Чек да брцнам во ташнава: За луѓето кои се останати луѓе

Добивај вести на Viber

Пред еден месец бев во Јордан. Патешествие за кое што скоро воопшто не се подготвував. Излезе сосема „апансас“.

Ми се јавија речиси 5-6 дена пред тргнување.

- Сакаш да правиш репортажа од Јордан!?

- Сакам! Секогаш сакам!

- Ама треба да се спремиш за пет дена.

- Спремна сум! На три, два, еден… тргнуваме.

За на пат сум секогаш спремна.

Едно време и пасошот ми стоеше во кола, за некој случајно да не рече „ај до Грчка на еден ручек“, или во Трст по фармерки. Или ај… ма нема везе каде…

Мојот одговор секогаш е „ај“. Мислам дека и на Алјаска да ме викне некој да му правам друштво, ќе отидам.

За три секунди можам одма сè да организирам, сите обвсрки да ги поместам за ден-два. Дел од нив и ко Спиди Гонзалес да ги завршам и ете ме тргната.

До ден денес не можам да си простам што не го реализирав мојот животен проект.

А тоа е телевизиско комбе, со кое ќе тргнам и никогаш нема да застанам. И ќе се јавувам во живо секој ден од некое различно место на планетета.

Така си мислев и така си фантазирав кога имав триесет години.

Разно-разни животни глупости ми ги замешаа лончињата и не го направив ова.

Не тврдам пазар, ама можеби никогаш не е доцна.

Можеби ќе ми се отвори патот..

Сила не ми недостига, желба исто така, лудост ни најмалку, можеби само една тронка одважност да ми се спојат разумот и срцето во точка на вриење и којзнае. Можеби ете ме, ќе тргнам.

Мубаетот ми е за Јордан.

Стасав сосем неподготвена. Речиси ништо не истражив, освен тоа дека граничи со Сирија, Саудиска Арабија, Израел и дека практично одам во земја која е обиколена со „немири“.

Не ми беше ни ова пречка, оти ризикот и предизвикот ми се име и презиме.

А! Прочитав и тоа дека Ранија-Јорданската кралица е една од најубавите жени на светот.

Отворив неколку страници за неа и видов дека е прогласена на листата на „Форбс“ меѓу 100-те највлијателни жени во светот. 

Натаму видов дека никогаш не носела бурка иако ја „прозивале“ да го строи тоа, дека се бори за независноста на арпаската жена, дека ги штити децата, дека има отворено неколку асоцијации и фондови на овие теми.

Отворив на „имиџис“ да ја видам и имав што да видам.

Убавица од универзумска класа.

Одамна си имам своја теорија дека „убав“ човек не може да е лош.

А таа беше, ви велам универзумски убава.

Но она што најмногу ме плени во приказната за неа беше тоа дека е дваесет и четири години во среќен брак со кралот Абдула Втори.

Го „измеркав“ и него од глава до пети. И за него исчитав некои статии по „Гугл“ и видов дека тоа е тоа. „Гранде“ фраер.

Нема утка, вистински Крал. А таа уште повистинска Кралица.

Она што најмногу ме восхити во целава оваа приказна беше податокот дека тие двајца постојано се договараат за одлуките кои се однесуваат на државничките работи. Всушност пишуваше дека тој Кралот постојано ја консултира својата сопруга- Кралицата.

Па да! - си реков, здрава комуникација.

Еден Крал, не може да е „Кралски Крал“, ако не знае дека жената има суптилност, праведност, нежност и љувов во себе. Особини кои нејзе ѝ се дадени од раѓање. И исто така еден Крал не може да биди вистински „Кралски Крал“, ако не знае дека неговата одважност, храброст, одлучност и чесност, мора да бидат во взаемна релација со мекиот и топол суптилитет на една жена.

Ова беше тоа што го прочитав како припрема, пред да стасам во оваа земја на Блискиот исток, за која знаев само дека Аман е главен град и дека таму, во Јордан се наоѓа Седмото светско чудо- Петра.

Вообичаено во првите неколку часа при средбата со некој град, земја, народ, знаете каде сте дошле. И тоа е неретко непогрешлив заклучок. Како велат: втора шанса за прв впечаток нема.

Мојата прв впечаток- емоција беше дека сум долшла во земја-оаза на мирот и љубовта.

За неверување е знам.

Но за неверување е само затоа што имаме предрасуди до небо за арапскиот свет, затоа што сме задоени и отруени од секакви вести и информации на сите страни и затоа што појма немаме како вистински изгледа светот.

Епа светот во Јордан изгледа како ние што изгледавме во златното време на Југославија. Средина на 80-ти години. Златното време на Југославија.

Не зборувам овде за спорт, економија и музика.

Зборувам за човечност и човечка добрина.

Зборувам за особини, кои ние во изминативе три-четириесет години ги загубивме некаде по патот, во некакви си квази обиди за самостојности, за власт, за криминално богатење, за потпишани договори со политичките ѓаволи…

Сета добрина, доверба, љубов, сочувство, взаемно помагање, сета човечност ја заменивме со омраза, со подметнување, со нервоза, со стравови и агресии…

Во Јордан луѓето се останати такви, какви што треба да бидат луѓето.

Добронамерни, питоми, гостопримливи, љубезни, човечни…

Ако сакате да си ја вратите вербата во човечката добрина и да се сетите на себе си кога сте биле добар, мирен и спокоен човек отидете во Јордан.

Сè друго ќе ви раскажам во репортажата за Јордан кога ќе ѝ дојде време. Таму некаде септември-октомври. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: