Чек да брцнам во ташнава: Секоја една и пол жена би го изневерила мажот
Читам пред некој ден еден мошне чуден статистички податок, кој вели дека 66% од мажените жени, би ги изневериле своите мажи, ама кога би биле сигурни дека мажот нема да дознае за тоа.
Аууу, богати.
Баш се изненадив. Прво се изненадив од процентот, а потоа и од содржината.
Статистиката е чудесна гранка, пред која и боговите молчат.
Во обидот да се направат што попрецизни истражувања во разно-разни области, понекогаш се истражува сè и сешто.
Понекогаш некои вакви податоци ни се чинат и смешни, ама овој факт на пример, може да ја одреди причината за многу други социолошки појави кои се случуваат во последно време.
На пример, зошто е пораснат процентот на жени алкохоличарки, па потоа, зошто толку многу жени подлегнуваат под ножот на пластичните хирурзи, зошто толку многу вештачки нокти, силиконски гради, усни, ботокси и сè тоа по ред…
Ме порази податокот од две причини.
Првата е дека процентот ми се виде многу висок.
Тоа подразбира дека од десет жени само три не размислуваат вака.
Како!?
Па, или воопшто не би го изневериле, или би го изневериле и баш би им било гајле дали тој ќе дознае, или не.
Зборувам за останатите три-три и пол жени.
Значи помножи-подели излегува дека само една од десет жени е среќна со својот маж.
Баш шкоантно а!?
Почнав да си вртам по страниците на својот сопствен внатрешен дневник и да се препрашувам кога и како ми дошло и дали ми дошло да помислам на вакво нешто, да го изневерам маж ми и како тоа сум си калкулирала да го изневерам, а да не ме фати.
Прво и прво мислам дека откако постои светот и векот, од Адама и Ева речиси истите или сличните нешта се повторуваат. Ако вака се мисли денеска, не е исклучена веројатноста исто, или слично вака да се мислело и пред сто години па и пред петстотини години. Сетете се само на Хурем Султана и на сè она што се случува со векови наназад по тие хареми, дворци. Сетете се на сите дворски игри на кои што историјата сведочи. Секако сетете се дека барем една од бабите, или прабабите кои сте ги познавале била бегалка. А ваму ни продаваат басна, колку биле поштени.
Така што мислам дека не врви приказната дека жените вака размислуваат само денеска, а порано не.
Второ и второ и секако со оглед на тоа дека баш и нема некоја разлика помеѓу жените во светот, односно помеѓу женските виуги, си помислив дека преку сопствените пориви ќе дојдам до одговорот на ова прашање.
Зошто и како размислуваат вака 66% од жените во светот!?
Кога велам дека нема разлика од една Шпанка, или Норвежанка, или пак една Арапка, или Кинескиња, тука секако не мислам на верските и религиозните забрани, или забрани како социолошки и уредувачки забрани, кои ги живеат одредени општества на планетава.
Не!, мислам на жена, како жена било која, односно секоја една жена.
Всушност мислам на жена, која кога си седи, си мисли и си крои планови, никој жив не може да знае што сè ѝ се мотка низ глава.
Како и да е, доаѓам до заклучок дека потребата да се изневери маж, не доаѓа од сексуални потреби.
Вака мислам, бидејќи познавам еден куп жени кои со години се сами и немаат потреба од секс.
Башка и научно е докажано дека жената може во целибат да си живее со години, да не речам и цел живот.
Мислам дека поривот да се изневери мажот доаѓа најмногу од потребата за „вратка“.
Со оглед на тоа што голем процент од жените се незадволни, што со причина, што без причина од своите мажи, најголема освета која жената би му ја приредила на својот маж е да го изневери.
Едно што знае, дека тоа е неговата најслаба точка и дека ништо друго не би го погодило толку многу, колку тоа дека „му набила рогови“.
Од друга страна пак, зошто мора тој да знае.
Апсолутно не мора.
„Ја си знам!“, би рекла секоја жена.
И зад таа саркастична насмевка, секогаш кога тој ќе ја разочара, повреди, обезвредни, ќе се крие слатката освета на личното сознание наречено „одмазда“.
Ако случајно некој маж го чита текстов, па и ако случајно не се откажал на пола, туку стигнал до крајов еве неколку од причините, зошто жена му сака да го изневери, а тој да не знае.
Затоа што ја повредува, ја разочарува, ѝ се развикува, ѝ кажува навредливи зборови, не ѝ кажува колку е убава, не ѝ покажува колку ја сака, не ѝ подарува цвеќе, не се дотерува за неа, ја заборава годишнината од брак и уште еден куп вакви, или слични навидум банални причини.
Не се банални. Особено не кога ќе се накалемат една врз друга.
Мислам дека незадоволството е една од најголемите причини поради кои една жена сака да си го изневери мажот. На крајот на краиштата сеедно дали тој нема да знае, или ќе дознае.
Толку.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин