Чек да брцнам во ташнава: Зошто злото е посилно од доброто?!
Имам едно чувство, кое од дете ме нагризува. И еве сум на пола пат од животот, пола век ќе напраам за некој месец, а на таа тема речиси ништо не ми е сменето.
Што да правиш и како да се однесуваш со работите кои не можеш да ги промениш?
Да! Jа знам таа дефиниција дека нештата, кои не можеш да ги смениш едноставно треба да ги прифатиш.
Лесно звучи, прилично е рационално и точно е тоа дека човек со тек на години, како што созрева мора да ја научи оваа вештина. Ама во пракса не е секогаш баш така ни лесно, ни рационално. Особено за „срчани“ луѓе, или за луѓе чии темперамент лавини покрева.
Зашто на вакви луѓе кога самиот живот ќе им рече, не може „тоа и тоа“, просто како да им се активира темпирана бомба и одма адреналинот низ уши почнува да им чури.
Згора на тоа, се чини дека како се старее, така и „содржината“ на тешко прифатливи нешта се менува.
Ако како дете не ти било јасно зошто мајка ти не ти купува сладолед тогаш кога ти сакаш, туку тогаш кога таа сака, или зошто татко ти, кога ќе рече „НЕ“, тоа едноставно мора да биде така и никако поинаку и зошто на тоа, што тој го мисли не смее да има приговор.
Секогаш имало „марш у соба“. Некогаш со поблаг тон, некогаш само со поглед од кој ти смрзнува крвта, ама поентата била таа.
Тргај ми се од пред очи.
Демек работава е да идеш у соба, да седнеш и да си размислиш и да ти стане јасно зошто на пример мајка ти не те пушта да преспиеш кај другарка ти.
„Нацки“. Никогаш не ми било јасно.
Тоа па, „ќе биде ја како што ќе кажам, или додека ја те ранам има да слушаш, или најстрашното од овие „кад порастеш, кашче ти се само“, мислам дека душата ми ја извадија цело детсво. А бе ќе си пукнев. Само седев у соба, колку да пројде време и кроев планови како да „измајмунисам“.“.
За волја на вистината бев дете кому итроштината, пркосот и снаодливоста ми ги беа дале Наречниците на трета вечер, па секогаш си наоѓав тајни ходници низ кои успевав да се протнам. Да си истерам по свое и никој да не знае.
Ах колку ми биле слатки овие победи.
Иако родителите тврдат дека сè што сме правеле, ним им било јасно, ама се правеле будали, па не пуштале. Мислам дека врска нема ова.
Тоа само сакаат да се прават паметни.
Ем паметни ем ѓомити фини, колку тоа они биле големи.
Демек ваму ако ме прашаш не може, ама ако не те фатам, ќе се правам будала. Како не бе.
Колку ја што знам син ми што прави.
И знам и не знам.
Ако детето ти е итро и ако сака да те зезне, ќе те зезне.
Многу ми е долга листата на тие нешта кои едноставно не можеш да ги промениш, а не можеш ни да ги прифатиш.
И сè уште си пукнувам со исто „темпо“.
На пример како тоа банките станаа најголемите „овластени лихвари“ во државава. Еве последно ми го наплаќаат пост-терминалот илјада денари секој месец.
„Хочеш-неќеш“. Ко те пита.
Па после како најголемите „суруши“ станаа највлијателни личности!?
Не само кај нас. Во светот.
Рецимо исто така не ми е јасно, како на еден негативен коментар ќе се закачат сто души, а позитивниот коментар никој нема ни да го примети.
Банална е оваа тема, ама ме боли кога гледам вакви нешта секој ден. И исто така тешко ми е да го прифатам ова.
Па после не ми е јасно зошто некои луѓе крадат и трпаат милиони у тоа џеповите. За кај им се, за што им се.
Не ми е јасно ни тоа, зошто злото многу често го победува доброто.
Зошто го сменивме името!?, ни тоа не разбрав баш до крај.
Ич, ама ич не ми е јасно зошто кај нас се повеќе има безработници и лешинари. Дома ќе седи и ќе бара пари од мајка му, ама за триста евра не ти иде бе да работи.
Овие од администрација исто така не ми се јасни. Не ли им е јасно дека приватниот сектор ги финансира сите нивни службени патувања, патарини, дневници повисоки плати. Просто како душа да немаат. Нели чувствуваат дека секој ден ја снеможуваат државава. Не ли им е жал за роднината земјоделец кој едвај врзува крај со крај.
Овие од владава ич да не праам муабет за нив.
Толку ли бе не им се повраќа, кога ќе се погледнат сабајле во огледало.
Исто ѓубриња се и оние по светот. Сèвезден на некои самити во хотели од по сто ѕвезди решаваат те за нафтата, те за климата, те за водата, а на секои пет секунди во Африка умира по едно дете од глад. Ах неправдо.
Многу, многу работи не ми се јасни и ми се иде да пукнам, а морам да ги прифатам.
Но последново кое секој ден ми ја нагризува душава и тоа не по малку, него по многу е војната Русија-Украина.
Всушност не знам дали е војна помеѓу Русија и Америка, или помеѓу Европа и Русија, можеби помеѓу Европа и Америка. На стрелање да ме ставиш нема да знам да кажам.
И на стрелање да ме ставиш нема да можам да прифатам. А морам.
И сега си имам тајни ходници, низ кои си се протнувами и го „мајмунисувам“ животот. Се праам будала и си праам да ми биде убаво. Мора да се живее, викаше баба ми. И за време на војна, се раѓаат деца и за време војна, ручек се прави.
Само што разликата од порано е во тоа што сега имам страшна грижа на совест кога мене ми е убаво, а таму некој џитка бомби, а друг гине. Па кој год да е од едната, или од другата страна.
Не знам дали некогаш ќе научам да го прифаќам, она што не можам да го променам.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин