Чек да брцнам во ташнава: Таа за него најсвета, тој за неа господар
Хехехеххе… Иако ич не е за смеење работава, ама не се ни смеам од срце и душа, како што највеќе знам и како што најмногу сакам. Или како што викаше баба ми, види го човека кога ќе се насмее каков е. Од тоа како се смее, ќе видиш и ќе знаеш со кого ќе си имаш работа. Ако му се смеат и очите и душата и срцето, таков ќе ти биде и животот со него. Ако се смее, како со подсмев, за тој човек што и да направиш, малку ќе му биде. Душата ќе ти ја искриви таков човек. А, ако пак огрди кога ќе се насмее, бегај. “Главом без обзира“.
Е сега, јас се смеам со некој таков чуден подсмев, заработен во ова одвратно време. Еве и овој збор “одвратно“, кој толку ретко, речиси никогаш не го употребувам, сега со леснотија го пишувам. Немам по соодветен, за ова време во кое живееме цела година.
Уф како ми доаѓа да и се свртам на годинава и Бога у неа да убијам. Да и кажам и што не е за кажување, да ја избербатам од горе до долу. Се што цел живот убавото во зборот го негувам, сега се наопаку да превртам. Не ќе можам, знам! Само се силам, ко дете недогугано. Едно што знам дека ќе папсам, на третата реченица. Душата ќе ми се пеплоса. Јазикот ќе ми се испришти. Очите ќе ми се ококорат до истекување. Целата ќе се искривам. Друго што не знам, нит зашто, нит како мораше сето ова да се случи. Глупаво, многу глупаво и неуко се чуствувам кога зборувам за тоа. Нит се осмелувам да речам дека човештвото заслужи вакво нешто, нит пак дека не заслужи. Нит се осмелувам да речам дека природата го создаде ова, нит пак дека луѓе во лабораторија го создадоа. Нит знам чиј имунитет полесно го поминува, нит пак чиј потешко. Нит знам зошто во Англија е вака, а во Шведска онака. Нит пак можам да “плукам“ по нашава власт дека лошо се справи со ова, бидејки кога пуштам Хрватска телевизија, прва вест е дека, тие имаат најмногу смртни случаи во регионов. Исто и во Америка на пример. А нели ние секогаш си мислиме дека другите подобро го прават тоа од нас, што и да е “тоа“, и дека сите се попаметни од нас.
И затоа се смеам така, како со потсмев, оти нит си вака, нит си онака. Нит си да се смееш, нит си да не се смееш. Нит си да плачеш, нит да не плачеш.
Всушност потсмевот ми е најмногу поради тоа што, вообичаено сите луѓе на светот, нешата ги сакаме најмногу, тогаш кога не можеме да ги имаме. И јас сум таква. Истата. Исти сме сите. И оние кои пишуваат беседи, како другите вака, другите онака, а никаде ЈАС, на таа тема и тие се такви. Сите сме исти. Само не сме само-критични. Оти и Бог нели, прво себе си си стави брада, па потоа на другите.
И гледам сега, гледам цела година всушност, како се што не можеме сега да правиме, баш тоа сега најмногу го сакаме.
И само тоа го молам Бога. Да ја сватиме лекцијата, која моравме сите многу скапо да ја платиме. Всушност не знам кој најмногу плати!? Дали сиромасите на богатите, или богатите на сиромасите. Дали конечно стана небитно кој е богат, а кој сиромав!? Стана ли конечно тоа небитно!? Аман веќе од тоа некој интелектуалец, со парекселанс домашно воспитување и фини манири, да мора да му се поклонува на некој “Ѓуро од мајчинами“, само затоа што овој има многу пари, а две унакрст не знае да сложи. Аман веќе! Аман веќе од тоа некој газда на кафана, да може да си игра со вработените-келнери, само затоа што татко му на времето украл пари, па овој купил Џип и отворил кафана. А конобаров-машински инжињер, мора да лета низ кафанава за 15 000 денари, само затоа што има три деца за ранење дома. Аман веќе од тоа на пензионерите да им даваат некои смешни бенефиции од типот на бесплатни карти за скијање, жичара и автобус до Водно, затоа што им се најстандардно гласачко тело за избори. Аман веќе од тоа Русија, Америка, Кина и Индија да мерат чија е поголема…
Аман веќе од тоа Англија и Франција да си играат дрндупка со пола Африка и цела Европа. Нашиве па меѓу себе си се к….ваат со проштење. Час едните се горе, час другите. Знаат ли бе, дека знаеме дека си пијат кафе заедно и дека си се договорија меѓу себе (ја тебе сердаре, ти мени војводо), а ваму народот ко на пасење го водат. Си мислам дали и тие што им се таму во ешалонот, глупави се и вака наивни ко јас, или дебело си наплаќаат за лажната наивност!? Да знаете само дека псујам тука, дур го пишувам ова, ама непријатно ми е да напишам.
Значи аман, аман, аман…
Видовме ли сега дека и оној со пет милиони евра на сметка и овој со пет евра во џеб се исти пред вирусов!? А!? Видовме ли, или не видовме!?
Вака си велам. Се додека не стане небитно кој е богат, а кој сиромав. Се додека не се врати почитта. Таа исконската почит на човек-кон човека. Се додека со пари може да се купи се, а од љубов веќе никој ништо не прави. Се додека секој секому може се да каже и тоа да станува трка на што поголем невкус. Се додека не се вратат вистинските семејни закони, каде децата ќе читаат книги, ќе помагаат по дома, ќе ги слушаат беспоговорно своите родители и ќе јадат ќутек ако не биде тоа така, се додека мажот не си ја почитува жената, како највредно и најсвето нешто, а жената мажот како господар и чувар на нејзината кревкост и љубов, бидејки колку и да звучи “немодерно“, се од таму доаѓа и поаѓа, од семејниот праг. Се додека не ја кренеме свеста високо над личниот интерес и профит. Се дотогаш ништо нема да ни биде јасно. Нит кој сме, нит што сме нит, кој ни го направи ова, нит зашто ни го направи. Нит ништо. Никој не ни го направи. Сами си го направивме. Ти и јас, или јас и ти. Како сакате.
Довидување годино, во која успеа да ме прекршиш и да ме научиш дека отсега натака, за да можам да се заколнам дека сум “чиста“ на сите полиња, ќе треба добро да се замислам.
Ти благодарам и ти наздравувам.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска