Чек да брцнам во ташнава: Тој да не ми умре, пред јас да умрам

Добивај вести на Viber

Има едно прашање на кое не го знам точниот одговор. Ах едно! Да е едно. Имам милион прашања на кои не го знам точниот одговор. Можеби затоа и животот ми ја подари ова професија, за цел живот и постојано да се прашувам и препрашувам. Да талкам и да тарашкам по одговорите и цел живот некои “пундравци“, да ме мачат и да ме голицаат.

Каков е тој волшебен креативен животен немир, кој реши цел живот да биде мој сопатник!?

Ја не знам дека некому сум била поверна, отколку на овој свој сопатник.

Заедно сме од утро до ноќ. Како најстраствени љубовници се препелкаме цел живот.

Ф’рчат тука сите видови состојби и емоции. Од плачење-до шмркање, па се до смеење-до заоѓање.

Ја навистина не знам, дали би можела поинаку. Иако понекогаш не го можам, ама никогаш не го оставам. Ниту пак тој мене.

Заедно сме откако сум родена. Оваа година славевме 50 годишен јубилеј. И немам дилема, сигурно ќе останеме заедно до крајот на животот. Не дај Боже некој од нас да умре пред време. Мислам, јас сигурно нема. Тој да не ми умре, пред јас да умрам. Не би сакала. Би била очајно тажна.

Што би правела јас, ако не можам да му поставувам цел живот милион прашања.

Па дури и да реши да ми ги даде сите одговори и да ми рече дека дошло време да се разделиме, нема да прифатам.

Да не си мрднал од мене подалеку- ќе му речам. Ма ќе му наредам. Со, јасно!? И ќе му одбрусам, да ми салутира. Тука у став мирно пред мене. Ко ја тебе што ти стојам у став мирно. Цел живот. И што одам и се враќам кај и да ме пратиш. Цел живот. По било кој одговор, по кој си ме пратил сум отишла. Без страв и без колебање. Ти мој волшебен креативен немиру. Низаеден. Те сакам и мразам истовремено. Ама без тебе не можам да живеам. И не сакам. Да не си мрднал. Јасно!?

Јасно! Е така те сакам. Дојди да те гушнам сега.

Тргнувам сега да го барам одговорот на прашањето дали мажите сакаат успешни жени.

Вака ќе ти кажам. Она на прва што ми доаѓа е дека сакаат, да многу сакаат ама од далеку.

Види, не значи тоа дека не сакаат да е нивна. Напротив. Сакаат.

Сакаат, за да можат да се перчат со неа. Не толку пред фамилијата, оти тука се соголени, и им ги знаат сите маани и сите слаби точки.

Во фамилијата точно го знаат “колку пари вреди“ и колку му е тешко или лесно со таква ербаб жена.

Така што тука не му е баш лагодно, кога ќе се отвори, или кога би се отворила ваква заебано директна тема.

Замисли мајка му да го праша “абе синко умееш ли ти со оваа жена“? “Тешко царе“. Не постои мајка, која би сакала да се “заплетка“ себеси и својот син, во ваква “непријатна“ тема.

За разлика пак од оваа релација, една мајка на пример, не би имала проблем да ја праша ќерка си вакво нешто слично. Жив сведок сум. Бидејки лично мене мајка ми сто пати ми го поставила ова, или вакво слично прашање. Прашања од типот вредна ли си, готвиш ли, чистиш ли куќа и такви некои слични лики, дики и прилики. Овој муабет знае да отиде и до таму, што советот на мајката би бил “знаеш нели, дека за мир у куќа секогаш треба да си “пет подолу“. И за ова сум личен сведок. Баба ми стално така ме советуваше. Жена треба да е “пет подолу“. Не ти велам дека ова не е така и дека можеби навистина не треба да биде така, туку само ти велам, дека мајка ми на пример, никад овие прашања на брат ми не би му ги поставила. Одма имаш рампа.

Ај ти не се мешај. Ај ти глеј си работа, Ај ти ова, ај ти она.

А тоа е така, само затоа што многу добро се познаваат мајка и син. Му ја знае ахиловата пета.

А ќерка е “жив ѓавол“. Умее женското да се протне и таму каде што мајка ѝ шиела. Иста сорта се.

Не ми забегуј ми велиш. Врати се на темата.

Ок, ок. Еве ме назад.

Значи ти велам. Сакаат мажите успешни жени, ама од далеку.

Колку да можат да се прават важни, да не речам да се курчат пред другарите. И тоа кога се без неа. Не знам баш точно што и како збруваат и како точно изгледа овој муабет, ама насетувам дека ја имаат таа “жичка“ од типот кој поубава и поуспешна жена има. Нешто како орден. За курч.

Е сега, проблемот настанува кога треба да ѝ се доближат, или кога ваква жена им е преблиску. Тонч. Тука е заебот. Не знам дали баш секој, ама грото мажи, одма ќе ги вклучат “моторите на нај-јако, оние кои природно им се дадени како на посилен пол и ќе ја “возат“ релацијата во правец да ја постават жената кај што ѝ е местото.

Овие мотори најчесто звучат вака: бррррр-бррррр-брррр.

Што значи ова!?

Некое смешно викање и подвикнување, некое смешно трескање врати и вратички, за мали ситни, небитни тракатанци, зад кои се крие насушната потреба да се биде главен.

На крајот на краиштата слушај - природа е тоа, а против природата кој се обидел да оди и да се пресметува со неа, секогаш го јал подебелиот крај.

Значи!?

Епа тоа. Значи дека жената, треба да си биде успешна надвор, а дома да си биде “пет подолу“, ко шо викаше баба ми.

И значи дека мажите сакаат успешни жени, ама од далеку.

Било и ќе биде.

Се согласуваш ли со мене, ти мој креативен немиру, кој цел живот ме праќаш по одговори на твоите чудесни прашања?

Тука си некаде блиску, ама имаш уште за веслање.

Знам!


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: