Црпиме инспирација од македонските традиционални рецепти, со експериментирање на нови вкусови и техники: Елена Џајковска, сопственик и главен готвач во Гранче

Добивај вести на Viber

„Ако готвите со љубов, секој рецепт ќе успее“, така велат постарите и не се далеку од вистината, а така вели и Елена Џајковска, сопственик и главен готвач на уникатниот ресторан „Гранче“.

Долго се двоумела, но на крај одлучила да направи пресврт во кариерата - 10 години работела нешто сосем друго, а потоа целосно се посветила на готвењето. Така се родила идејата за „Гранче“.

Зошто токму тоа име Елена го избрала за својот ресторан ни открива во интервјуто за Женски магазин.


* Како се роди идејата за „Гранче“ – раскажете ни ја вашата приказна?

- Љубовта кон готвењето се провлекувала низ целиот мој живот. Неделните ручеци во мојата фамилија од секогаш биле посебен чин во кој до ден денес уживам. Се разгоре додека студирав телекомуникации, бидејќи тоа ми беше единствена релаксација меѓу спремање испити. Го засакав уште повеќе кога ја запознав Аида, кога непрекинато зборувавме за храна и решивме да започнеме со Миси Онион. Работев 10 години во Македонски Телеком, но највозбудливи ми беа последните 5 кога после работа со Аида организиравме концептуални вечери. Сфатив дека кога готвам сум среќна и исполнета, посебно кога ќе ги видам луѓето задоволни додека си ручкаат. Се мачев некое време дали да си останам во Телеком, во комфорт зона или да направам чекор. Решив и ете го „Гранче“. Името е инспирирано од Петре М. Андреевски. А, кумата е мојата братучетка Весна. Таа еднаш ми раскажа дека кога се родила на 22ри март, Петре ги дал следниве имиња како предлог: Весна, Марта или Гранче. Од тогаш тоа име некако ме прати и кога решив да го отворам „Гранче“ тоа беше најубавото име што можев да му го дадам на тој мој нов почеток. 

*Што е она што го издвојува „Гранче“ од останатите – со што ги „купувате“ оние кои прв пат ќе дојдат?

- „Гранче“ е мало бистро направено со многу љубов. Тежнееме кон користење на свежи, локални, сезонски производи кои ги избираме со голема грижа и внимание. Се што правиме е приготвено од нашиот прекрасен тим во кујна и послужен од тимот со подеднаков ентузијазам.

Служиме доручек од 10:00 до 14:00 часот и мало мени за ручек, од 14:00 - 17:30 часот, кое се менува според сезоната. Сакаме да креираме комфортни јадења, кои вооедно изненадуваат и воодушевуваат. Тоа го правиме црпејќи инспирација од македонски традиционални рецепти на кои им даваме твист или со експериментирање на нови вкусови и техники.

Уживањето е надополнето со ентериерот во кој ќе најдете безброј детали дизајнирани и изработени со љубов и посветеност од монозеро.

Се трудиме да бидеме општествено одговорна компанија, грижејќи се за своите вработени, заедницата и природата.

* Каде ја наоѓате инспирацијата за рецептите – сама ги смислувате или пак Интернетот ви помага?

- Постојано истражувам и пробувам. Читам книги со рецепти, блогови за храна, пратам серијали и филмови. 

*Кој е ваша најголема поддршка во ова што го правите?

- Мојот партнер е мојата најголема поддршка. Без него никогаш немаше да постои „Гранче“. Со него заедно го создадовме и го развивавме. Тимот во „Гранче“ е секојдневна поддршка. Фамилијата и најблиските пријатели се постојано тука, посебно сестра ми која е дел од тимот.

*Колку ги следите светските трендови за здрава храна, колку тие се вклопени во менито на „Гранче“?

- Менито на „Гранче“ се состои од балансирани оброци со свежи и локални производи. Светските трендови за Farm To Table ни се инспирација и пробуваме колку што може максимално да ги вклопиме во нашиот концепт. 

*Колку е напорно готвењето во „Гранче“?

- Готвењето во „Гранче„ не е вооптшто едноставно, бара многу фокус, концентрација, енергија и контрола на квалитет. Дополнително, освен готвењето има и многу други работи на кои треба да се мисли, набавки, дистрибуција, финансии.

*Планирате ли проширување на бизнисот?

- Во процес сме на градење на едно ново поголемо „Гранче“, при што помалото ќе остане и понатаму да функционира. Тоа големо „Гранче“ ќе ни помогне да го доразвиеме нашиот концепт и да го доближиме до поголем број на луѓе. 

*Што ве мотивира, што е она што ве исполнува, а да не е готвењето ?

- Сите убавини во животот. Дружба со пријатели, иснпиративна и вкусна вечера во некој ресторан, добро вино, патување, изложба…

*Ваш рецепт за успех?

- Дека кога сакаш нешто многу, кога си легнуваш и стануваш со помислата за тоа, може да стане реалност.


Наталија Миланова

Фото: Приватна архива