со својот бокс.
Но тој со овој подвиг, во кој што успеа да стаса до финалето на Австралија опен, како да покажа дека успеал да ја смени својата ментална шасија.
Со самото тоа што стаса дотука. Што не се сруши до сега. И што не се распадна.
Ноле е човекот кој постојано успева да го намести сопствениот мозаик од милион парчиња, кршен безброј пати.
Како да вели „пуцајте, ја и даље држим час“.
Елегантно, достоинствено, победнички и скромно.
Да кажеш сè, а никого да не повредуваш. Туку само да победуваш.
Автохтоната феникс птица се вика Новак Ѓоковиќ и така треба да се вика и да влезе во сите учебници за спортска, социолошка и психолошка анализа.
Најмногу во учебниците на она што Србите го нарекуваат „људина“.
За овој збор не постои превод на ниту еден светски јазик.
Големите сили, на кој што зборот „империјализам“ им е дел од името и презимето, исто како и зборовите присвојување и покорување, мораа да се соочат со него. Да стојат, да гледаат да навиваат, или да хејтаат и да ја слушаат неговата приказната на она, за што тие никогаш нема да најдат превод.
Људина…
Во моментов заврши првиот сет. 6-3 е за Ѓоковиќ.
Откако ќе го догледам мечов и откако ќе видам што сè ќе се случува во периодот што следи, ќе го напишам и вториот дел за оваа автохтона феникс птица- Новак Ѓоковиќ.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: