Те озборува, а те сака.. Те бакнува во образ, а те мрази

Паметни луѓе се ова. Ја примаат неработата од Истокот, удобниот живот од Западот.. Никаде не брзаат, зашто самиот живот брза.. Не ги интересира да видат што ќе биде по утрешниот ден, ќе дојде она што е предодредено, а од нив малку нешта зависат; заедно се само во неволјите, затоа и не сакаат често да бидат заедно; тешко некому веруваат, а најлесно е да бидат измамени со убави зборови; не личат на херои, а најтешко е да ги заплашиш со закана; долго не се осврнуваат на ништо, сеедно им е што се случува околу нив, а потоа одеднаш загрижени се за сè, сè ќе превртат на глава, па повторно стануваат спијачи, и не сакаат да се сеќаваат на ништо што се случило; се плашат од промените зашто често им нанесувале зло, а лесно им досадува еден човек па дури и ако им правел добри дела.

Чуден свет, те озборува а те сака, те бакнува во образ а те мрази, ги исмева благородните дела а ги помни низ многу пасови, живее и со надеж и со севап и не знаеш што и кога ќе надвладее. Лошите, добрите, благите, суровите, неподвижните, бурните, отворените, скриените, во сите нив се и истовремено меѓу нив. А на крајот на краиштата се мои и јас сум нивен, како река и како капка, и сето ова што го зборувам како да го зборувам за себе.

Си мислев нема кој да слуша!?! Има, како нема, слуша мојата душа!!!

А ние не сме ничии, секогаш сме на некоја меѓа, секогаш нечиј мираз. Тогаш зарем е чудно што сме сиромашни? Со векови се бараме и се препознаваме, наскоро нема да знаеме ни кои сме, веќе забораваме и дека сакаме, другите ни оддаваат чест да одиме под нивно знаме зашто наше немаме, нè мамат кога сме потребни, а нè е отфрлаат кога ќе бидеме ислужени, најтажен вилает на светот, најнесреќните луѓе на светот, го губиме своето лице, а туѓото не можеме да го примиме, откинати а не прифатени, туѓи секому, и на оние кои ни се роднини, и на оние кои не нè примаат за свои. Живееме на границата меѓу световите, на границата на народите, секому на удар, секогаш виновни некому. Врз нас се кршат брановите на историјата, како врз гребен. Силата ни здодеа, и од неволјата создадовме добродетел: од презир станавме умни.

Тогаш што сме ние? Лудаци? Несреќници? Најзамрсените луѓе на светот. Со никого историјата не се има пошегувано како со нас. До вчера бевме она што сакаме денес да го заборавиме. Но, не станавме ни нешто друго. Стоевме на пола пат, вџашени. Веќе немаме каде. Истргнати сме, а не сме прифатени. Како истек што течението го одвоило од мајката река , и веќе нема ни каде да се влее, премногу малечок за да биде езеро, премногу голем за земјата да го впие.
Со нејасно чувство на срам од потеклото, и вини заради отпадништвото, не сакаме да гледаме назад, а нема каде да гледаме напред, затоа го задржуваме времето, во страв од какво и да е решение. Нè презираат и браќата и дојденците, а ние се браниме со гордост и омраза. Сакавме да се зачуваме, а така се изгубивме, што веќе не знаеме ни што сме. Несреќата е што го засакавме она наше мртвило. А сè се плаќа, па и оваа љубов.

Зарем ние случајно сме вака претерано меки и претерано сурови, разнежнети и тврди, весели и тажни, подготвени секогаш секого да изненадиме, па и себе? Зарем случајно се заколнуваме за љубов, единствената извесност во оваа неодреденост? Зарем без причина пуштаме животот да преминува преку нас, зарем без причина се уништуваме, поинаку отколку Џемаил, но исто толку сигурно. А зошто го правиме тоа? Затоа што не ни е сеедно. А кога не ни е сеедно, значи дека сме чесни. А кога сме чесни, секоја чест за нашата лудост.

Меша Селимовиќ