Чек да брцнам во ташнава: Товар корона грижи
Секој ден, сè некои нови мисли ловам по сопствениот ум. Непознати ми се, туѓи ми се. Не знам што да им правам. Ко крлежи ми се протнуваат низ сите виуги. Одвратни, лоши, безобразни, страшни. Не ги препознавам, не се мои.
Цел живот и капата и китката ми беа настрана и никој ништо не ми можеше на таа тема. Мајка ми сосе сите нејзини, што карактерни, што мајчински грижи цел живот ми вика, „како бе ќеро не се метнав јас на тебе, блазеси ти на умот“.
Среќа велам, што јас не се метнав на тебе, оти којзнае колкав товар-амбар ти се тие грижи, кои секој ден ги носиш со себе натака - навака. И на пазар и на гости и на концерт и на годишен одмор. Сè ќе се спакува и плус една цела торба грижи на рамо. Ама нема, табиет ти е тоа. Не можеш на чоека да му дадеш рецепт како китката да си ја мести на страна. Не е тоа марифет. Од Бога е дадено. Можеш нешто троа да поднаучиш низ животот, ама ако наречниците на „треќа вечер“ не те прогласиле за „луфтигуз“, џабе ти се сите „лајф коучови“.
Е!, ама „не лежи враже“, еве и кај мене на врата тропнаа некои си чудни мисли, размисли и грижи. Не тропнаа, туку се втурнаа. Без прашање. Дрско, безобразно, нахално.
Тоа ли ви беше целта, од кај и да доаѓате, кој и да ве праќа!? Тоа ли!? Да му се пикнете подло на човека под кожа, како најодвратен „гмизавец“ и да фатите да му ја пиете радоста капка по капка.
Другарка ми има Корона! Среќа не сме се виделе две недели. Ама, да не се видов со некој друг, што се видел со неа!? Мисли, мисли брзо! Сети се!! Вади списокот и почни да враќаш филмот со кого, каде и колку минути си правела моабет! Оти ако си се видела со Ѓуро, со Петко, или Станко, а тој се видел со Ѓурѓа, Петкана, Станкана, тогаш трк на тест. Ама немам симптоми! Не! Чекај!, треба да поминат 5-6 дена за тестот да биде валиден. Сега да одам на работа, да седам дома!?
Абе чекај, мислиш само на себе!? А неа како ѝ е!?
- Ало, драга, како си?
- Малку подобро денеска.
- Те молам чувај се!
Врска немам што да додадам натака во муабетот, оти прв пат давам вакви поддршки. За сè нешто, знам што да кажам. Зборови никогаш не ми фалеле. Цел живот си баратам со нив, како со најубави играчки. А сега сум ко со две леви усти.
Ко будала се чуствувам. Ме стега грло, ми се меле умот. Да речам вака, да речам онака!? Што да и речам!? Пиј чај, цеди лимон, бутај витамини!?
Кај ми е онаа реченица- „слушај ај на по една ракија и салата до Дебар маало, сè ќе ти помине“.
Не смеам да ја кажам, а на нејзино место немам што да додам.
Мајка ми ме бара.
“Сум ти правела супа од коска, дојди да ја земеш, а и лап топов нешто не ми работи, пак сум стиснала изгледа некое копче, немам интернет“.
Ништо ново, си мислам! Првата мисла ми е да и речам -па нели бе мамо запишавме, што и како да стискаш!?
Па таа ќе рече „е добро де“, не сум видела.
Сега, тој муабет пафта. Нема.
Сега викам - „абе знаеш, не знам дали да дојдам, вака и вака“.
А не треба ништо да рече. Знам дека си мисли, „абе што ќе ми е мене животот, ако не можеш ти да ми дојдеш“.
Палам кола, идам. Со две маски. Имам тахикардија, ѝ велам „не се доближувај, седи таму, ќе ти направм сè набрзинка и бегам!“
И бегам како улава! Ејјј, бегам од мајка ми.
Нема кафе, нема безцелни слатки муабети, нема совети, нема земи си лажичка мед, еве ѓумбир со цимет сум ти спремила, еве ти и јаболка сум ти излупила… нема ништо… Како живи мртовци.
Ѕвони син ми.
Мамо, абе другар ми е позитивен. Игравме кошарка пред некој ден.
- Кога!?
- Во средата!
Бројам четири дена се поминати.
Не смеам да кревам паника. Ама пак, ако не кренам, нема сериозно да ме сфати.
ОДМА НА ТЕСТ! Затварам. Не чекам ништо да ми одговори, оти се плашам дека ќе попуштам, како за сè друго, ако ми рече дека ништо не му е, дека нема симптоми.
Вртам, закажувам. Утре во 10.05.
Прво викам, супер што има термин. После тоа, одма ми доаѓа - „мамичето ваше, кој и да сте, Американци, Руси, Кинези, црни, бели, жути, вие таму богаташите што седите како на Божји трон и влечете конци, како со платнени кукли“. На секој 5 минути закажувате тест а!?
На секои 5 минути по четири илјадарки!?
Кај ќе ви оди душата!?
Абе ништо не е важно си мислам веднаш. Само да е жив и здрав.
А да и побараше четири илјадарки за фармерки, или за излегување на пример, на глава ќе му се качев. Ќе мораше саат време да слуша, за сите други семејни приоритети, од типот, зимски гуми, регистрација на кола, рата за телевизорот, покачена сметка за струја, зимска сметка… Уф…
Еее, Ајнштајн мој до кај стаса твојот релативитет.
Ѕвони маж ми.
- Како си бејб?
- Како !?, појма немам. Почнувам...
Ме прекинува на пола реченица. „Ајде доаѓај, сум спремил печени пиперки, модри патлиџани, тиквици и по една ракија“.
Ете, него наречниците на „треќа вечер“ му ч’кртнале, цел живот да умее како бедем да стои. За што и да е.
Знам дека се секира, ама знае како да стои исправен. Како светилник среде море. Среде најголема бура. Си трепка и си светка.
Молскавично ми го враќа умот на старо. Барем до вечерта.
Утре, знам дека ме чека пак сè од почеток.
Вечерта стигнува резултатот.
Син ми е негативен.
Нечив друг е позитивен.
Ми капнува солза и од радост и од тага. Слатко-солена е. И го чувствувам и горкиот вкус и горкиот мирис.
Немам што да додадам. Немам совет. А сакам да речам нешто како „луѓе, што и да се случува, гледајте барем малку од радоста да ви остане, без неа не бива животот“.
Жал ми е, многу ми е жал.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска