Секој од нас да поседи во своето „срамно ќоше“
ФОТО: EPA-EFE/SEDAT SUNA
Имам три теми за кои што би можела оваа недела да пишувам. Не само да пишувам, туку да викам на цел глас. Да викам, колку што ме држи срце и душа. Оти сите овие три настани , кои се случија минатата недела, ме распараа на парам-парче. Ми ги измешаа и тагата и радоста во казан полн со пелин и мед.
И никако не можам да ги наместам по приоритет, или по „јачина“, бидејќи сите се кој од кој посилни. И сите три еднакво ми го сомлеа умот.
Сепак, ќе ги наместам по овој редослед. И немојте да ми се мешате во редоследот, бидејќи јас си знам како ми поминаа сите овие три приказни, по сите крвни жили минатава недела.
Првата е земјотресот во Турција и Сирија.
Мајко моја мила, колку грозно чувство. Толку многу да се покаже беспомошноста на човека на виделина. Толку многу-најмногу за да те акне до најдлабокиот дамар. Да ја исцедиш и последната солза и последната воздишка од себе. Толку многу, за да се пикнеш таму во некое ќоше под само-казна и да не излезеш од таму, сè додека не сфатиш колку си мал и безначаен. Да се пикнеш и да не мрднеш од таму сè додека не ти текне на сите твои глупави и егоцентрични пориви. Да се само-пцуеш и да си врзуваш шамари до недоброј. Па барем некако да покажеш дека му помагаш на оној човек таму, што со саати стоеше на еден срушен камен столб, држејќи ја раката на ќерка му од под рушевините.
Да се срамиш и да молчиш. Да тагуваш и да тихуваш заедно со него. И така со саати и ти да седиш во твоето „срамно ќоше“, за некако да му помогнеш на светот.
Тоа што ќе пратиш помош, по некоја конзерва риба, пакет вода, пелени, бисквити, или ќебиња е најмалку, ама најмалку што ќе можеш да направиш оваа недела. И немој да не си го направил тоа. Барем едни „нокти“ на ќерка ти ускрати ѝ овој месец и отиди купи некоја торба храна и однеси ја на било кој пункт.
И нека не се „нокти“, нека е сè ок во твоето семејство, те молам отиди купи нешто и прати натаму.
И без оглед на тоа што ти е извитоперена довербата и што можеби ќе си помислиш дека некој од нашиве непрокопсани неверници, што наши, што во светот, можеби ќе си ги земат тие нешта и ќе си ги поделат меѓу себе, тоа нека не те спречи да го направиш тој потег. Отиди купи торба храна и прати им ја на луѓето.
Ако не стаса сè до таму, а верувам дека ќе стаса, барем ќе стаса твојата добра мисла.
А своите гревови, своите глупости, своето его, лошотија… и својата непромисленост кон животот, отседи си ја овие неколку дена во твоето „срамно ќоше“.
Бидејќи во вакви големи човечки катастрофи и трагедии, во вакви огромни губитоци, човек тагува за светот секако, но најмногу тагува за себе.
Само помислата “тебе“ да ти се случи вакво нешто, те згрозува и ти прави нагон на повраќање. Од страв и од немоќ.
И ако смеам, а не знам дали смеам да си дозволам и да кажам дека жал ми е, што и овој пат „се скина“, таму каде што е најтенко. И како и секогаш и овој пат, голем дел од нас си помислија „уф, добро е, тоа е таму некаде далеку“. Бидејќи да не се лажеме сите тие таму од типот на Сирија, Иран, Ирак, Авганистан, или некоја Африка, нам ни се далеку.
Нам поблиски ни се Њујорк, Лондон, или Париз, отколку Казакстан, или Сирија…
Ма немој. Пу бре јаз’к да ни е.
Ах свету колку си неправеден.
И иако знам, дека и ова чудо ќе помине, ако не за три, еве нека си тринаесет дена и дека животот ќе мора како знае и умее да продолжи, ама еве барем една торба со храна пратете, барем една кошула, капут, или ќебе и барем неколку дена поседете си во своето „срамно ќоше“. Па белким ќе стасаат пораките до светот, до секој од нас.
За втората и третата тема, кои сега веќе не можам да речам дека подеднаво ми го сомлеа умот. Не можам, бидејќи само што почнав да пишувам за ова и да оживувам пред себе приказни од сè она што видов и слушнав на вести за овој немил настан, другиве две приказни, ми е срам да ги споредувам со оваа.
За нив ќе ви се обратам во следните писанија.
Инаку едниот е Максим Димитриевски, патем нит го знаев, нит го познавав човекот, оти веќе од поодамна, поблиска тема ми е како се размножуваат мравки на месечината, отколку што сакам да се бавам, или да следам политика кај нас, ама човеков, односно видеото за Максим Димитриевски, ми го прати еден мој „фиљан“, пријател, на порака на месинџер, токму од овие побуди. Да седнам и да напишам приказна за него.
И ќе ја напишам. И уште сега ви кажувам дека насловот ќе биде „Мудоња, кој се одважи среде Софија, во живо на национален канал да им рече „ВИЕ СТЕ ФАШИСТИ“.
А третата и последна тема, која исто така ми го сомле умот минатава недела е госпоѓица Стефанија Гаштарска.
И бидејќи малкумина, да не речам никој кај нас, не се одважи да посвети една емисија од областа на културата, на овој наш бел лебед, кого руски „Форбс“ го избра и прогласи за една од осумте идни ѕвезди на рускиот балет и госпоѓица која веќе ја споредуваат со најѕвездениот бел лебед, кој некогаш застанал на сцена, нејзиното Величество Ана Павлова, еве јас ќе седнам, ќе истражам и ќе напишам приказна, за оваа сјајна бела ѕвездичка, која за среќа на време си заминала од оваа сега веќе, можам да речам земја на духови.
Не ми личи да го спомувам во овој текст Министерството за култура, или било која институција кај нас.
Добивам нагон на….
Но да не избегам од главната тема. Овие денови, она што треба да го направите е да отидете во маркет, да наполните торба со храна, да ја однесете на било кој пункт и да поседите по неколку часа на ден, во вашето „срамно ќоше“.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: