Чек да брцнам во ташнава: Секој за секого зборува лошо
Не се сеќавам кога последен пат сум чула некој за некого да зборува убаво. Кај и да се завртиш само слушаш „овој ваков, оној онаков“. Едни за други постојано зборуваме во негативен контекст. И тоа за луѓе, со кои се познаваме со години.
Како да станавме магнети за привлекување на негативното.
Не е дека не се олошивме сите по малку во последно време. Има и тоа. Ама зошто веќе речиси никој не го забележува убавото кај другиот, туку само она што не му чини.
Ми се чини дека прашањево има неколку одговори.
Најсилната причина сепак, по сè изгледа дека се крие во Короната.
Се сеќавам на себе тој период. Во тие неколку дена, десетина беа, во кои „ни раскажуваа“ дека состојбата може да се влоши, постојано „како да чекав нешто лошо да се случи“. Не е ова од оние „лоши мисли“, како кога детето ти тргнато на пат, или кога го нема во ниедно време да се врати, или лоши мисли од типот како ќе се дочека први со овие пари, или лоши мисли ко после земјотрес. Не! Ова се сосема друга сорта лоши мисли, на кои чипот досега не ни бил наштелан. Лоши мисли по некоја си сопствена есенција. Ако ова, ако она, ако, вака, ако така, ако умрам, ако ја разболам мајка ми, ако го разболам син ми, другарка ми која има астма… Значи ако, ако… до најстрашното ако.
Откако ќе се разбудев сабајле, па сè до легнување, си го наслушнував дишењето, срцебиењето, по неколку пати мерев температура, исто така по неколку пати одев во огледало да се погледнам, дали некаква видлива промена му се случува на моето лице, на моето тело.
Огромна битка водев со својот разум. Час ќе се помирев со смртта, за следниот час да се извадам од памет од тоа свое помирување. Час ќе запнував од петни жили, да сум здрава ко дрен, за во следниот час, да чувствувам како некои животинчиња да ми ја нагризуваат утробата.
Тој континуитет, кој што исто така во континуитет ни се случуваше на сите си го зема данокот. Стравот кој, сите знаеме дека раѓа агресија ни се пикна под кожа.
И нормално е дека сите станавме полоши од тоа што сме биле. Си го навикнавме умот да ги бара лошите мисли.
Втората причина, која исто така изврши силно влијание е говорот на омраза кој на голема врата ни го пласираа политичарите. Не само на голема врата, туку на јавна сцена. Се појавија емисии, на телевизија, чија што единствена цел беше да го подгреваат токму тој одвратно лош момент.
Сценариото е искреирано токму со таа цел. Да се најдат две закрвени страни и да се викнат во ринг, за вербално колку што е можно повеќе да се исплукаат помеѓу себе. И колку што повеќе тие ќе ја надминуваат границата на пристојното, толку поголема гледаност ќе има емисијата.
Ако Короната е „виша сила“, без да зборувам овде за теории на заговор, кој што исто така, се дел од масовната инекција да се зборува и размислува лошо, тогаш овие емисииве се апсолутен производ на човекот. И како продавач на производот и како купиувач на истиот.
Значи за некој тоа да го направи, треба некој да го гледа. Бидејќи ако не го гледа, тогаш производот ќе згасне. Како што згаснаа многу квалитетни емисии кои веќе никој не ги гледа. А денеска пари се заработуваат само на ниво на бројки.
Ако имаш сто илјади прегледи, имаш исто така и сто илјади заработка. Карикирам. Никој не води сметка кои се тие сто илјади. Дали се нарачани, дали се наместени, дали се од „едните“, или од „другите“, бидејќи лудилото отиде во бестрага, па сум чула дека на сите оние кои на партииве им климаат со глава, ко кукли од куклен театар, во „опис на работа“ им е и токму ова. Да седат и да билдаат бројки и да се јавуваат по овие емисии за да ги бранат политичките бои.
Господе Боже! Баба ми викаше „само Господ умот да ми го чува“. Не знаев кога бев мала што значи ова. Сега знам.
И затоа, кога може сево ова вака на јавна сцена да се зборува и да биде легитимно, зошто да не може секој од нас и во „слободен говор“ вака да се однесува.
Па така една продавачка во „Стокомак“ некни на една повозрасна госпоѓа ѝ „одбруси“ сè што ѝ лежеше на душа, бидејќи женава немаше ситно. Нит срам, нит перде. Сите што стоевме во редот на каса занемевме. Вклучително и јас. А да зинам, а да не зинам, па партал да ја сторам тука. Се пишманив. Си реков “ај ти глеј си своја работа и не исправај туѓи криви-дрини“ цел живот.
Ама после тоа два дена јанѕа ме јадеше. Еве уште не сум раат што не ја „исплескав“ тука на лице место.
Не знам, што да кажам! Огорчена сум и многу ми е тешко!
Па еве сакав вака на јавна сцена да пратам порака до обичниот читател, кој што впрочем воопшто не е обичен, туку посебен. Бидејќи од него зависи „изгледот“ на комуникацијата, на мислата, на говор, на…. изгледот на сите нас. Да не огрдиме до не препознавање на самите себе. Да ја задржиме убавината, за да си го разубавиме животот. Погледнете го другиот. Сè уште има нешто убаво во него. Погледнете се себе си. И во вас сè уште има нешто убаво. Од некаде мора да се почне.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: