Чек да брцнам во ташнава: Oд кај ви се парите за куќите, становите и викендичките што ги испокупувавте по Грчки, Охриди, Хрватски, Германии, Аустрии
Абе и да сакаш да се скриеш, и да сакаш да се засолниш, за да си го живееш својот живот не можеш.
Дури ни ние неколкумина кои ја немаме продадено душата на ѓаволот за „шаку долара“. Ни ние, на кој одамна ни текна дека во ова „Труман шоу“, не сакаме да имаме улога ниту на статист, а камо ли епизодна, или главна улога.
Значи и да сакаш, едноставно не можеш.
Добар дел од нас, или никогаш немале прилика да се „шитнат“, бидејќи не биле во ситуација. А не биле во ситуација, бидејќи не сме се движеле по такви прљави кругови, зошто ништо не е случајно. Не можеш ако не отидеш на пазар, да имаш патлиџани сабајлето дома во фрижидер. Мислам, стварно не можеш. Освен, ако не си ги нарачал, па некој во торба, во која има и милион долари не ти ги донел на врата. Мислам како?!
Или пак не сме се „шитнале“, бидејќи, првото крадење пари од новчаникот на татко ни, или мајка ни дома, било проследено со „ѓомити не забалежав и не знам“. Исто така и второто, бидејќи и тоа било под тактички превез, за ситен новац, ама третото кога мислевме дека ни се глупи родителите по дома и дека можеме да ги играме мајтап и да си зимаме кешче од нивните новчаници, кои патем, стоеа на ачик во секоја нормална куќа порано. Тоа завршувале со таков ќотек, кој се памти цел живот, ќотек до подмочуење, значи ќотек од типот пет пати ударам, еднаш бројам, и не гледам кај те млатам, или со скршена рука. За да не ти текне више да помислиш да чепнеш од семејното чекмеџе.
Можам да ви ги пререаскажам и вербалото „злоставување“ од тоа време, ако сакате.
П…. Ти м….., ти мене ќе ме крадеш а, што мислиш ти ја глуп сум нели!? Сеа ќе ти е… м….. Ела ваму да не те фатам. Јас сум те родил, ја ќе те убијам. Марш у соба и да не сум те видел да мрднеш дур ја не ти речам.
Јасно!?
Јасно!.
Немој ти мене јасно, него марш у соба, да не те гледам.
Е така беше у мое време. Е ние таквите кои вака не воспитувале и на кои Бога убиле у нас, за тоа што сме им „џапнале“ стотка од новчаник, не ни текнало више да брцаме по туѓи џепови. Никад.
И цел живот ринтаме ко коњи и живееме и трошиме ко сав нормалан свет. Ако некад пуштиш нозе, подолго од чергата, тогаш следи стегање каиш некое време. И сè така у круг цел живот.
И затоа некои работи не може никој никад да ти ги земе, бидејќи нит му ги даваш, нит му ги продаваш.
Не може да ти го земат раатот, да ти ја земат салатата и ракијата и не може да каже дека се дружи со тебе, или дека те познава.
НЕ, ние едни со други не се познаваме и живееме како во два различни света, или како во два различни универзума.
Вие крадете и лажете, а ние не! Или некогаш ќе подлажнеме, ко што го излажав маж ми прошлата нова година, дека јас сум ја правела руската салата, а всушност ја купив у „Тинекс“. И ми се виде толку вкусна, што си реков, ќе му речам дека јас ја правев.
Е така лажеме ние, а вака лажете вие.
Како!?
Сега ќе ви кажам, како лажете и крадете и едните и другите.
Крадете од народот, за да им дадете пари на некои доктори со сомнителни педигреа, кои наеднаш се појавија и станаа мултимилијардери преку ноќ. Слушам од „фиљан извор“, дека профитот, или прометот му се броел во десетици ли беше, стотици лише, милиони евра. Дали беше прометот, или профитот, не сум сигурна, ама шо да е.
Па после лажете, дека не сте му дале вие, него дека другите му дале.
Па после лажете дека не сте знаеле дека таму се прават такви експерименти и мајтапи со луѓето и дека вие појма немате за тоа.
Мора така да лажете, инаку ако не лажете, треба да кажете колку пари сте зеле за тоа и од кај ви се парите за куќите, становите и викендичките што ги испокупувавте по Грчки, Охриди, Хрватски, Германии, Аустрии.
Све сте знаеле и све одело преку ваш амин.
Е сега, прашањето ми е, што сега тоа се краде и лаже, поради што веројатно „смислено“, беше „купена и нарачана“, онаа емисија што пред некој ден ја гледавме сите.
Бидејќи си велам јас со мојов пилешки мозок, „знаеш кога вакво нешто ќе беше одобрено кај нас да се пушти, на телевизија и тоа на државен медиум, ако не е по нарачка!?“ Никад!
Си велам, беше ли ова спремно за да се замачкаат очи со приказнава со Бугариве!? А! Оти у секунда више никој за тоа не збори, сите за ова зборат. Или пак си велам, да не нема врска приказнава за човеков, туку можда он само не е доволно послушен и не ви плаќа рекет, така како што сте се договориле, па сеа сте решиле преку ноќ да му ја скинете главата.
Така што и за вас кои ја пуштивте емисијава си мислам дека лажете, или барем дека подл’жнувате, бидејќи ако не ми ги пуштите сите приказни, за сите што лажат и крадат во државава и ако не почнат еден по еден да се бесат на плоштад, ко шо викаше баба ми, нема никогаш да ви верувам. Та на вас, та на другите. И секогаш ќе мислам дека си ги делите парите меѓу себе.
Ај сеа ти малку, ај сеа ја малку. Ај сеа и овој малку да земе и оној малку да земе.
А ја ракијата и салатата не ви ја давам и вие никогаш нема да можете да кажете дека сте се дружеле со мене и со таквите како мене.
Ај сеа пријатно, одам да мезнам малку, додека вие не знаете главата кај ви е.
Сè си мислам дека кад-тад, ѓаволот ќе си дојде по свое. И ќе почнете еден по еден да висите.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение: