Чек да брцнам во ташнава: Си беше еднаш едно време, мое време

Добивај вести на Viber

Си беше еднаш, во едно време, мое време.... Вака многу пати ми доаѓа да започнам пишуванка, иако мајка ми стално ме кори „не си престарена за така да пишуваш. И ова време е сè уште твое време. Звучиш како старица која седи на клацкалска столица, со наочари на нос и плете волнени чорапи“. 

Не, не велам... , Ти не си баш во тек што се случува со ова време сега, затоа така зборуваш.

Јас не сум во тек!?

Да ти не си во тек, затоа што прво, учена си да веруваш во идеали, второ, учена си да си гледаш своја работа и трето учена си да тврдиш дека секој си знае што си прави и нема будала човек.

Така!?

Така! И што има тука лошо, за кое што можеш да ми кажеш дека не сум во тек!?

Нема ништо, само што тие правила, одамна не важат како упатство за овој живот сега, во ова време, мое време.

Секогаш важеле, важат и ќе важат тие правила.

Не, сега не важат мамо!

И најважно од сè вашето време, вашата генерација сте од друг материјал направени. Челичен. Вам не ви пукаат така лесно нервите, ко што ни пукаат нам.

Така!?

Така е!

Епа затоа си мислиш дека нема мое време“ и дека и ова време сега е мое време.

Јас пак ти викам рано ти е да тврдиш така, а ти како сакаш“.

А јас пак ти викам дека не е за рано, или за не рано работава, туку дека ова време сега не е мое време.

Времето е исто ми велиш, времето не се менува. Луѓето се менуваат.

И сè уште тврдам дека е така!

А јас пак ти викам дека ни луѓето, ни времето не се исти. Сменети се и луѓето и времето.

Добро што сакаш да кажеш.

Епа пошто ме влечеш за јазик, да извиниш на израз те молам, за тема која тебе сè уште ти е табу, односно не толку табу, колку што мислиш, дека за тоа не треба баш така јавно да се зборува и дека е срамота баш така на ѕвона да се удара на тема секс, сега ќе ме слушаш и ќе ти кажам.

Што можеш ти мене да ми кажеш за секс, што јас не знам.

Опаа, баш ми е драго што ја прифаќаш ракавицата и што конечно мислиш дека дораснав за да можеме рамноправно да се расправаме“, за на крај како што исто така знаеш да кажеш, ако не се разбереме секако, дека, се разбравме, дека не сме се разбрале“.

Ајде пеј!

Епа вака.

Во мое време 80-ти години во мода беа мажи. Во мое време беше незамисливо веќе на 17- 18 години да немаш дечко. И немој погрешно да ме разбереш, ама и сама знаеш дека од тогаш па до сега, на прсти се бројат денови кога сум немала дечко, или маж покрај себе. Исто како и ти впрочем. Само што ти се омажи за првиот што го сретна, а јас не баш за првиот.

Така!?

Така!- терај даље да чујам.

Даље, во мое време, ако не беше тој“, што тогаш бил покрај мене, секако ќе бил некој друг.

Нека не ти звучи пре банално, или префилозофски, ама љубовта се подразбираше. Го сакаш и тој со кого си бил до вчера, го сакаш и тој со кого си од утре. Ништо спорно.

Во мое време, ние немавме сатенски постелнини, ниту веш од 300 евра, ниту шампањ Моје во кибла со лед, ниту пак пуштавме амбиентална музика пред да дојде „Мишко“.

Во мое време, не се гледаше дали нашите гради се малку виснати, мали, големи, никакви... Сите гради беа убави во мое време. Не се гледаше ни дали имаме целулит, или не, дали имаме некое кило повеќе, дали ни виси малку стомакот, дали сме депилирани по цело тело (раце, нозе, стомак, сè...)

Мажите во мое време не ни наоѓаа маани на овие теми.

Исто како што и ние ним не им наоѓавме маани дали ќе дојде со Фиќо, со точак, пешки, или со автобус. Битно беше да дојде.

А откако ќе дојдеше ние имавме, тоа што требаше да имаме и бевме супер среќни и расположени.

Има ли нешто подобро од ова?

Е така беше во мое време.

И затоа сум ужасно тажна и бесна и солзи на очи ми доаѓаат кога ги гледам девојките, или жените на ова време.

Опседнати се со силикони, со нокти, со веѓи, со веш од милион евра, со парфеми, со шампањци...

Што сакаат ове жени од животот. Љубов, секс, или што!?

За кого се дотеруваат?

Постои ли нормален маж кому ќе му се дигне, да простиш на израз те молам, додека милува силиконски гради, бакнува силиконски усни, собира трепки и веѓи по кревет и лежи во кревет со некој чуден костур“, кој има 45 кила и 5-ка гради, а 100-ка задник. Дефинитивно тврдам дека нема маж, на кој што вакво нешто ќе му се допаѓа.

За кого се дотеруваат овие жени!? За мажите сигурно не! Се дотеруваат за да им се допаднат на другите жени. Мерат гради меѓу себе.

Не судам, да не ме разбереш погрешно, само ми е жал.

Некои од нив се фалат, а и без да се фалат се гледа дека немале секс со години. Неверојатно, но јас верувам во ова. Бидејќи сето тоа напумпување, оперирање, тренирање, убризагување и испумпивање, ја црпи сета животна радост.

Бидејќи како денеска една жена може да биде среќна, ако нејзината другарка има седум кила помалку од неа!? Не може.

Како да им се објасни на денешниве жени дека е многу порадосно покрај себе да имаш маж, отколку тренер, хирург, или исунчан геј.

Како да им се објасни дека мажот ќе те соблече и дека нема да му е гајле која марка ти е долниот веш, туку дека треба да те милува, да те гушка, да те бакнува, да те плесне и дека на крај треба да доживеете оргазам и ти и тој. Па кому му е гајле дали ти имаш целулит, а тој стомак.

Жените од ова време, кога би дошле во можност да разговараме, би ми рекле дека јас немам критериум и би ми се чуделе како можам да бидам среќна со мојот дебел и неинтересн маж. Тие сепак очекуваат нешто подобро од животот.

А што значи да се имаат критериум за мажи!? Не разбирам. Како помеѓу мажите да постои разлика! Демек оние со фелер и оние без фелер.

Не мажите се износена маица за по дома, они се чаша вода кога треба, дезодоранс, улошка, мала црна хаљина, патики, папучи, хелекс, бисерен ѓердан, салата, ракија... Ова сè се работи без кои не се може. А жените во ова мое време се без мажи. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: