Плаќате грдни пари кај некои самопрогласени лајф коучи: Посилни сте отколку што мислите
Последниве 5-6, да не речам последниве 15-20 години се појавија многу луѓе, кои себе си се ставија во улога на „лајф коучи“- односно животни учители.
Разни гуруа, разни здруженија, организации, поединци, луѓе и друштва од цел свет, кои исто така им даваат совети на луѓе и друштва низ цел свет.
Советите главно се однесуваат, на тоа, како да се справите во тешките ситуации кои ви ги „сервира“ животот.
Ова функционира и тоа сериозно. Масовно.
Се организираат разни семинари, средби, групни, поединечни… секакви.
Исто така овие средби се одржуваат на сите можни начини.
Од огромни хали во кои присуствуваат илјадници луѓе, до изнајмени простории исклучиво за вакви намени, потоа преку средби на планини, во паркови, разни хотели, во кои се организираат вакви „семинари“ и собири.
Истото се случува и преку социјални мрежи, на разни блогери, од кои некој од нив се образовани, обучени и лиценцирани за вакви вештини, а некои се „само-прогласени стручњаци“.
Секако дека има вакви средби и на поединечно ниво, односно тет-а-тет средби, каде што оди овој кој има мака во животот, за овој другиов низ муабет му ја реши маката.
Овде секако не се осврнувам на образованите и обучени луѓе кои имаат дипломи, за вакви ангажмани.
И кои законски смеат да се бават со вакви советодавни вештини.
А под дипломи подразбирам, не само и исклучиво високо образование кои науката и медицината ги признаваа, како психолози и психијатри, туку признавам и одредени вештини, за кои исто така самата наука и медицина ќе им дадат „зелено светло“, односно лиценца за овој вид ангажман, или пракса.
Сум присуствувала во животот на вакви средби и кај едните и кај другите. Сакам да речам и кај оние квази гуруа и кај оние кој имаат „пемпеле“.
Точно ја знам потребата човек да си побара иљач во моменти кога му се чини дека само еден чекор го дели од бездната.
Такви се погледите во очите, таква им е душата, таква им е речиси секоја мисла на повеќето од оние кои имаат потреба, некој да ги сослуша, да ги гушне, да им даде совет.
Не се заебанција овие моменти. Ова се состојби кои на оној кој поминува низ нив, му се чинат не како лавиринт, туку, како безизлез.
Отиди ваму црна дупка, отиди онаму црна дупка, сврти лево ѕид, сврти десно, пак ѕид.
Откако постои светот и векот, човекот се наоѓал и поминувал низ вакви страданија.
Една работа само не ми е јасна. Всушност јасна ми е, ама жал ми е дека е тоа така.
Зошто луѓето не одат во вакви ситуации, таму каде што треба. На психолог, или на психијатар. Туку плаќаат грдни пари кај некои само-прогласени мајстори, кои ќе ви ги земат сите пари од џебот и откако ќе го испразнат, на истото тоа место, во џебот, ќе ви го тутнат проблемот, со кој што сте дошле кај нив.
Има едно опако прашање кое се провлекува низ историјата.
Дали прво се појавиле-престапници-затвореници, па потоа затворите, или е обратно.
И овде важи сличното прашање.
Дали прво луѓето целосно се обесхрабрија и не само што им се помати умот, туку како да им се извади главната виуга за само расудување, па се појавија овие „лајф коучи“, или обратно.
Толку ми е жал, што од едно такво совршенство, какво што само природата можела да создаде-човечкиот род, полека, полека се сронува таа возвишеност, што не знам како да си помогнеме веќе едни на други.
„Ратни профитери“ од секогаш имало и ќе има.
Ама ако во тој случај се тргувало со парите, сега се тргува со човечката душа.
Принципот на стадото и на колективната глупост, сè повеќе зема замав.
Под велот на грижата на човекот, целото општество замаскирано и многу вешто тргува со човечките души.
Пред некој ден, кога објавија дека ќе нема леб, лично присуствував и бев сведок на „крици“ на млади здрави луѓе кои исплашени до смрт, мислеа дека е готово. Дека сите ќе умреме.
Боже колку бев тажна.
Се чувствувам сосем заплеткано, дури и кога пишувам вакви текстови, бидејќи навистина не знам што и како да кажам.
Глупо ми е да продавам басма, а од друга страна исто така ми е глупаво да молчам и да се правам слепа и глува.
Значи вака најискрено и од срце и душа.
Вратете се на старите добро познати и признати навики.
Шетајте низ парк, одете на Водно, играјте домино, карти, обавезно читајте по една книга, ако не неделно, еве барем месечно. Исто така одете на концерт, или на театар и кино ако не еднаш неделно, барем еднаш месечно. Гответе секој ден, отидете на пазар пешки, а не со кола во маркет, каде се пазари за цела недела и се трошат еден тон пари. Избегнувајте да купувате готова храна, бидејќи готвејќи ќе ги користите убавите сервиси, тави и тенџериња, па потоа ќе миете садови, па ќе си сварите кафе, па ќе видите дека прошле два-три саати, а вам не ви паднала ниту една лоша мисла на памет.
Работете нешто, работете било што. Само не седете и не чмајте пред телевизор и пред компјутер.
Одете на гости, нека ви доаѓаат гости. Не се преправајте секој ден дека сте уморни. Не сте. Човекот има многу сила во себе и психичка и физичка.
И ако не ја троши таа се претвора во мрачна енергија која го руши човека.
Водете љубов што почесто, играјте сами низ дома, пејте сами низ дома, пробајте да избришете еден прозор и една врата на ден.
Не се заебавам. Озбилна сум. Нема да ви требаат лајф коучи.
Деца, излезете на улица. Играјте џамлии, жмурки, камај…Играјте сервис, ластик, фудбал, кошарка.
Девојчиња, не ставајте нокти, трепки, усни, силикони.
Не ве сакаат машките такви. Ич не ве сакаат. Само си мислите дека сте поубави. Не сте.
Машки, не се акајте по теретани, не се билдајте, не пијте протеини и стероиди, не се депилирајте и не носете тесни кошули и палта. Не ве сакаат женските такви. Ич не ве сакаат. И не сте убави. Само си мислите дека сте. Не сте.
Поради вас и нас се појави приказната за трето лице, односно среден род.
Ќе го снема женскиот и машкиот пол. Сите ќе бидете „тоа“.
Не заебавјте. Повеќе сте од нив. Посилни сте и сè уште попаметни.
И не се секирајте. Нема да умреме за леб. Никогаш никој не умрел за леб.
Ве заебаваат. Не им давајте.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: