Чек да брцнам во ташнава: Само-честитка за моите пет банки
Јуни е мој месец. Во јуни сум родена. Пред точно 50 години. Ниту еден месец не може да ми биде толку убав колку што ми е јуни. Се радувам речиси исто како кога бев дете. Секогаш си мислев дека јуни ќе ми ги исполни најголемите желби. Секогаш си мислев дека јуни ќе донесе нешто посебно, дека нешто интересно, нешто неочекувано и возбудливо ќе се случи.
И ден денеска мислам така. Си го сакам јуни како некоја си своја Aладинова ламба.
Списокот желби го правам постојано. Цела година. Секој ден. Секој ден нешто посакувам, секој ден нешто си замислувам, секој ден му додавам на животот некои слатки пеперуткасти зачини во сите бои.
Всушност така и го замислувам животот. Како пеперутка која слободно си летка по ливада полна со цвеќиња. Дури и кога ќе застане на некој цвет, не е тоа поради тоа што се уморила, туку само затоа што открила пејсаж, кој сака да го гледа да му се слади и да ужива во него. Истовремено знаејќи дека и нејзиното застанување на цветот, го разубавува тој пејсаж.
И ќе постои така некое време додека не ги изужива сите впечатоци од глетката и потоа пак ќе си летне. На некој следна цветна станица, на која повторно ќе застане и ќе си потпевнува од радоста која ја живее.
Слободна, слатка, разиграна, со прав од зачини во сите бои.
И со овие пет банки кои задутре ми чукаат на врата сè уште истото го мислам, сè уште на ист начин го гледам животот и сè уште си потпевнувам и си потскокнувам од радост.
И да сакам да направам некоја ретроспектива на тоа што сè сум згрешила, каде сè сум потфрлила, колку пати ми ги смачкале крилјата, колку пати ми заврнал дожд и ми ги разлил сите бои, или колку пати јас ова некому сум го направила сакајќи, или несакајќи не можам.
Едноставно не можам. Не дека не сакам, баш би сакала онака својски да седнам и да си направам едно прегледно и разгрането стебло на кое точно и на секоја гранка би си го насликала сиот својот живот, едноставно не можам.
Повеќе од пола од овие работи ми се заборавени. Не се зезам. Не ги памтам. Можеби и свесно сум пребришувала некои фајлови, а можеби и тој мој „ебиветарски“ карактер, како што ме опиша татко ми во една прилика, кој цел живот „ме летка“, како по расцветана полјана со цвеќе, сам си ги пише и брише работите кои сака да ги складира во боите на мојот животен прав.
Признавам само две точни дефиниции изговорени за мене.
Едната е оваа на татко ми, кој ми рече дека таков „луфтигуз“, како што сум јас ниту се родил, ниту ќе се роди.
Знам дека го нервирав поради ова, ама никогаш толку за да биде строг кон мене и за да не ми дозволува да си го редам списокот на моите желби и да си ги исполнувам една по една како што само јас си знаев и умеев. Од дете. До ден денеска.
Сигурно сум му била „прочитана книга“, и сигурно секогаш знаел што сум наумила уште пред јас да помислам, но ме пушташе за да види до кај сум спремна да одам.
Претпоставувам дека никогаш не сум го изневерила во нештата кои му биле од клучно значење во воспитувањето, па затоа само будно ме следел и ме пуштал да си леткам.
Втората точна дефиниција е на мајка ми. Блазе си ти на умот. Би сакала да сум како тебе. Ти завидувам како можеш толку да си попушташ себе си.
Да, таа со нејзината аскетска строгост кон себе и со нејзината војничка дисциплина цел живот сама пред себе се строи. А јас еднаш не застанав мирно во нејзиниот строј во кој таа се обидуваше да ме построи.
И такви различни цел живот сме мајка и ќерка.
И овој јуни, како и секој јуни впрочем, пред овој, мојата прва желба на списокот е таа да ми е здрава и жива. Барем до мојата 60-ка. Така и ѝ реков. Да не сум те чула да ми одлеташ пред тоа.
Јасно!?
Јасно!!
Остав… хахахаха.
И третата дефиниција со која јас сакам да си го честитам роденденот е тоа дека, што и да се случува во животот, на крај сепак некако животот ќе ги намести коцкичките така како што е најдобро за мене.
Можеби сум Алиса во земјата на чудата, можеби сум Sвончица, или Петар Пан, можеби сум дете кое никогаш нема да порасне, ама јас денеска отворам еден шампањ и им наздравувам на сите мои околу мене, што за да можам јас да бидам ваква каква што сум, тие беа безбедните цветови, кои сами ќе ми се подместеа кога ќе видеа дека сум се заиграла повеќе отколку што треба.
Нема да ве кажам по име, си знаете кој сте. Мојата прва и единствена петорка. Ве сакам и живели.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: