Чек да брцнам во ташнава: Украинка во мојата цвеќарница

Добивај вести на Viber

Влегува пред некој ден во „Сончевина“, (кај мене во цвеќарница) една преубава жена. Личи на Самовила. Косата и е долга и црна, пуштена да ѝ паѓа преку витата става, која ѝ се надзира под елегантното здолниште во кое беше дотерана, очигледно подготвена за некаков свечен настан.

Очите сини, длабоки, некако плачни, толку за да бидат сјајни и бистри. Тенот како алабастер. Негуван, чист, речиси проѕирен.

Влегува таа и со себе носи еден елегантен и грациозен од, една префинета и тивка отменост и одмереност, една вродена, сèвкупна убавина.

Како Руска принцеза е.

Ова се толку ретки прилики за средба кај нас, што секогаш кога ќе се случат ги доживувам како празнување на животот, како подарок, како мене животот да ми подарува најубав букет цвеќе.

Да, толку многу ја сакам љубезноста, префинетоста, убавина и елеганцијата што токму вака ги доживувам средбите со ваквите луѓе. Сеедно дали е маж, или жена.

Јас во тој момент сум продавачка на цвеќе, но наеднаш се претворам во набљудувач, во писател, во хроничар, кој сака да го забележи секој детал од оваа ретка средба. Да ги меморира сите тие промени што ќе се случат во просторот со присуството на ваква жена. 

Ми се чинеше дека и цвеќињата и украсите и тантелите и свилените марами и парфемите и сè што имам во продавницата како да оживеа пред убавината и грациозноста на оваа ретка жена.

Носеше нешто за пакување во рацете. Беше тоа корпа со бебешки работи.

Прозборе на англиски, со руски акцент, а тоа на англискиот јазик, секогаш му додава една сосема друга интонација. Естетска, певлива, игрива, уметничка, длабока. Наеднаш како Чајковски да го слушате.

Ми објаси дека сака убаво да ја спакуваме бебешката облека, бидејќи ќе оди на крштевка и побара елегантен букет цвеќе, кој ќе биде во согласност со пакувањето.

Знаеше што сака. И знаеше да го раскаже тоа што го сакаше.

Веднаш ми се појави сцена дека овој народ чита книги додека патува со автобус до своето работно место, или додека чека ред во продавница и дека таму и жените кои работат како продавачки на пазар, или хигиеничарки во некое училиште, одат на утринските претстави во Баљшој и бидејќи немаат време да ја изгледаат цела балетска претстава во еден ден, еден ден го гледаат првиот чин, следниот ден вториот, а можеби следната недела крајот на претставата. Овие утрински претстави се далеку поефтини од вечерните и се поставени токму со таа цел. Посиромашниот народ да може исто така да ужива и да си овозможи средба со врвната уметност.

Си помислив затоа знаат фино да зборуваат и затоа има таква естетика во секој нивни покрет, манир и збор.

За пари не праша. Имав чувство дека не праушува, бидејќи од една страна, цената не би ја спречила да го купи тоа што го сака, а и логиката на умниот човек подразбира дека еден букет не може да биде недостижно скап за да се разговара за неговата цена. Од друга страна си помислив дека разговорот за пари не го меша со својот сèвкупен грациозен манир.

Се разбира дека не одолеав на можноста да поразговара со неа.

- Дали сте Русинка!? - прашав.

Таа рече „не, јас сум од Украина“.

Се препотив. Веднаш знаев и зошто и како е тука. Се покосив.

Почнав снеможено и со интонација и со поглед и со збор да ѝ се извинувам.

Прво за она Русинка, а веднаш потоа и за ситуацијата, за која и јас се чувствува и виновна и одговорна. Не знам зошто, веројатно затоа што сум човек, а не можам ништо да сменам.

Таа веднаш ми „подаде рака“, да не се грижам, бидејќи веднаш по нејзините и моите очи се наполнија со солзи. Мислам дека и цвеќињата и украсите и свилата и сè во продавницата се наполни со тага.

Таа, Дарија се викаше, прва се исправи пред оваа тажна сцена и застана во одбрана на својот стамен став.

За кратко и јас по неа. Па цвеќињата.

Продолжиме да зборуаме, а разговорот почна да личи како сцена од филмот „Адмирал“.

Некои работи кои не можеш да ги промениш, мораш достоинствено да ги прифатиш.

Ах колку долго работам на себе за да ја создадам оваа енергија како мантра и како став во своето сèвкупно мислење и живеење во оваа моја „чудесна“ земја, која сè повеќе станува жртва на простиот и примитивен  сензационализам и која ги одзема како најскап данок овие прекрасни човечки особини.

Јас стегам како со ортома и не давам тоа да ми исчезне, а оваа жена го имаше тоа како природен став, како зададеност, како најмоќно оружје во сета нејзина појавност.

Со најголема доверба, отвореност и искреност ми раскажа дека нејзиниот град е целосно разурнат и дека успеале со сопругот и нејзината мајка да избегаат и да дојдат тука во Македонија и дека нејзиниот сопруг е компјутерски инжинер кој за среќа веднаш нашол работа. Таа раскажуваше со глас кој трепери, а јас слушав со исто таква душа..

Подарокот беше спакуван, букетот цвеќе одбран и требаше да си замине.

Имав чувство дека и таа жена, слично како и јас не сака да се заврши некако вака-недерочено оваа средба.

Сакав да ѝ подарам нешто во знак на подршка. Букет цвеќе.

Она што набрзина ми падна на памет го реков.

„Бидејќи оттука одите во црква на крештевка, а јас сакам да ви подарам букет цвеќе, но тој би овенал во кола додека да си дојдете дома, ве молам поминете утре да го земете.“

Се заблагодари повторно со насолзени очи, какпки солзи како тажно-среќна благодарност пред животот и рече -ќе дојдам!

Замина исто како што влезе. Полна со грациозност и одмерен и елегантен чекор кој знае каде оди. Барем така изгледаше.

А јас! Јас останав нема пред големото и дабоко синило горе над нас и долу под нас. Угоре високо, удолу длабоко, викаше баба ми. Е ова е тоа.

Цела ноќ си велев дали ќе дојде. Дали ќе најде начин и како ќе најде начин да дојде да ѝ го подарам букетот, кој сакав да ѝ го подарам, знаејќи дека цвеќето е насмевката на Земјата.

Си реков, требаше да ѝ го дадеш замоткан во влажна хартија или да го ставиш во вазна со вода, или нешто да смислиш, а не да ѝ речеш „дојдете утре“.

Си мислев нема да дојде, си мислев, ќе ѝ биде глупаво да дојде и да рече „јас дојдов по букетот“. Ах Тања, требаше да смислиш нешто поумно, се прекорував себе си.

Но Дарија најде начин и се појави утредента.

Ја препознав од далеку.

Носеше кеса која личеше на подарок.

Во следната приказна ќе ви раскажам, како изгледаше нашата втора средба.

Украинката во „Сончевина“ и јас.


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: