Чек да брцнам во ташнава: Сите имаат рушветчии - оние кој до вчера имале посен поглед, а преку ноќ сукаат мрсен брк
Да, да се сврте тркалото. И тоа опасно се сврте. Опасно и опако. Долго време беше сосем заглавено и тоа до р’ѓосување. Се држеше речиси на два штрафа. Прашање на момент беше кога ќе попуштат тие два штрафа и кога сите вртоглаво ќе се струполат.
Оние два штрафа беа газдата и неговиот рушвет партнер. Со исклучок на “изузетци“, иако веќе и не сум сигурна дека има “изузетци“, туку, ај само колку да го испочитувам правилото дека секое правило има свои исклучоци, секој газда кај нас има свој политички рушветчија. Ова со две раце го потпишувам, и се кладам у три кила крв, со кој сака.
Од “најневажниот“ автомеханичар, кому братучед му му работи у министерствооо… у министерство за што и да е, па овој преку ноќ ќе стане богаташ, а основно школо има завршено, и се разбира одма ќе почне да продава муда за бубрези, бидејки тоа право кај нас го имаат само тие со многу пари, па се до најважната карика, на пример било која од приватниве клиники кај нас, кому исто така братучед му му работи у влада, па и тој преку ноќ ќе стане милијаредер, сите имаат свои рушветчии.
Ама сите! Знаете што е сите. И кафанџии и судии и цвеќари и доктори и адвокати и козметичарки и фризерки и полицајци и оние на патарина и гранапчии и земјоделци… Сите… Абе претседател на куќен совет до сакаш да бидеш, треба да имаш рушветчија. Некој со кого ќе ги делиш парите од станарите за чистење влез и одржување лифт. И кој, тој некој после кога ќе се симнете на состанок со станарите, ќе ти клима со глава, кога ти ќе им објаснуваш, односно кога ќе ги лажеш луѓево дека лифтот кошта дваесет иљади евра и дека мора уште сите по сто евра да дадат, ако сакаме да имаме лифт во зградава, инаку пешки со ќесиве нагоре.
И сега кој глуп при здрава свест, кој чесен професор од стар ков, која самохрана мајка со две деца, која и онака се чуствува ко безгласна буква, кој си вика, “ај ќе дадам сто евра, само да заврши состаноков побрзо, која сака да зине, ама си вика, ај па само јас да не бидам црна овца и тој ќе даде сто евра. И така овие двајцава, претседателот и рушветчијата ќе си лапнат, ако зградава има шеесет стана на пример, едно шест иљади евра и ќе си делат, или по три, или главниов ќе земе четири илјади, а рушветчијата ќе се задоволи со две илјади. И така после некое време, ќе им видите слики на Инстаграм од Сани бич на први крак, а мајкава со двеве деца, ќе го моли бившиот за илјада и триста денари, за да им купи ташни на децава за во школо. Бидејки и бившиот има свој шушветчија, кој му помогна на суд, да добие најмала алиментација, откако “средија“ да пријави на суд дека има минимална плата, па затоа ќе плаќа и минимална алиментација.
Значи затоа велам дека сите имаат рушветчии. Сите од прв до последен. Односно сите оние кој до вчера имале посен поглед, а преку ноќ сукаат мрсен брк.
Не можат да се сокријат, бидејки чуму парите, ако одма не се пофалат, со колите, со пурите и со цурите се разбира.
Арно ама “враг однео шалу“, или ѓаволот доаѓа да си ја наплати фактурата.
Поминувам некња на плоштад и читам на една од најстарите градски кафани во Скопје која откако е отворена шеесет и никоја, никогаш до сега не била затворена ни еден ден. Е сега пишува “не работиме поради колективен одмор“. Ајде бе, би рекол татко ми покоен. Да не под’лжнуеш малку. Под’лжнуеш, подл’жнуеш. Не сте вие толку фини, па да дадете месец дена колективен одмор. Немате персонал друже. Ви фатија џенем и келнери и шанкери и кувари и чистачки… И сите.
А парите од рушветот ги потрошивте, а оние кој ви се во чекмеџе не ви се даваат, оти не ви се спушта главата сега пред келнерот, кој до вчера ринташе за шеснаесет илјади денари по десет саати. И бидејки мислевте дека ова вечно ќе трае, не се спремивте за вакво нешто, па ве начека неспремни. Ко “жив“ у камај.
И тоа не е се‘. Читам некња оглас за работа во Стокомак. Вика: “се бара касиерка, почетна плата дваесет и една илјада, со можност за напредување и плата од дваесет и четири илјади“. Опа батооо. Дваесет и четири илјади. Машала. А до вчера за девет илјади работеа. И сега у било која државна институција да се вработи некој со високо образование, плус дополнителни дипломи, почетна плата како помлад соработник ќе му биде исто толку дваесет и една илјада. И сеа шу прајме?
А!? “Дошо враг по своме“.
И тоа не е се‘. Ако во наредните дваесет минути не најдете чаре, ќе ви се затвори и една од најголемите клиники во државава. Читам некња, медицински сестри нема и триесет доктори поминале во другава клиника. И тоа е исто така принцип на стадото. Спасивте дупе за петнаесет минути. Бидејки и таму ќе снема сестри.
И секогаш кога се случуваат вакви големи пресфрти и кога економијата тоне вртоглаво, неднаш ќе се појави проблем кој ќе го стави во сенка ова.
Или е тоа рамковен договор, или се бегалци, или се мења устав, или е тоа шарена ревулуција, или се мења име, или е корона, или еве сеа е јазик во прашање.
Пичка ли му материна-се извинувам на израз дали цел свет си има свои рушветчии. Не се прашувам, туку констатирам. Јасно ми е дека е така.
Се прашувам само нашава Планете чији рушветчија е.
Марсовци, ако сме ви вам аман за аман симнете се веќе и дајте да почнеме сите ко луѓе да живеме. Или ко Марсовци ко луѓе.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: