Чек да брцнам во ташнава: Прашање до премиерот Ковачевски
Лута сум и бесна на многу неправди што се случуваат. А лута сум и бесна, бидејќи ништо не им можам и бидејќи ништо не можам да превземам.
Тогаш е човек лут. Кога е немоќен. Немоќта и нервозата го прават човека и лут и агресивен и лош. Па се чудиме после кога некој таму со „калашњиков“, ќе им влезе негде и ќе испоутепа све живо и диво. Мислам! Немам никакво оправдување за вакви страшни катастрофи кои му се случуваат на светот.
Само што понекогаш, кога подлабоко мислам на овие работи, доаѓам до сознание дека некому му пукнал филмот и решил да направи р’шум. Па и по цена на живот. Демек, додека зборев не ме слушавте, епа еве сега ќе ме чуете. Па и по цена да умрам. Дотука доаѓа човек.
Цел живот копам некои свои канали, низ кои се протнувам, кога не можам да ги променам работите и канали низ кои пливам, за да испливам на некоја своја сончева површина. И редовно ми успева ова. Се правам и будала дека не знам. И слепа дека не гледам. И глува дека не слушам. Си гледам и дома да ми гори кандилцето. И на шарана мувите ги бројам. Сè ова правам. Инаку до сега, од неправди требаше да пукнам.
Ама жив чоек. Не можеш постојано да се криеш по некои свои ровови. Еднаш како и да е ќе дигнеш глава. И баш тогаш ќе те свитка некој куршум.
Вака сега. Имам едно директно прашање до овие од власта. Значи глупа сум и не знам кому да се обратам. Дали на УЈП, дали на инспекции, дали на како и да се викаше таа институција за заштита на потрошувачи.
Имам чуено, дека вакви нешта постојат кај нас, ама немам дочуено. И што е право глупа сум.
Еднаш-два пати имам пробано да се р’вам со некои од нив и имам искочено три пати поглупа отколку што навистина сум. Не три пати, сто пати.
И затоа решив да си бидам глупа, толку колку што сум. И да не се правам со сила поглупа.
Затоа бидејќи не знам кому да го поставам прашањево, го поставувам директно до премиерот Ковачевски. Затоа и насловот го ставив така. Ем со надеж дека некој од тоа советниците таму, што зимаат бујук плата, ќе му го стави на маса. Сабајле коа пие кафе. Наместо да го тапша по раме и да клима со глава на сè што Госпон Премиер ќе каже. Бидејќи сè си мислам дека тие таму, дури и кога ќе кивне премиерот му се извинуваат.
Ем, ставив таков наслов, бидејќи кај нас насловите ја продаваат приказната, па што поглупав наслов, тоа поголема читаност. Епа еве, затоа пишав „Прашање за преимиерот Ковачевски“.
Кујзнае колку глупа сум во овој момент. Сигурно сум „сто“ глупа. Ама нека! Никад се не зна. Мош па ќе ми успее.
Од друга страна го сретнав еднаш Ковачевски на една одбојкарска утакмица, дојде да доделува медаљи, па ми се виде некако ко саглам човеков.
Ама, да не грешам душа. Можда ме понесе атмосферата таму. Награди, химни, медаљи. Сè беше некако убаво и свечено. Па можда и он во целата таа ситуација ми дојде ко саглам чоек.
Извинете Госпон Премиер, ама никој до сега од тоа „нашите и вашите“, не се стори сајбија да обели образ, па затоа сите ние, кои не стоиме таму покрај вас и не зимаме плата од буџет мислиме вака за вас. За сите вас таму. Да не мислите само за вас.
Не знам, можеби некој од другарите од детство, кој не зависи директно од вас, ви кажал вакво нешто.
А, можеби и не! Ако си вика, што ќе влагам у непотребни дискусии, или што ќе се праам од готово вересија, не ви кажал. Лета магарето? Лета.
Е така се сите тие околу вас.
Него прашањево.
Дали вие ги гледате сите овие сајтвови по фејсбуков што продаваат разно-разни производи?
Од патики, чизми, ролки, фустани, гаќи, маици, па се до куќи и станови.
Дали знаете дека се жива превара?
Дали знаете дека ни данок плаќаат ни фирми имаат регистрирано, ни вработени, ни ништо.
Дали знаете дека „не заеб**аат“ (да извините на израз), сите од прв до последен?
И тоа поштено „не заеба**ат“ (да извините уште еднаш на израз).
Кога се појавија, беа ко малце срамежливи. Сигурно маката ги натерала. За жал. Ама треба ли ова да биде оправдување!?
Бидејќи сега веќе не се срамежливи. Сега се агресивни!
И ај што се агресивни и што нема спас од нив, бидејќи преплавени се сите социјални мрежи со нив, него се и безобразни.
И бидејќи мислам дека нема човек, што нешто не порачал од овие „онлајн“ продажби, автоматски нема човек и што не бил зезнат.
Прво, кога ти го носат производот, не смееш да го отвориш. Дури и да сакаш, се пишманиш, бидејќи, тие „типчиња“, што ги носат овие производи, се најблаго речено „чудни“, па некако не ти се влегува со нив во муабет.
Откако ќе платиш, и откако тие ќе си заминат, и откако ќе го отвориш тоа што си го порачал, сфаќаш дека си „магаре со ушите нагоре, со опашот надоле“.
Истиот момент, кога ќе се обидеш да го контактираш „сајтов“ и да кажеш што ти се случило, си блокнат и веќе никаков контакт не можеш да оствариш со нив.
Немојте само да ми речете „па што мајка бараш да нарачуваш од тие сајтови“.
Немојте, бидејќи ви кажав дека сум глупа и дека се залетувам.
А глупи сме сите и сите се залетуваме, бидејќи такви не направивте.
Секои две, три, четири години, сите ко магариња одиме да гласаме за вас и за таквите како вас, сè со надеж дека „еве овој пат, овој пат, сигурно нешто ќе биде поинаку“.
Вие така ни кажувате, а ние бидејќи сме глупи ви веруваме. И сè така си вртиме кругчиња.
Додека некому не му пукне филм, па да земе калашњиков и…
И тоа.
Потпис:
Една чесна глупача, која сè уште живее во надеж дека може да им се верува на луѓето.
Значи заклучок:
Проверете си ги тие сајтовите кои нит данок плаќаат, нит пензиско, ни здравствено, а заработуваат три пати повеќе од нас глупите.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: