Петко на Трајко, Трајко на Станко, Станко на Јанко

Добивај вести на Viber

Ах лелеее… И шуто и рогато, и ќоро и сакато

(одма да се дистанцирам, да не речам да се повикам на 5тиот амадман, пред сите оние кои не чуле или не ја знаат оваа старовремска изјава, па да ме расчеречат и мене, ко што во последно време ги расчеречујат сите како ќе стигнат. И тоа пак ќе речам и шуто и рогато и ќоро и сакато)

Вака: ова старите, порано го употребуваа како одличен сарказам кога сакаа во две реченици да објаснат дека и Ѓуро и Петко и Јанко, и Станко фатиле да го мелат на машина за ситно мелено месо Трајкота од соседното село дека му ја украл козата на комшијата.

Истото тоа, друг пат го правеле кога Јанко ќе му украде коза на комшијата. Па пак истото кога Петко ќе ја украде козата, па за Ѓуро, па за Станко. И се така оти, шо им е друго работа!?

Да седат, да јадат гурабии, да бистрат политика, да џитнат по некоја ракија, те од на Петкота, те од на Трајкота, те од на Јанкота ракијата.

И сите знаат дека едни со други се лаат, ама шо дека па,  ееее сеа, голема работа. Ај живели, ај живели…

Ретко кој, кај нас си гледа во сопствениот двор, ретко кој кај нас сопствениот измет си го чисти, ретко кој кај нас своето гајле си го бере и ретко кој кај нас си гледа сопственото кандилце да му гори…

За ова последново најмногу ми е криво.

За тие другите пред тоа, колај работа и така и така, оти на чоека му е дадено тоа, да прочешла јазик малце, берејќи гајле за другите, не за друго, туку сопствените гајлиња полесно да ги мине.

Ама ова последново, да не си гледаш твоето кандилце да ти свети, е за тоа најмногу ми е жал.

Оти еднаш, само еднаш кога ќе откриеш, колку е убаво ти и тие околу тебе да ти се на купче радосни, весели , среќни, убаи што би се рекло, баш ќе ти е гајле што рекол Петко, Трајко, Јанко и Станко.

Или пак што би рекле старите, гајле ќе ти е на која страна и е китката на свекрвати, или на снаати. Или на комшиката. 

Па биваше ли бре толку, биваше ли цела недела, сал за тоа да зборите и пишувате!? Сите, еден до еден, да не речам пак и шуто и рогато и ќоро и сакато.

Имате ли своја работа, да не речам, имате ли попаметна работа. Вака било, така било…

Не дека министеркава не ја оплеска. Ја оплеска и тоа како. Ни Дунав, ни Сава, ни Вардар не ја пере.

Да си фати патот по некоја корија и шест месеци по тоа шумите, да моли, Господ гревот да и го избрише.

Ама па, има ли некој од сите тие шо седат таму, кој не треба истото да го стори. Да си спакуе тоа пљачките и да фати по кориите, за да моли да прошка.

Ја мислам дека нема.

Можда некоја ситна боранија, што чмае таму и трпи секој ден по сто стапа по глаа, оти ако писне, ако само писне, ќорка не му гине.

Тоа што вредеше, си отиде.

Остана коровот и сал ние, што не сме ни таму, ни ваму.

Стари за да фатиме по светот, а се уште доволно млади и бистри, за да не не “жежат“, у стомак ваквите ножеви со кои сетики, секој ден се мачиме.

Денес, Петко, утре Трајко, заутре Јанко и се така у круг.

До кога!? Питај Бога.

Зошто бре народе мој!?

Денес им го напрајвте меракот на едните, оти ете ги тие сеа трљаат руки, од типот видовтеее. А!? Е таквите ве водат.

Утре па мерак на другиве. Сосем исти мерак.

Политиката си е курва. Било и ќе биде.

Народот е тој, кој што треба да престане да им иде по тие јавни куќи. Па ко ќе им секне работата, ќе видат, ќе не видат, ќе мора и чаршафите да ги сменат, не само курвите да ми извините на израз.

Оти пак проститутките не ми се мешаат тука во оваа приказна. Тие си се занатлики од таков вид и чесно си ја работат професијата, една од најстарите на светот.

Ова една работа. Друга работа, што се, се извади од под тепих деновиве. Аууу, какви ѓубришта беа тоа.

Се отиде до дното на депонијата.

Преку министерката, се стаса и до жени и до мажи и до шајки и до мајки… То ЛЏБТИ, то мажени, немажени, разведени, не разведени, плодни, јалови, еден брак, втор брак, едно дете, друго дете, без деца, од донор, од не-донор…, машки деца, женски деца… Абе, све по список заигра на ова оро.

Па да требаше со мотика да се копа истото тоа време, за да се садат патлиџани и краставици, по тоа нивите наши прекрасни, кај што копче да насадиш, јакна ќе никне, никој немаше да дојде да копа и да сади.

Ама за јадење гурабии сал за Петко, Трајко, или Станко, е за тоа нема проблем.

Очи ќе испаднат од читање и пишување по тоа социјалните мрежи, ама ако, нека цркне таа кучка.

Мамичето нејзино.

И Станко да цркне и Јанко и Петко и Трајко… Само Ѓуро да остане, за сите кози негови да се.

Ама не! Што ќе му се на Ѓурота тогаш козите. Нему козите не му требаат.

На Ѓуро му треба Станко, за да го лаат Јанко, на Јанко му треба Трајко за да го лае Петко, а на овојга пак ништо не му треба. Ни кози, ни ниви, ни мотика.

Сто стапа веќе ни по свој грб не болат.

Битно министерката имала два сина, а бившата министерка немала.

А козите, кравите, јагнињата и прасињата не се важни. Нити пак патлиџаните, краставиците, крушите, јаболките, памукот, афионот… Ич не се важни.

Ене на пазар имаш баш убава краставица за 240 ден кило.

Голема работа…

И пиперките се толку и патлиџаните.

Ама ако… Битно Петко, Јанко, Станко, Ѓуро и Трајко да се здрави и живи…


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: