Чек да брцнам во ташнава: Сиромавиот два пати плаќа

Добивај вести на Viber

Сите знаеме дека простувањето е една од најдоблесните човечки особини. Запишана е во Библијата, во најголем дел од евангелијата е објаснето нејзиното суштинско значење за духовниот развој на човештвото во целина и човекот како поединец.

Психолозите уште на првата сеанса, ќе ве советуваат дека првата лекција во совладувањето на личните состојби низ кои поминувате и кои ви создаваат несигурност, збунетост, кои ви ја одземаат самодовербата, ве доведуваат во состојба на анксиозност, паника, депресеија е токму простувањето.

Првенствено да си простите себе си, а потоа, или преку себе-простувањето да им простите и на сите оние кои несвесно, или свесно ве повредиле и ви ја разнишале животната греда по која се движите.

Но дали можеш да му простиш некому, ако тој не ти се извини.

И кое од овие две е потешко!?

Да отидеш да му се извиниш на човека, или да му простиш на човека!?

Би рекла мртва трка.

Многу малку луѓе останаа кои умеат да речат “извини“.

Џибони во една песна напиша дека “полесно им е на луѓето да умрат, отколку да речат извини“.

Замисли колку тврд орев е овој збор. Колку тврд орев стана човековата душа.

А знаете нели!?, дека тврдиот орев мораш со камен да го удриш за да го отвориш.

Знаете и тоа дека мекиот орев, можеш само нежно да го притиснеш со дланките и дека тој се отвара, а внатре те пречекуваат две речиси совршени “мозочни хемисфери“.

А оној првиот кога ќе го “пукнеш“ со каменот одозгора, едно што целиот ќе се распарчи, а друго што и кога ќе тргнеш да го собираш за да се насладиш, тоа се ситни трошки, чија убавина не можеш ниту да ја почуствуваш, ниту пак да ја дособереш од каменот, или дрвената даска на која што си го кршел оревот.

Исто така многу лесно може да се случи да грабнеш и некое парче од лушпата на оревот и да си го скршиш забот.

И сега!? Сега што!? Или зошто!?

Секој од нас во животот бил и тврд орев, а бил и каменот кој го кршел тврдиот орев.

И сето тоа само поради едно “извини“. 

Беспредмето е да се поставува прашањето кога ви било поубави, или погрдо.

Сите знаеме дека се грди и двете чувства.

Грдо е и да се тврд орев исто како што е грдо и да живееш со тврд орев, за кој што постојано ти треба камен во раката да го кршиш.

А нели нема поубаво чувтсво, од она кога речиси сам оревот ќе ја отвори својата лушпа, кога само благо ќе го притиснеш помеѓу дланките, да не речам кога само нежно ќе го гушнеш помеѓу дланките.

Но, од цела една вреќа купени ореви на пазар, само неколку од нив се такви кои лесно се отвораат.

Повеќето се од оние кои треба со камен, со чекич или со онаа справа која сите ја имаме по кујинските фиоки, наречена оревокршач, да го згмечиме оревот за да се отвори.

Него-оревот, сигурно го боли лушпата, немам дилема дека го боли, исто како што немам дилема дека и нас не болат рацете притискајки ја лушпата за да се отвори оревот.

Ах. Болка. Зошто човекот сака да минува низ болка. И зошто сака другому, па макар тоа бил и оревот да му нанесува болка. Бидејки сакаме душата да ни биде затворена и бидејки сакаме некому душата на сила да му ја отвориме.

Еднаш баба ми ми рече, “тие ореви кои нема да сакаат лесно да ти се отворат, стави ги на сонце неколку дена и така самата нивна кора од што ќе се загрее на сонцето, ќе попушти“.

Ах какви симболики, чудесни животно симболики се ова.

Стави го човека неколку дена, да го загреат сончевите зраци и сам ќе попушти.

Или пак ако сакаш преведено на човечки јазик, гушни го човека неколку дена во своите топли, љубовни зраци и тој сам ќе попушти.

Не дека не, има на пазар и вреќа со ореви кои се покрупни, по јадри и кои полесно се отвораат. Ова се одбрани ореви, кои најчесто се и многу, да не кажам дупло поскапи од оние другите, каде што на десет, еден ќе се отвори со леснотија.

Си велам, а зошто се овие такви.

Можеби и сигурно е до сортата. Но тогаш, тоа мора да е сорта, која била повеќе полевана, повеќе прихранета, повеќе копкана, насадена на Сонце и мора да е сорта во која продавачат ги бирал, еден по еден орев, кој ќе ги стави во поскапоцената вреќа, која потоа двојно ќе ви ја наплати.

Значи!?

Значи во трпението, љубовта, негата, топлината е скапоценоста на овие ореви.

Токму во тоа.

Во нешата кои немаат цена, а кои подоцна дупло ги плаќаме.

И вообичаено сиромавиот два пати плаќа.

Како!?

Епа ете така, ќе ја купи поефтината вреќа ореви, таму каде што на секој десети орев еден се отвора, другите ќе ги испокрши со камења правејки ги трошки, кои ќе се помешаат со лушпите, па пола од нив фира ќе отидат.

А “богатиот“ ќе ги “купи“ поскапите ореви, кои само ќе треба да ги гушне во дланките и тие сами ќе се отворат.

Бидете отворен орев, кој сам ќе ја отвори својата душа пред онојга наспроти себе, бидејки сиромавиот два пати плаќа.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин